fbpx

д-р Бранко Јагликовски одговара на најчестите прашања за скрининг тестови, PSA и останати лабораториски анализи за следење на машко здравје

Во месецот ноември посветен на машкото здравје, во целиот свет се спроведува „Movember“ – движење кое има цел зголемување на свесноста кај машката популација за нивното здравје и  превенција на одредени заболувања, како што се ракот на простата, ракот на тестиси и слично.

Авицена Лабораторија е институција која се стреми кон унапредување на здравјето и секогаш ги поддржува настаните од овој тип.  За таа цел, д-р Бранко Јагликовски, специјалист по медицинска биохемија од Авицена Лабораторија ќе ви одговори на најчестите прашања поврзани со значењето и важноста на лабораториските анализи во интерес на машкото здравје.

Што е скрининг и зошто се важни редовните контроли на крвта?

Скрининг подразбира примена на лабораториски тестови за рана детекција на болести, во момент кога не се присутни симптомите на болеста.

Важноста за редовни контроли на крвта треба да се сфати сериозно и да се стави на врвот на листата на приоритети. Само на тој начин заедно со лекарскиот преглед може да се добие јасна слика за здравјето.

Раната детекција на потенцијални здравствени проблеми овозможува полесно, побрзо и поефикасно решавање на проблемот, а во некои случаи и спасување на живот.

Кои  задолжителни прегледи/анализи кои треба да ги направи секој маж?

Потребата од лабораториски анализи и нивната динамика/фреквенција зависи од повеќе фактори како моменталната здравствена состојба, возраста, медицинската историја на пациентот итн. Согласно тоа се менува и типот на анализи кои треба да се направат.

Рутинската крвна анализа и анализа на урина се основна дијагностичка алатка за брза и јасна слика на моменталното здравје и се препорачува да се прават најмалку 2 пати годишно. Патолошки отстапувања на референтите вредности индицираат почести контроли и наметнуваат потреба од дополнителни анализи.

Заболувањата на кардиоваскуларниот систем сеуште остануваат водечка причина за смртност, како во целиот свет, така и кај нас. Истражувањата покажуваат дека кај мажите, за разлика од жените, овој тип заболувања започнуваат порано, а кога се работи за превентивни прегледи, бројките велат дека жените имаат 33% поголема веројатност да го посетат својот лекар, за разлика од мажите.

Во Авицена Лабораторија се достапни сите маркери за ран скрининг, утврдување на ризик за кардиоваскуларни болести или следење на веќе започната терапија. Освен рутинскиот липиден статус во крвта, со проверка на „добриот” и „лошиот холестерол”, постојат и маркери кои го покажуваат статусот на мастите кој не зависи од исхраната и е поврзан со генетската предиспозиција на организмот, како и маркери кои може да предвидат иден развој на кардиоваскуларни болести, во комбинација со клинички преглед од лекар.

Малигните заболувања се втора причина за смртност низ целиот свет, а карциномот на простата е едно од најчестите малигни заболувања кај мажите. Почнувајќи од денес во Авицена Лабораторија е достапен попуст на анализата PSA во текот на цел месец ноември.

Препораките се дека секој маж над 50 години, би требало да направи скрининг со преглед и одредување на PSA во крвта. Оваа граница се намалува на 45 или 40 години, доколку пациентите имаат висок ризик, како на пример болеста да ја има близок член од семејството.

Во Авицена Лабораторија постојат современи лабораториски тестови, кои во комплет со клиничкиот преглед, овозможуваат ран скрининг на карциномот на простата, како и други туморски маркери, кои им служат на лекарите за проценка на состојбата кај одредени групи на пациенти.

Сексуално-преносливите заболувања се голема група на болести кои ги зафаќаат и мажите и жените и многу е важно истите да бидат препознаени и откриени на време, за да немаат посериозни последици и за репродуктивното и за општото здравје кај секоја индивидуа.

Во Авицена Лабораторија се прават високосензитивни тестови за сексуално-преносливи болести, од различни типови примероци, за детекција на различни причинители на заболувања, кај пациенти со и без симптоми на некоја болест: хламидија, гонореја, генитален херпес, сифилис, генитални брадавици-ХПВ, ХИВ-сида и мн.др.

Точниот и прецизен лабораториски резултат има витална улога во скринингот на различни заболувања, точна дијагноза, проценка на ризик, мониторинг на терапија, прогноза и многу други аспекти кога е потребно донесување на важни медицински одлуки и решенија.

За сeкакви прашања и дополнителни информации, контактирајте нѐ на 02 3179 001 или посетете ги нашите лаборатории.