Гестациски дијабет и тест на оптеретување со гликоза (oGTT) кај бремени жени

Што е гестациски дијабет?

Гестациски дијабет (или труднички дијабет) претставува посебен тип на дијабет кој се  манифестира со покачено ниво на гликоза во крвта и за прв пат се јавува во текот на бременоста. Вообичаено се јавува во подоцнежните фази на бременоста, често кај жени кои немале историја на дијабет.

Гестацискиот дијабет најчесто се јавува како последица на хормоналните промени за време на бременоста (поточно заради хормони кои се лачат од плацентата), што може да создадат предиспозиција за развој на инсулинска резистенција. Инсулинот е хормон на специфични клетки во панкреасот и овозможува ефикасно искористување на гликозата како гориво (енергија). Кога нивото на инсулин е ниско, или телото не може ефикасно да го користи - поради развиената отпорност на инсулин, тогаш нивото на гликоза во крвта се зголемува.

За разлика од другите видови на дијабет, гестацискиот дијабет не е постојан. Во повеќето случаи, гестацискиот дијабет исчезнува по породувањето, но жените кои имаат гестациски дијабет се изложени на зголемен ризик да го развијат повторно со последователна бременост и да развијат друг тип на дијабет во иднина.

 

Кои се симптомите на гестациски дијабет?

Најголемиот дел од бремените жени немаат изразени и забележителни симптоми. Со овој тип на дијабет, проблемот е во тоа што бремената жена не ги забележува овие симптоми или ги поврзува со друга состојба. Оттука, голем број гестациски дијабетичари остануваат недијагностицирани.

Најчести симптоми кај гестациски дијабет се:

► Невообичаена жед

► Често и обилно мокрење (за разлика од раната бременост кога мокрењето е често, но оскудно)

► Необичен замор (што понекогаш е тешко да се разликува од вообичаениот труднички замор)

► Покачено ниво на гликоза во урина откриено при рутински тест на урина

 

Кои жени се изложени на зголемен ризик за развој на гестациски дијабет?

Зголемен ризик од гестациски дијабет имаат бремени жени кои:

- Имаат над 40 години;

- Влегле во бременост со прекумерна тежина или кои значително се здебелиле (повеќе од препорачаното) за време на бременоста;

- Страдаат од висок крвен притисок;

- Ако претходно родиле дете со над 4кг;

- Манифестирале гестациски дијабет во претходната бременост

- Имаат дијабетичари во потесното семејство;

- Имале повеќекратни абортуси, предвремено породување;

 

Зошто е важно да се направи oGTT тест?

oGTT (Оral Glucose Tolerance Test) или тестот за толеранција на гликоза помага во дијагностицирање на гестациски дијабет - покачено ниво на гликоза во крвта што се развива за време на бременоста.

Вообичаено, се препорачува бремените жени да направат тест помеѓу 24-та и 28-та недела од бременоста. Тестот може да се направи и порано, доколку се присутни знаци и симптоми на дијабет или постои историја на гестациски дијабет во претходна бременост, секако во консултација со лекар.

 

Како се прави оGTT тест и како да се подготвите?

Пред посетата на лабораторијата.

Неколку дена пред изведувањето на тестот пациентот треба да биде на урамнотежена исхрана (умерен внес на јаглехидрати) и не би требало да се изложува на поголеми физички напори. Би требало да се прекине со земање на поедини лекови кои влијаат на метаболизмот на гликоза (пр. кортикостероиди, диуретици), но само во договор со лекарот. Тестот се прави со претходна припрема која подразбира гладување од 12-14 часа, пред земањето на примерокот за испитување.

 

Во лабораторија.

Тестот на оптеретување со гликоза се прави во лабораторија, во траење од 120 – 180 минути. За време на изведувањето на самиот тест пациентот треба да мирува, не може да јаде, пие и пуши.

Најпрвин се зема примерок од венска крв за да се одреди нивото на гликоза во серумот на гладно. Откако ќе се измери нивото на гликоза на гладно, на пациентот се дава да испие претходно подготвен раствор од гликоза со позната концентрација, па се мери нивото на гликоза во крвта во одредени временски интервали (после 1 час и после 2 часа). За целото ова време на изведување на тестот, пациентот е потребно да мирува и да седи.

 

ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА

За пациентите кои тестот на оптеретување на гликоза во Авицена Лабораторија го прават на товар на ФЗОМ, со упат од лекар, потребно е претходно закажување на📞02 3179 001 или на приемен пулт во лабораторија.

Тестот се прави од понеделник до петок во лабораторијата во нас. Тафталиџе.