fbpx

Како да се подготвите?

За повеќето лабораториски испитувања на крвта неопходна е припрема која подразбира земање на примерок (на празен стомак) наутро, 12 часа од последниот оброк. Ова е неопходно затоа што консумацијата на храна во периодот пред земањето на крвта доведува до пораст на концентрацијата на гликоза, холестерол, липиди, протеини, железо и други метаболити.

ВАЖНА НАПОМЕНА ЗА ПАЦИЕНТИТЕ КОИ ЗЕМААТ ВИТАМИНСКИ ДОДАТОЦИ НА ИСХРАНА!

Доколку земате витамински додатоци од групата на б витамини, а потребно е да направите анализи на хормони, тумор маркери и сл., потребно е да го прекинете внесот на овие додатоци (витамини) 7-10 дена пред посетата во лабораторија, заради можни влијанија врз лабораториските анализи.

Еден ден пред лабораториските анализи:

– Треба да консумирате лесна храна (најдобро варена, не пржена, не скара);

– Храната да не е богата со масти и шекери (мајонез, овчо сирење или кашкавал, јагнешко или свинско месо, чоколади, парени колачи, торти);

– Последниот оброк да не е обилен и да е најдоцна до 18 часот;

Пред да дојдете во лабораторијата за земање на крв за изработка на анализи:

– Треба да бидете гладни 10 – 12 часа

– Не треба да консумирате било каква храна, кафе, чај, алкохол, цигари;

– Можете да пиете вода (по потреба);

Пред вадењето на крвта

– Треба да се избегнува физичка активност, затоа што влијае на зголемувањето на нивоата на поединечни ензими ( пр. CK и LDH ).

– ЗАДОЛЖИТЕЛНО ИНФОРМИРАЈТЕ ГО МЕДИЦИНСКОТО ЛИЦЕ ДОКОЛКУ ЗЕМАТЕ НЕКАКВА ТЕРАПИЈА, ДУРИ И ДОДАТОЦИ НА ИСХРАНА.

Треба да се знае дека вадењето на крв за пролактин, кортизол, ACTH, катехоламини, мора да се изведува во состојба на потполна релаксација и мирување (лежење) од 20 – 30 минути. Ова се хормони кои покажуваат изразено дневно варирање т.е. време и профил за вадење на крв и нивното испитување треба да го одреди самиот лекар.

За пациентите кои се на ОРАЛНА АНТИКОАГУЛАНТНА ТЕРАПИЈА се препорачува вадење на крв во утринските часови и земање на вообичаената терапија после вадењето на крвта. Ова важи и за пациентите кои се на било која хронична терапија.

За да се добијат веродостојни резултати, во договор со Вашиот лекар, земањето крв треба да се врши после прекин со терапијата и wash out периодот ( времето неопходно целиот лек да се исфрли од организмот ) – ова особено се однесува на терапија со железо, витамински препарати, хормонска терапија и др.

За преглед на урината и/или уринокултура неопходно е да се земе, после лична хигиена ( тоалета со топла вода и сапун ), првата утринска урина ( среден млаз ) во стерилен сад и во најкраток можен рок да се донесе во лабораторија. Ако не сте во можност да дојдете веднаш, урината може да се стави во фрижидер. Прегледот на примерокот од урина треба да се направи најкасно 2 часа од неговото земање, а максимално 4 часа ако урината се чува во фрижидер.

За анализи при кои се одредува 24h урина (целодневна) треба да испиете 6 до 8 чаши вода ( околу 1.5 L ). Урината може да ја собирате во чисто пластично шише ( најдобро од флаширана вода ). Првото утро на собирање на урината (пример во 8 часот наутро) најпрво комплетно испразнете го мочниот меур, ФРЛЕТЕ ја таа урина и забележете го времето.

Собирајте ги СИТЕ примероци на урина во текот на денот и ноќта. Точно 24 часа од почетокот на собирањето (пример 8 часот следниот ден) комплетно испразнете го мочниот меур и целата урина додајте ја целосната собирана количина. Овој последен примерок ја комплетира Вашата 24 часовна урина.

Тестот на оптеретување со глукоза се прави во лабораторија, во траење од 120 – 180 минути (во зависност од протоколот кој го барал Вашиот лекар). За време на изведувањето на самиот тест пациентот треба да мирува, не може да јаде, пие и пуши. Неколку дена пред изведувањето на тестот пациентот треба да е на урамнотежена исхрана и не би требало да се изложува на поголеми физички напори. Би требало да се прекине со земање на поедини лекови кои влијаат на метаболизмот на гликоза ( пр. кортикостероиди ), но само во договор со лекарот.

