fbpx

Светски ден на борба против хепатитис 2021

Секоја година, Светската здравствена организација (СЗО) го одбележува 28-ми јули како Светски ден на хепатитисот со цел  да ја зголеми свесноста за  значењето на вирусните хепатити, особено на хепатитот Б и Ц.

Што е светски ден на хепатитис?

Светскиот ден на хепатитис (WHD) се одржува секоја година на 28 јули, обединувајќи го светот со цел подигнување на свеста и унапредување на превентивните мерки за заштита од вирусот, подобрување на дијагностичките мерки, универзална вакцинација, како и подобрување на третманот на сите засегнати. Во 2021 година овој ден се одбележува под мотото „Хепатитисот не може да чека“. На Светскиот ден на хепатитис, се повикува на свесност за постоење на вирусот низ целиот свет, со цел да се преземе акција, бидејќи хепатитисот не може да чека.

Видови на хепатитис

Вирусниот хепатитис претставува акутно или хронично воспаление на црниот дроб предизвикано од пет вируси на хепатитис: А, Б, Ц, Д и Е,  кои  се разликуваат според начинот на пренесување, популацијата која најчесто ја зафаќаат и според исходот на заболувањето.

Хепатитис А е акутно инфективно заболување на црниот дроб предизвикано од вирусот на хепатитис А (HAV) кое се пренесува по фекално-орален пат. Најчесто поминува асимптоматски или има блага симптоматологија, посебно кај децата под петгодишна возраст, а сериозноста на заболувањето се зголемува со возраста. Хепатитис А не предизвикува хронично заболување на црниот дроб и има ниска стапката на смртност (0,1-0,3%). Хепатитис А може да се превенира преку подобрување на санитарно-хигиенските услови, обезбедување на безбедна храна и вода за пиење и со вакцинација. Достапна е безбедна и ефикасна вакцина. Прележување на болеста создава доживотен имунитет.

Хепатитис Б е заболување на црниот дроб, кое е резултат на инфекција со вирусот на хепатитис Б (HBV). Може да се пренесе преку контакт со инфицирана крв и други телесни течности, преку инјектирање дрога, користење на нестерилен медицински прибор и преку незаштитен сексуален контакт.

Инфицираната мајка може да ја пренесе инфекцијата на своето дете за време на породувањето.  Симптомите во голема мера може да варираат, а многу од оние кои се заразени никогаш не развиваат симптоми.

Достапни се ефикасни вакцини кои нудат високо ниво на заштита и претставуваат најефективен начин за спречување на хепатитис Б. СЗО препорачува сите новороденчиња да добијат вакцина против хепатитис Б што е можно поскоро по раѓањето, по што следат 2-3 дополнителни дози. Во многу делови од светот, широко распространетите програми за вакцинација на доенчињата доведоа до драматичен пад на нови случаи на хепатитис Б.

Хепатитис Ц се шири преку контакт со крв на заразено лице. Инфекцијата може да се настане преку инјектирање на дрога, употреба на нестерилна медицинска опрема други медицински процедури. Преносот на хепатит Ц од мајка на дете е исто така можен. Хепатит Ц може да предизвика акутни и хронични инфекции, но повеќето луѓе кои се заразени развиваат хронична инфекција. Значителен број на оние кои се хронично инфицирани ќе развијат цироза на црниот дроб или рак на црниот дроб. Со новите третмани, над 90% од луѓето со хепатитис Ц може да се излечат во рок од 2-3 месеци, со што се намалува ризикот од смрт од рак на црниот дроб и од цироза. Во моментов нема вакцина за хепатитис Ц, а истражувањата во оваа област се во тек.

Хепатитис Д се пренесува преку контакт со заразена крв. Од Хепатитис Д може да заболат само лица кои се веќе заразени со вирусот на хепатитис Б. Луѓето кои не се заразени со хепатитис Б, можат да го спречат заболувањето од хепатитис Д, со вакцинирање против хепатит Б.

Хепатитис Е претставува фекално-орална инфекција како и хепатитис А, и се шири главно преку контаминирана вода за пиење. Хепатитисот Е вообичаено поминува за 4-6 недели, па затоа нема специфичен третман. Сепак, бремените жени инфицирани со хепатитис Е имаат значаен ризик на смртност од оваа инфекција. Иако хепатитис Е е широко распространет во светот, бројот на инфекции е највисок во источна и јужна Азија. Подобрување на санитарно-хигиенските услови и безбедноста на храната може да помогнат во спречување на нови случаи на хепатитис Е. Постои вакцината за спречување на хепатит Е лиценцирана во Кина, но сè уште не е достапна на друго место.

Во Авицена Лабораторија се достапни ултрасензитивни и специфични тестови за различни типови хепатити, кои се работат на најсовремен, комплетно автоматизиран инструмент на производителот Siemens Healthineers.

Сите анализи со соодветните цени, можете да ги погледнете на следниот линк.