Тумор маркери

Што се тумор-маркери?

Тумор маркерите претставуваат супстанции (протеини, ензими, хормони и сл.) кои се лачат во организмот како последица на негов одговор при постоење на некоја бенигна или малигна појава. Нивното мерење и идентификација е корисно за поставување на дијагнозата, како и за следење на прогресот/текот на болеста и успехот од терапијата.

На што укажуваат вредностите на туморските маркери?

При хемотерапија, хормонска и зрачна терапија, движењето на вредностите на маркерите во крвта може да се користи за проценка на делотворноста на терапијата. Доколку вредностите опаѓаат, тоа е показател дека болеста дава одговор на терапијата. Во спротивно, покачените вредности на тумор маркерите при контролните прегледи сугерираат на повторно појавување на туморот или на создавање метастази (и тоа го прават дури шест месеци порано отколку рендгенскиот или ултразвучниот преглед), со тоа тераписката стратегија треба да се промени.

 

Преглед на некои поединечни тумор-маркери:

 

AFP (Алфа - фетопротеин)

Нивото на алфа-фетопротеин во серумот служи како маркер за хепатоцелуларен карцином и метастатски тумор на црниот дроб, како и за проценка на ризикот од појава на дефекти кај плодот ( дефекти на неврална туба, Даунов синдром ).

BR - MA (CA 15-3) ("cancer antigen"- канцер антиген 15-3)

Овој маркер, има најголемо значење во контролата на текот на болеста кај пациентките со малигни неоплазми на дојки. Висината на вредностите на маркерот во голема мера е зависна од активноста на болеста и може да се користи во диференцијално-дијагностички цели при заболувања на дојките на жените. При заедничко одредување на СА 15-3 и СЕА со сигурност од 80% се открива метастазирање на ракот на дојката.

GI - MA (CA 19 – 9)

Овој маркер има значење пред се кај туморите на панкреасот и жолчните патишта. Тумори кои зачестено можат да дадат покачени вредности на СА 19-9 се: малигнитети на панкреасот, карцином на жолчните патишта, карцином на желудникот и на дебелото црево.

OM – MA ( CA 125)

CA 125 во прв ред има значење како туморски маркер за детекција на малигни неоплазми на јајници. Останати заболувања кои можат да дадат покачени вредности на СА 125 се: цироза на црн дроб, акутен панкреатитис (воспаление на панкреасот), акутен олециститис (воспаление на жолчното ќесе) и други бенигни гинеколошки заболувања или воспаленија.

CA 72-4

Туморски маркер за карцином на желудник, чија специфичност е поголема од 95%. Вредностите на овој маркер во серумот се совпаѓаат со стадиумот на болеста. Колку е стадиумот на болеста понапреднат, толку и серумските вредности на CA 72-4 се повисоки.

S 100 протеин

S - 100 има прогностичко значење и дијагностичка вредност кај пациенти со малигнен меланом.

СЕА (carcino-embryonic antigen; карцино-ембрионален антиген)

Неспецифичен тумор-маркер кој се одредува во комбинација со специфични тумор-маркери за следење и прогноза кај заболените од различни видови на карциноми, особено од колоректален карцином. Одредувањето на вредностите на СЕА игра најважна улога кај неоплазмите/ рак на дебелото црево, каде висината на вредностите е директно зависна од стадиумот на туморот.

PAP (простатична кисела фосфатаза) и PSA (простата специфичен антиген )

ПАП, заедно со ПСА се маркери за следење на заболените од карцином на простата. За рано препознавање на карциномот на простатата покрај клиничкиот преглед важно е да се одредат маркерите кои ќе го докажат постоењето на болеста. Тоталниот/вкупен ПСА, киселата фосфатаза и ПАП (простатичната кисела фосфатаза) се најважни маркери за рано откривање на карциномот на простатата.

HE-4 (хуман епидидимис протеин 4) и НЕ-4 + СА-125 (ROMA INDEX)

HE-4 (хуман епидидимис протеин 4) е серумски биомаркер, чија концентрација значително се зголемува кај пациенти со епителијален оваријален карцином и има поголема сензитивност и специфичност од СА-125 маркерот. Се употребува како помош во дијагноза, како и следење на одговорот на терапија кај пациенти со оваријален карцином.

Кога се комбинира заедно со  СА-125 маркерот, во голема мера се зголемува сензитивноста и специфичноста на самиот СА-125 маркер.

Комбинацијата од НЕ-4 + СА-125 (ROMA INDEX) претставува нова алатка за диференцијална дијагноза во утврдувањето дали туморската маса во малата карлица е бенигна или малигна, како кај пременопаузалните така и кај постменопаузалните жени и овозможува стратификација на ризик и насока за понатамошен третман.

ROMA АЛГОРИТАМОТ за пресметување на ризикот од епителниот карцином на овариум се користи за стратификација на пациентките во групи на висок или низок ризик

 

Жени во предменопауза

ROMA > 12.5 % = висок ризик од оваријален епителен карцином

ROMA ≤ 12.5 % = низок ризик од оваријален епителен карцином

 

Жени во постменопауза

ROMA > 14.3 % = висок ризик од оваријален епителен карцином

ROMA  14.3 % = низок ризик од оваријален епителен карцином