fbpx

Анемија (Слабокрвност)

Крвта е ткиво составено од три типа на клетки – еритроцити (црвени крвни клетки), леукоцити (бели крвни клетки) и тромбоцити (крвни плочки). Еритроцитите се составени од протеин – хемоглобин (Hb) кој во составот има има јон на железо Fe++ и е преносител на кислородот од белите дробови до сите мускули и органи во нашиот организам. Нормален живот и нормално функционирање е невозможно без кислород.

Анемијата е состојба на недостаток на црвени крвни клетки (или недостаток на хемоглобин). Во тој случај, мал број на еритроцити содржат малку хемоглобин, поради што транспортот на кислородот до органите како што се мозок, срце, мускули, е намален. Како последица на тоа се јавува чувство на ментална и физичка слабост. Кога бројот на еритроцитите е намален, срцето работи побрзо за да го компензира недостатокот на кислородот, т.е. со поголем проток на крв да го надокнади недостатокот на кислородот во крвта сиромашна со еритроцити.

Можни причини:

›         Губиток на крв, било да е менструално крварење кај жените, бројни заболувања на бубрезите, зглобовите, крвотворните органи, паразитарни инфекции и други заболувања.

›         Несакани дејства на лекови.

›         Неадекватна исхрана и недостаток на витамини и железо и друго.

Анемијата понекогаш тешко се открива бидејќи раните симптоми се премногу благи. Поради тоа лесно се заменува со тегоби кои се среќаваат кај други болести или после користење на некои лекови. Анемијата може да ја смали животната енергија до тој степен да биде отежнато извршувањето на најосновните активности.

Симптоми:

►     Замор – поспаност

►     Слабост – брзо заморување

►     Вртоглавица и несигурност

►     Бледило на кожата и слузницата на усните, гингивите, конјуктивите, ноктите и дланките

►     Забрзана срцева работа – тахикардија

►     Чувство на студ, особено на екстремитетите

►     Депресија

►     Намалено либидо

►     Пореметен сон

►     Намален апетит

Дијагноза

Лекарите утврдуваат постоење на анемија преку разговор со пациентот за неговите тегоби (анамнеза), преглед на болниот и преку крвната слика. Крвната слика во Авицена Лабораторија се работи на најсовремени автоматизирани анализатори кои даваат информација за бројот на еритроцитите (RBC), леукоцитите (WBC) – со диференцијална слика на поединечни фракции на леукоцитите, потоа бројот на тромбоцитите (PLT), вредноста на Хемоглобинот,(Hb), Хематокритот (Hct).

RBC – претставува број на еритроцити (англиски red blood cells). Хемоглобинот означен со скратеницата Hb, се наоѓа во еритроцитите и учествува во преносот на кислородот. Вашето ниво на хемоглобинот е всушност определената количина на оваа белковина во вашата крв. Хематокритот или Hct, е процент на црвени крвни клетки во крвотокот. За анемија се смета состојбата кога нивото на Hb и Hct е паднато под нормалните вредности, поради што се јавува пореметување во функцијата на органите и системите со однапред наведените симптоми.

Терапија

Доколку анемијата не се лекува, состојбата може да стане сериозна. Освен тоа ниските вредности на еритроцитите може да водат до дополнителни здравствени проблеми: анемијата може да доведе до преоптеретување на срцето и појава на срцеви тегоби, во обид да го поправи доводот на кислород во ткивата. Анемијата може да ги попречува менталните процеси. Кога мозокот не добива доволна количина на кислород, се јавуваат потешкотии во процесот на учење, помнење, а подоцна дури и пишувањето, читањето и извршувањето на секојдневните активности. Доколку анемијата долго трае или симптомите се влошуваат може сериозно да го загрози Вашето здравје.

Пристапите во лекувањето се различни и многу зависат од причината на анемијата. Поради тоа, после констатирањето дека боледувате од анемија, најважно е да се открие нејзината причина. Тоа е можно со стручна помош на лекарот кој одредува стратегии на лекување како што се промена на навиките во исхраната или примена на соодветни лекови. Не се препорачува анемијата да се лекува на своја рака, односно без контрола на лекарот.