fbpx

Разговор со Миљана Ристиќ – минатогодинешната победничка на Авицена Женска Трка

Маратонката Миљана Ристиќ, беше победник на ланската  Авицена женска трка која се одржува традиционално секоја година во Скопје. Од вкупно 500 учеснички прва до целта стаса токму таа, која за само за 10 минути и 34 секунди ја заврши трката. По професија е психолог/психотерапевт, а нејзиното хоби е трчање, пливање и велосипедизам.

Дисциплини во кои настапува:

Tрчање на 1500м, 3000м, 5000м, 10.000м, 10км, полумаратон – 21км, крос-кантри и планинско  трчање.

Највисоки достигнувања:

  1. 1500м (Kуп на сениори 01.08.2020) пласман 1-во место
  2. 3000м (Kуп на Македонија за сениорки, Скопје 2020), пласман 2-ро место
  3. 10.000м ( Државно првенство на 10.000м, Скопје 20.04.2018), пласман 2-ро место
  4. 10км ( Скопје Трча 10км, Скопје 07.10.2018), пласман 2-ро место
  5. Полумаратон- 21км ( Виз аир Скопски маратон, Скопје 2020), пласман 1-во место
  6. Полумаратон- 21км ( Виз аир Скопски маратон, Скопје 2018), пласман 1-во место
  7. Авицена Женска трка 2018, 2км – пласман 1-во место
  8. Авицена женска трка 2020, 3км – пласман 1-во место
  9. 5км Трчај Бе – Битола 2019, пласман 1-во место
  10. 3000м и 1500м, Државно првенство на Македонија), пласман 1-во место

Раскажи ни за твојата пасија кон трчањето

Скоро целиот мој живот сум во спортот. Љубовта и можам да кажам „опсесијата“ со трчањето се роди уште во трета година факултет, кога во родното Врање решив рекреативно да правам вежби и да трчам на локалниот стадион. Сретнав мој добар другар и долгогодишен тркач кој се подготвуваше за маратонот „Трчаме кон целта“ во Скопје и одлучив да му се придружам во тренингот. Тој ме поттикна и охрабри да се пријавам со него и да почнам да се подготвувам, што во тој момент се чинеше како „луда идеја“. Се вратив во Скопје и почнав да трчам неколкупати неделно. Делумно подготвена, го паметам денот кога отидов на мојата прва трка која го смени мојот живот во целост. Паметам дека кога пристигнав, ништо не ми беше јасно. Голем број луѓе околу мене кои се загреваат, истегаат, подготвуваат… Не можев да верувам дека вакво нешто постои, ми беше чудно, бев воодушевена. Го паметам секој истрчан километар на таа трка. Ни сама не знам како ја завршив, ама тоа што го тогаш го почувствував го немав почувствувано никогаш во животот. Таа борба од километар до километар, борбa за време, жар и желба да стигнеш до крај, да ја оствариш целта и покрај силната болка која ја чувствуваш, продолжуваш понатаму, не си ги чувствуваш нозете, ама во глава си повторуваш – уште малку. Од тој ден започна сè. На тој ден го запознав и мојот прв тренер кој ме вовлече во оваа опсесија која не престанува, која од ден во ден станува сè поголема. Од тогаш се роди мојата љубов кон овој спорт.

Трчањето мe направи да станам посилна личност. Ментално станав посилна, станав на некој начин самостојна, борбена, истрајна, упорна за работи кои ги сакам, со став да не се предавам. Секоја нова цел ми е нов предизвик, за која во ниту еден момент во ниту една тешка ситуација, препрека, повреда не се откажувам. Трчањето стана дел од мене. Почнав да тренирам многу повеќе, многу повеќе да вложувам во трчањето, во сопственото тело, во исхраната и сето тоа ме прави еден добар посветен аматер. Почнав да навлегувам во овој спорт многу посериозно, тука почнаа и многу посериозни тренинзи и подготовки за трките. Почнав да се натпреварувам, со што го развив мојот борбен дух. Полека но сигурно навлегував во тајните и светот на трчањето. Веќе во првата година од тренирањето, станав државна шампионка во крос-кантри на 6000м под 23 години, државна шампионка на 3000м и 1500м. Во 2018 освоив второ место на државно првенство на 10.000м. Континуирано се рангирам меѓу првите три девојки на „пиедесталот“. За мене најголеми постигнувања се двете победи на Скопски полумаратон, како и истрчаното најдобро време 1:26:30, во 2020-та година. Потоа станав и државна шампионка во крос-кантри на 8000м над 23 години. Станав македонски репрезентативец. Ја претставував нашата земја на Европското првенство во планинско трчање во Камник и во Скопје, на тимско Европско првенство, трета лига, Скопје, Балканско првенство во полумаратон – Приштина, Косово, Балканско првенство во полумаратон – Загреб, Хрватска, тимско Европско првенство, трета лига, Кипар-Лимасол. Kако во секој спорт, така и во овој, кралицата на спортовите, има успеси и падови, но на патот кон успехот ништо не оди како подмачкано. Потребна е целосна фокусираност, посветеност и истрајност! Се случуваат повреди, разочарувања, тешки моменти но најважно од сè е да знаеш како да ги надминеш пречките, да бидеш истраен и да продолжиш во остварување на своите цели и да веруваш во себе дека можеш! Мотивацијата и поддршката кои ги имате од страна се навистина важни. Најголемата сила и во добри и во лоши моменти кои се случуваат во овој ниту малку лесен спорт ја црпам од моето семејство и моите пријатели. Покрај нив, за мојот физички и ментален прогрес круцијална улога има мојот тренер Димитар Петровски, без него можеби и не би имала вакви резултати.

