Холестерол и атеросклeроза

Холестеролот е стероидно соединение кое настанува со разградувањето на мастите. Бидејќи холестеролот учествува во создавањето на жолчната киселина, на половите хормони и на хормонот на надбубрежната жлезда, тој е од есенцијално значење за нормално функционирање на организмот.

Холестеролот се разнесува во крвта носен од протеините (белковините) во плазмата, градејќи комплекс наречен липопротеин.

Постојат два типа на липопротеини:

• липопротеини со мала густина т.н. „лош“ холестерол (ЛДЛ), кои во себе носат голема концентрација на холестерол и

• „добар“ холестерол (ХДЛ) – липопротеини што носат мала концентрација на холестерол.

ЛДЛ го носи холестеролот во крвните садови и создава во нив атероматозни наслаги (плаки) кои предизвикуваат стеснување на луменот на крвните садови и со тоа доведуваат до срцеви,мозочни и други заболувања.

ХДЛ, пак, ја создава еластичноста на крвните садови и неговиот недостаток во организмот ги прави крвните садови крути и нееластични. Скоро 2/3 од холестеролот се синтетизира во црниот дроб (800 -900 милиграми), а само 1/3 се внесува со храната.

Атеросклероза

Атеросклерозата е процес на таложење на мастите во внатрешниот sид на големите и средни артерии. Во почетокот тоа се ситни кристали на холестерол, кои постепено создаваат наслаги (плаки), кои го стеснуваат луменот накрвниот сад. Потоа следува фиброзирање и стврднување на sидот на крвните садови. Со тоа крвните садови се подложни на прскање. Овие промени на внатрешноста на крвниот сад доведуваат до згрутчување на крвта или доведуваат до појава позната како тромбоза.

Причини за атеросклероза има повеќе, а најчеста е зголемена концентрација на холестерол во облик на липопротеин со мала густина (ЛДЛ). Факторите, кои водат до зголемен ризик за развој на атеросклероза се делат во две групи:

- Модифицирачки фактори- тoa се пушењето, физичка активност, начинот на исхрана и др.

- Немодифицирачки фактори- полот, возраста, генетски фактори

- Останати фактори- дијабетес ( шеќерна болест), дебелината, зголемени нивоа на ЛДЛ, хомосцистеин, триглицериди, урична киселина и други супстанци во крвта, хипертиреоидизам и други состојби.

Што е зголемена концентрација на холестерол во крвта?

За здрави лица, во чие семејство нема срцеви заболувања, нивото на вкупниот холестерол во крвта не би требало да е поголем од 5.2 mmol/l , при што ХДЛ да е поголем од 1 mmol/l , а ЛДЛ да е помал од 3 mmol/l. Секое зголемено ниво на холестерол над овие референтни вредности (посебно на ЛДЛ холестеролот) ја зголемува опасноста од срцеви заболувања.

Дали жените и мажите подеднакво се во опасност од висок холестерол?

Жените имат помала опасност од заболувања на срцето и крвните садови во споредба со мажите, благодарение на влијанието на заштитното дејство на женските полови хормони (естрогени), но само до менопаузата. Потоа, жените имаат ист ризик како и мажите, а понекогаш тој ризик е и поголем. Мажите се позагрозени од жените, бидејќи машкиот полов хормон, тестостерон, го намалува нивото на ХДЛ холестеролот, кој па делува заштитно спречувајќи ги наталожувањата на масните наслаги на sидовите на крвните садови.

Дали може зголеменото ниво на холестерол во крвта да предизвика инфаркт?

Зголемениот холестерол е најважен причинител за срцев инфаркт. Само по себе, зголеменото ниво на холестерол не предизвикува симптоми, меѓутоа е најважен ризик фактор за атеросклероза, која пак може да предизвикува инфаркт. Затоа, кај лица со срцеви заболувања нивото на ЛДЛ холестеролот во крвта не смее да ги надмине вредностите од 2.5 mmol/l.

Дали зголемената телесна тежина е секогаш знак за зголемено ниво на холестерол во крвта?

Зголеменото ниво на холестерол во крвта не е секогаш поврзано со зголемената телесна тежина. Голема заблуда е дека само луѓето со покачена телесна тежина имаат зголемен холестерол во крвта. Повеќето луѓе најчесто имаат зголемен холестерол, кој е условен од генетско-наследна предиспозиција, иако имаат нормална тежина или се дури и слаби. Сепак, најчесто луѓето со покачена телесна тежина, имаат зголемен холестерол во крвта.

Кај половина од пациентите со зголемено ниво на холестерол во крвта, причина за тоа е неправилната исхрана, а кај другата половина од нив, причина е генетската предиспозиција. Сите продукти од животинско потекло: јајца (жолчка), црн дроб, мозок, путер, павлака, црвено месо, сувомеснати производи, полумасни сирења, содржат заситени масни киселини, кои го зголемуваат нивото на ЛДЛ холестеролот во крвта.

Затоа, здравата исхрана со свежо овошје и зеленчук, редовната физичка активност, престанок со пушењето и намалување на стресот се неопходни фактори за одржувањето на нормалното ниво на холестеролот во крвта.