fbpx

Како да ги подготвите Вашите деца за посета на лабораторија

Препораки од Николина Мечкаровски, раководител на приемниот оддел во Авицена Лабораторија

Подготвувањето на децата за лабораториски анализи може да биде вистински предизвик. Обидете се смирено и разбирливо да ги објасните фазите низ кои ќе помине детето, уверувајќи го за вашето присуство, како родител покрај него во текот на целиот процес.

Во продолжение прочитајте неколку совети кои можат да ви помогнат да го подготвите вашето дете за посета на лабораторија.

БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

Пред да дојдете во лабораторија, информирајте се за сѐ она што може да ви создаде грижа или не ви е доволно јасно. Со ова, вие ќе бидете спокојни и смирени. Доколку вие самите сте вознемирени, многу веројатно е дека и вашето дете ќе се вознемири.

Пред да ја посетите нашата лабораторија, за подетални информации во врска со лабораториските анализи и целата процедура на земање примероци можете да не побарате на телефонскиот број 02 3179 001. Ви стоиме на располагање!

ПОСТАВЕТЕ РЕАЛНИ ОЧЕКУВАЊА

Едно од најдобрите нешта е да му кажете на вашето дете што вистински ќе се случува. Наместо да му кажете дека земањето крв од прст или вена воопшто нема да боли, доколку возраста на детето е соодветнa, пробајте да му објасните на детето дека земањето примерок трае многу кратко, минималната болка веднаш поминува и дека цело време ќе бидете до него. Пред да влезете во просторијата, разговарајте за тоа кого ќе види детето и што ќе направат, за детето да има реални очекувања.

Ако сметате дека е потребно, дајте ветување за некоја заедничка забавна активност која може да ја направите после посетата на лабораторијата. Така, детето ќе знае што да очекува, а помислата за активноста, наградата или охрабрување ќе го натера да сака да соработува со медицинскиот персонал. После земањето примерок, пофалете го за неговото однесување.

Во нашата лабораторија вработените кои земаат примероци и оние кои ве пречекуваат на наплатниот пулт носат шарени униформи со цел да се избегне стравот кај децата од белите мантили. Во склоп на нашата лабораторија во Скопје, населба Тафталиџе е достапен комплетно нов, уникатен простор за прием на дечиња, сè со цел подобрување на корисничкото искуство и овозможување на квалитетна грижа за здравјето на нашите најмали клиенти.

Детско катче се наоѓа веднаш до влезот на хотелот „ТЦЦ Гранд Плаза“, ориентиран кон бул. „8 Септември“. Просторот е целосно реновиран, преуреден и уникатно дизајниран, се состои од приемен дел, чекална и две простории наменети за земање примероци и друг материјал исклучиво за дечиња и трудници. Со ова се овозможува децата да имаат посебен интерактивен простор само за нив.

Детското катче е соодветно опремено и прилагодено за потребите и интересите на децата од најразлична возраст и има единствена цел, престојот во лабораторија да биде исполнет со забава, игра и смеа.

Посетете го нашето детско катче во Авицена Лабораторија Скопје, населба Тафталиџе!

ПЛАНИРАЈТЕ ГО ВРЕМЕТО НА ПОСЕТА

Планирајте ја посетата кога Вашето дете не е изморено и гладно. Доколку е потребно да се направи тест на гладно, направете го тоа како прво нешто во денот, и понесетe некоја ужинка која ќе му ја понудите по земањето примерок.

РАЗГОВАРАЈТЕ СО ВАШЕТО ДЕТЕ

Вие си го познавате вашето дете најдобро. Разговарајте со него пред да дојдете во лабораторија. Измислете некоја игра во која ќе се натпреварувате кој ќе издржи да седи мирен подолго. Научете го детето длабоко да земе воздух дури броите до 3 и да издише. Вежбите со дишење ќе му помогнат на детето само да има контрола врз своето тело.

ОДВЛЕЧЕТЕ МУ ГО ВНИМАНИЕТО

За време на вадењето крв, најдобро е и мислите и очите на детето да не се насочени кон самата ланцета или игла. Имајте на ум алтернативен фокус, како што е гледање интересна книга што сте ја донеле или пеење омилена песна. Земете некоја играчка од околината или понудете му да погледне во цртаниот филм.

Како и кај возрасните, така и кај децата, режимот на исхрана 24 часа пред посетата на лабораторија од суштинско значење. За повеќето лабораториски испитувања на крвта неопходна е припрема која подразбира земање на примерок (на празен стомак) наутро, 12 часа од последниот оброк. Ова е неопходно затоа што консумацијата на храна во периодот пред земањето на крвта доведува до пораст на одредени биохемиски параментри.

Еден ден пред лабораториските анализи:

Треба да се консумира лесна храна (најдобро варена, не пржена);

  • Храната да не е преоптеретена со масти и шеќери;
  • Последниот оброк да не е обилен и да е најдоцна до 19 часот;
  • Децата често се многу енергични и полни со живот, а дел од нив се занимаваат и со одредени спортови. Сепак, се препорачува да се избегнуваат интензивни спортови еден ден пред посетата на лабораторијата, бидејќи активноста може да се одрази на резултатите на поединечни ензими.