Уринaрни инфекции

Уринарниот тракт претставува телесен филтер за исфрлање на вишокот течности. Поради самата анатомија на овој систем, жените се особено подложни на бактерии кои можат да го населат уринарниот тракт и да се размножат - резултирајќи во инфекција на уринарните патишта.

Уринарните инфекции се најчесто бактериски инфекции на бубрезите, мочните канали и мочниот меур. Најчест пат на ширење на инфекцијата (90 %) е преку навлегување на бактерии од кожата околу ректумот и гениталиите кон мочниот меур, како добра за развој на бактерии поради присуството на протеини, шеќери и поволна температура.

Причинители:

Многу микроорганизми можат да предизвикаат инфекции на бубрезите и уринарните патишта, но најчесто инфекциите се предизвикани од Грам негативните бактерии (Escherichia coli, Proteus, Klebsiella, Enterobacter, Pseudomonas). Бактеријата Escherichia coli се детектира кај 80% од болните со акутна инфекција на уринарните патишта. Останатите грам негативни бактерии може да предизвикаат акутни инфекции на уринарните патишта кај болните со уринарен катетер, после уролошки интервенции, при присуство на калкули(камчиња) во бубрезите и при опструкција на истекувањето на мокрачата низ уринарните патишта. Бактерии во уринарниот тракт можат да стигнат и преку крвта од друго жариште (хематогена дисеминација на бактериите). Како ризични групи за почесто јавување на уринарни инфекции се болните од дијабет, бремените жени, жените во менопауза поради дефицит на естрогени и сл.

Симптоми:

Најчесто симптимите се изразени во вид на често и болно мокрење, пецкање при мокрење, често се проследени со ноќно мокрење, како и болки во карлицата и грбот. Урината може да биде заматена или со траги од крв.

Дијагноза:

Дијагнозата на уринарните инфекции се поставува со:

- лабораториска анализа на крв и урина

- микробиолошка анализа на урината-уринокултура со антибиограм

- ехо на уринарниот тракт.

 

Во Авицена Лабораторија се работат сите типови на микробиолошки анализи (уринокултура со АБ, брисеви за Chlamydia Тrachomatis, Mycoplasma, Ureaplasma итн...) за брза и прецизна дијагноза на уринарни инфекции.

Од исклучителна важност е правилното земање на материјал за микробиолошка анализа на урината. По добро направена локална тоалета на надворешните делови на гениталниот тракт, се зема мала количина од средниот млаз (не првиот) на урината. Садот во кој се собира урината треба да биде стерилен. Примерокот (урината) мора да стигне во лабораторијата за анализа најдоцна за 2 часа.

За анализи при кои се одредува 24h урина (целодневна) треба да испиете 6 до 8 чаши вода ( околу 1.5 L ). Урината може да ја собирате во чисто пластично шише ( најдобро од флаширана вода ). Првото утро на собирање на урината, најпрво комплетно испразнете го мочниот меур, ФРЛЕТЕ ја таа урина и забележете го времето. Собирајте ги СИТЕ примероци на урина во текот на денот и ноќта во пластично шише. Точно 24 часа од почетокот на собирањето, комплетно испразнете го мочниот меур и целата урина додајте ја на претходната количина. Овој последен примерок ја комплетира Вашата 24 часовна урина.

Точната дијагноза е особено значајна бидејќи слични симптоми можат да бидат резултат и на инфекции на гениталните органи. Само Вашиот доктор може да направи разлика и да ја постави точната дијагноза. 

Терапија:

Доколку се утврди бактриска инфекција, лекувањето е со антибиотска терапија на начин и времетраење по совет од Вашиот лекар. После завршувањето на препишаната терапија треба да се направи контролна уринокултура (најмалку по една недела од завршување на терапијата). Ако истата не е стерилна треба да се продолжи со антибиотска терапија, а ако е стерилна лекувањето завршува. Се препорачува и земање на поголема количина на течности (вода) и билни чаеви, намален внес на шеќер и рафинирани јаглени хидрати и добра лична хигиена.