За мене трчањето е двигател на многу работи, едноставно нешто што ме води напред во животот. Денот без трчање за мене не е ден. Секоја нова трка е нов предизвик, во која имам една цел – да се надминам себеси, да се унапредам и да станам подобра личност.

Што би препорачала на учесниците да носат од опрема на Авицена Женска Трка?

За разлика од некои други големи настани, за трките никогаш не избирам најубав пар патики и шорцеви, туку ги носам најудобните парчиња опрема коишто ги имам.  Соодветни и удобни патики се најважни!  Тие треба да бидат соодветни за вашиот стил на трчање и тип на нога, да ви помогнат да работите удобно и без повреда.

Нови патики можат да направат калуси, затоа клучот е – не трчајте во ништо што не сте го тестирале на тренинг пред трката. Без разлика дали се работи за патики за тренинг или трка, важно е да сте ги носеле неколку пати досега и да трчате во нив барем една должина. Јас имам посебни патики кои ги користам за лесни тренинзи, посебни за интервали и посeбени патики за трки, кои се претходно пробани.

Потоа изберете спортски градник дизајниран за трчање и спортски активности и носете го некое време на тренинзите, за да бидете сигурни дека нема да остави гребнатинки или да ве стега, бидејќи сето ова може да ве направи непријатно за време на трката. Избор на чорапи е исто така важен.

Чорапите ги штитат стапалата од калуси и ја апсорбираат потта. Некои претпочитаат потенки, некои подебели. Носете синтетички чорапи, а ако имате специјални чорапи за трчање, толку подобро. Повторно, не заборавајте да ги носите барем еднаш пред трката. Уште еден совет е да изберете опрема направена од технички ткаенини, а не памук, што ќе ја отфрла потта и ќе ја остави опремата сува и удобна.

Според тебе, која е најдобра исхрана која треба да се практикува пред трки како Авицена Женска Трка?

Горивото за нашите мускули е од витално значење за севкупните оптимални перформанси. Главен извор на гориво за мускулите се јаглехидратите, кои се складираат во мускулите и црниот дроб како гликоген, што телото ги користи за енергија. Секој тркач си има свои ритуали и навики пред трка. Бидејќи секое тело е различно, со тоа, не секоја храна одговара за секого. Она што треба секој тркач да го запомни е дека нема експериментирање со храната на ден на трка.

Исто како и со облеката, обувките, така е и со храната. Важно е да бидете сигурни дека сте го земале правилното „гориво“ пред трчање, кое ќе ви помогне да го извлечете својот максимум. Јас практикувам една до две недели пред трка тело да го „наполнам“ со сите потребни нутритивни намирници, кои би придонеле за подобар перфоманс.

На денот на трката, обично станувам 3 часа порано за да го разбудам телото. Појадувам и пијам кафе 2 часа пред самата трка. Мојот појадок вообиачаено е една банана со путер од кикирики или две кришки леб со мармалад,  зависно од трката и едно кафе. Можете да јадете голем оброк околу два до четири часа пред да трката и да му дозволите на вашето тело да ја свари храна, а ако имате помал оброк, тогаш доволно е да почекате 30 минути до два часа пред да започнете да трчате.

Рано наутро, ако се разбудите два часа пред трка, добра опција за оброк се овесните снегулки, тост со цели зрна и мармалад, мусли, мафини или смути. За закуски кои ќе ви ја зголемат енергијата пред трката, фокусирајте се на мали закуски со јаглехидрати, кои имаат висок гликемиски индекс, бидејќи тие се варат и апсорбираат побрзо. Многу е важна и хидратација пред за време и после трката, особено ако е трка во период кога се високи температури. Хидрирајте се добро!

Ацивена Женска Трка е брза и кратка трка, па не би препорачала некој обилен оброк пред самата трка, доволно е да се земе некоја мала закуска која изобилува со јаглихидрати и некое суво овошје.

Накратко за своето учество на Авицена Женска Трка и дали и дали ја препорачуваш?

Досега двапати имам учествувано на Авицена Женска Трка. Моето прво учество беше во 2018 година, кога освоив прво место. Таа трка ми остави посебен впечаток. Покрај добрата конкуренција, бев импресионирана со бројот на девојки кои земаа учество во неа. По ова искуство, се радував на следната женска трка во 2019, но за жал, заради повреда морав да ја пропуштам. Но потоа дојде и онаа во 2020, која навистина со нетрпение ја чекав. Тогаш ја одбранив титулата, односно повторно освоив прво место.

Можам да кажам дека оваа трка навистина се разликува од сите други. Делува мотивирачки за секоја девојка да стане активна, да спортува и да се грижи за своето здравје. Атмосферата е навистина посебна, а поддршката од сите учеснички голема.

Искрено ја препорачувам и сакам да ги охрабрам сите девојки да се пријават, да дојдат и да се уверат зошто Авицена Женска Трка е посебна!