Донација на Авицена Лабораторија - 5000 бесплатни RT Rеаl-Time PCR лабораториски анализи за коронавирус

Во ситуација кога светот е под закана на пандемијата со новиот вирус ковид-19, потребно е вклучување на сите поединци и компании за што поуспешно справување со кризата и спречување на ширењето на вирусот.

Како општествено-одговорна компанија, а во интерес на заштита на јавното здравје Авицена Лабораторија се вклучува со донација на 5.000 бесплатни RT Real Time-PCR лабораториски анализи за коронавирус (ковид-19), проект што се реализира во соработка со Министерството за здравство и Здравствениот дом Скопје.

Тестирањата се бесплатни за граѓаните што претходно се пријавуваат исклучиво преку МАТИЧНИОТ ЛЕКАР И СИСТЕМОТ „Мој термин“.

На 01.04.2020 год. беше ставен во функција првиот од низата пунктови за земање примероци во склоп на Здравствен дом Скопје - Поликлиника Идадија (Млин Балкан).

Сите примероци од овој пункт ќе бидат анализирани во Авицена Лабораторија и целосно на трошок на Авицена Лабораторија, во услови што во целост ги исполнуваат сите светски норми и стандарди за овој тип тестирање. Во Авицена Лабораторија ќе се работи високопрецизен молекуларен RT Real Time PCR тест. Овој тест е CE-IVD сертифициран, валидиран за целосно автоматизирана употреба и со него се прави истовремен скрининг и конфирмација на трите таргет гени од вирусот, со вклучена внатрешна контрола, што е во согласност со нормативите дадени од СЗО, US-CDC и Ch-CDC.

Како што веќе и беше нагласено во конференциите за печат од страна на Министерот за здравство д-р Венко Филипче, ние како приватна здравствена установа преземавме одговорност пред граѓаните и општеството да се вклучиме во борбата против пандемијата. Тоа нè обврзува активно да помогнеме, ставајќи ги на располагање нашите ресурси, искуство и знаење. Наша цел е да се заштитиме меѓусебно и да го заштитиме здравјето на сите граѓани.

Овој тип помош и поддршка е наменета со цел побрзо и поуспешно да се справиме со новонастанатата ситуација, да му помогнеме на нашиот здравствен систем, на сите пациенти и целокупната заедница во која припаѓаме. Само на овој начин, преку одговорно однесување кон заедницата, може да си помогнеме меѓусебно и да го заштитиме здравјето на сите граѓани.

Во меѓувреме, сите заедно ја имаме обврската да ги почитуваме мерките издадени од надлежните институции, да покажеме високо ниво на одговорност спрема целата јавност и да се грижиме за сопственото здравје и за здравјето на другите.