Припремата на пациенти за земање на примерок за микробиолошко испитување е од посебно значење, бидејќи може значајно да влијае на резултатите од испитувањето. Сите примероци треба да се земаат пред започнување на антибиотска терапија или неколку дена (најмалку 48h) по прекинот на истата.

Уринокултурата е најчестата анализа во микробиологијата. Подготовката за давање на урина за уринокултура е особено значајна кај жените и малите деца. Потребно е миење на надворешните гениталии со млака вода и сапун, така да млазот оди од напред према назад. Потоа кожата да се исуши, без мачкање на било какви креми. Подготовката за давање на урина за уринокултура кај мажите исто така подразбира миење на гениталиите со млака вода и сапун. Особено внимание треба да се обрати кај децата да се врати кожата на препуциумот и потоа да се измие. Бидејќи првиот млаз на урина практично ги одмива бактериите од кожата и бактериската флора од уретрата, во стерилен сад се зема исклучиво средниот млаз, при што е доволно чашата да се наполни до една третина од нејзиниот волумен. Кај децата исто така е пожелно да се обезбедат услови да можат да мократ директно во стерилниот сад, но ако тоа не е можно, исто така треба да се направи хигиена на надворешните гениталии, да се стави кесичка и да се контролира кога детето мокрело. Тогаш треба да се тргне кесичката и да се донесе во лабораторијата.

Кога е можно, примерокот на урина треба да се зема наутро, така што пациентот во текот на ноќта не уринира пред да ја даде урината. Со оглед на тоа дека урината е добра хранлива подлога за развој на бактерии, треба што побрзо да се достави во лабораторијата или да се чува во фрижидер додека да се однесе во лабораторија. Доколку хигиената на гениталиите не е добро извршена или ако урината стоела долго време на собна температура во културата ќе се појават голем број на мешани бактерии од кожната, вагиналната или цревната флора.

За испитување на присуство на хламидија, микоплазма или уреаплазма во урината потребно е да се даде првиот млаз ( прв утрински млаз ) кој обично ги собира епителните клетки на уретрата во кои се наоѓаат овие микроорганизми. Ова најмногу се однесува на мажите, бидејќи кај жените за изолација на овие микроорганизми се зема цервикален брис.

При сомнеж на уретитис било да е презивикан од бактерии, хламидија, микоплазма или уреаплазма, се зема уретрален брис и тоа наутро пред мокрењето, а ако тоа не е можно, тогаш кога било во текот на денот, но така да помеѓу последното мокрење и земањето на брисот да поминат најмалку 2 часа.

Брис од грло треба да се зема наутро, пред миење на забите или земање на храна и вода. Доколку мора да се земе во текот на денот, потребно е да поминат барем 2h од последното земање на храна и пијалоци.

Брис од нос треба да се зема пред примена на антибиотска терапија и барем 3 – 4 часа од последното испирање (издувување) на носот. Најдобро би било за микробиолошки преглед да се собере секрет од носот, особено ако е густ и обоен, бидејќи тоа говори во прилог на бактериска инфекција, за разлика од провидниот и воденикаст секрет кој обично ја прати вирусната инфекција.

При земањето брис од грло и нос кај деца, родителите треба да го држат детето во крило, едната рака да се стави преку двете негови раце, а другата рака да му ја стават на чело и така да се придржува главата додека стручното лице му зема брисеви.

Искашлок (sputum) за микробиолошка анализа најдобро е да се зема наутро, пред земање на храна или испирање на устата со дезинфекциони средства и секако, пред започнување со антибиотска терапија. Устата претходно се плакне со обична вода, која се плука а потоа пациентот искашлува длабоко што повеќе искашлок во стерилен сад. Паралелно со анализата на спутумот треба да се направи и брис на усната шуплина. Постојат критериуми на чија основа микробиолошкиот преглед на примерокот под микроскоп заклучува дали примерокот е адекватен, односно дали наместо секрет од бронхиите е дадена плунка, а таков примерок не може да даде валиден резултат, па не би требало понатаму да се разгледува.

Подготовка за генитални брисеви

› Вагинални и цервикални брисеви

(пациентката не би требало да има сексуални односи 24 часа пред земањето на брисевите).

› Уретрални брисеви

(пациентот не би требало да уринира барем 1-2 часа пред земање на брисот).

Секој примерок (серум) во Авицена Лабораторија се чува 7 дена, во случај за потреба за изработка на дополнителни анализи (анализи кои го дозволуваат тоа).

За барање на изработка на дополнителни анализи од вашиот серум ве молиме консултирајте се со персоналот на приемниот пулт.