Како да го подготвите Вашето дете за посета на лабораторија?

Прочитајте неколку совети кои може да Ви помогнат да го подготвите Вашето дете за посета на лабораторија.

 

1. БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ


Пред да дојдете во лабораторија, информирајте се за сѐ она што може да Ви создаде грижа или не Ви е доволно јасно. Со ова, Вие ќе бидете спокојни и смирени.Доколку Вие самите сте вознемирени, многу веројатно е дека и Вашето дете ќе се вознемири.

 

2. ПОСТАВЕТЕ РЕАЛНИ ОЧЕКУВАЊА


Едно од најдобрите нешта е да му кажете на Вашето дете што вистински ќе се случува. Наместо да му кажете дека земањето крв од прст или вена воопшто нема да боли, доколку возраста на детето е соодветнa, пробајте да му објасните на детето дека земањето примерок трае многу кратко, минималната болка веднаш поминува и дека цело време ќе бидете до него. После земањето примерок, слободно пофалете го за неговото однесување.

 

3. ПЛАНИРАЈТЕ ГО ВРЕМЕТО НА ПОСЕТА


Планирајте ја посетата кога Вашето дете не е изморено и гладно. Доколку е потребно да се направи тест на гладно, направете го тоа како прво нешто во денот, и понесетe некоја ужинка која ќе му ја понудите по земањето примерок.

 

4. РАЗГОВАРАЈТЕ СО ВАШЕТО ДЕТЕ


Вие си го познавате Вашето дете најдобро. Разговарајте со него пред да дојдете во лабораторија. Измислете некоја игра во која ќе се натпреварувате кој ќе издржи да седи мирен подолго. Научете го детето длабоко да земе воздух дури броите до 3 и да издише. Вежбите со дишење ќе му помогнат на детето само да има контрола врз своето тело.

 

5. ОДВЛЕЧЕТЕ МУ ГО ВНИМАНИЕТО 


За време на вадењето крв, најдобро е и мислите и очите на детето да не се насочени кон самата ланцета или игла. Земете некоја играчка од околината или понудете му да погледне во цртаниот филм.

 

Децата секогаш добиваат специјален третман и посебно внимание од стручниот тим на Авицена Лабораторија. Веќе добро познатото Детско катче кое се состои од приемен дел, чекална и просторија наменета за земање крв и друг материјал исклучиво за деца, е збогатено со нови содржини, прилагодени на потребите на децата од најразлична возраст. Покрај тоа што се овозможува Вашите деца да немаат контакт со возрасните пациенти во нашата лабораторија, нивниот престој отсега ќе биде уште поинтересен и позабавен.