fbpx

Нови лабораториски анализи во Авицена Лабораторија

Почитувани,

Ве информираме дека во Авицена Лабораторија почнаа редовно да се работат следниве лабораториски анализи:

ИНВАЗИВНА КАНДИДИЈАЗА – INVASIVE CANDIDIASIS (CAGTA) VIRCLIA® IgG MONOTEST

Тестот е наменет за детекција на Кандида кај имуносупримирани болни, болни во интензивна нега, со хемотерапија, со СИДА, после терапија со антибиотици со широк спектар и слично. Овој тест е единствен во Македонија кој ја детектира инвазивната кандида во крв или серум со високо сензитивен и специфичен хемилуминисцентен метод и може да оддели дали се работи за инвазивна кандидијаза или колонизација. За разлика од конвенционалните методи каде за детекција на кандида се потребни и до 2 недели, овој метод е побрз – времето за изработка е 24 часа.

HERPES SIMPLEX 1+2 VIRCLIA® IgM MONOTEST

Тестот служи за детекција на примарна инфекција со херпес симплекс вирусот (ХСВ). Медицински се значајни два типа ХСВ 1 и ХСВ 2. Најчеста манифестација на инфекција со ХСВ 1 е гингивостоматитис, конјуктивитис, кератирис, но познати се и случаи со сериозни фарингитиси и енцефалитиси. ХСВ 2 е најчест предизвикувач на генитални улцери во западниот свет, а како последица дава неонатални асептични менингити. Овој тест со помош на високо сензитивен и специфичен хемилуминисцентен метод детектира ИгМ антитела и тогаш кога нема видлива промена на слузокожата.

PARVOVIRUS VIRCLIA® IgM MONOTEST

Тестот го детектира и Parvovirus B19 кој се пренесува меѓу луѓе. 50% од популацијата се инфицира со овој вирус во детството како лесна болест со еритем најчесто на образите (т.н. петта болест). Кај возрасните Parvovirus B19 се манифестира најчесто како артритис без исип. Најважната компликација од Parvovirus B19 е во бременоста. Бидејќи вирусот ја поминува плацентата и го инфицира фетусот, може да предизвика хидропс и фетална смрт, особено во првата половина од бременоста. Вирусот се пренесува од човек на човек во рана фаза, уште пред појава на симптомите, инкубациски период е 4-21 ден. Parvovirus B19 не се култивира и затоа се докажува со серолошки методи уште во акутната фаза на болеста, а IgM антителата може да се детектираат 7-10 дена од моментот на инфекција и можат да останат покачени и до 3 месеци по инфекцијата. Овој тест е високо сензитивен и специфичен и користи хемилуминисцентен метод за детекција на ИгМ антитела уште во акутната фаза на болеста.

VARICELLA-ZOSTER VIRCLIA® IgM MONOTEST

Varicella Zoster Virus припаѓа на херпесвирусите и предизвикува два вида на заболувања: сипаници кај деца и адолесценти и херпес зостер кај возрасни. Варичелата е фебрилна болест со генерализиран везикуларен oсип, при која после оздравување вирусот може да остане латентен со децении. Ако настане реактивација (особено кај имунокомромитирани и постари лица) лезиите се унилатерални и локализирани на дерматоми. При примоинфекција симптомите се појавуваат по инкубација од 10-21 ден. Детекцијата на IgM е есенцијална кај докажување на варичела, честопати и кај херпес зостер. Методите како овој, кои се базирани на докажување на гликопротеини, се посензитивни особено кај вакцинирани пациенти. Високо сензитивниот и специфичен хемилуминисцентен метод кај овој тест ги детектира ИгМ антителата уште пред појава на карактеристичниот исип од вирусот.

Забелешка: Тестовите се работат од серум или плазма кои по земањето треба да се чуваат на температура 2-8℃до 7 дена. Хиперлипемични, хемолизирани или контаминирани примероци не се тестираат.