fbpx

D-dimer – Што треба да знаеме?

Што е д-димер?

Д-димер  е еден од продуктите на разградба на фибринот, a претставува мал протеински фрагмент кој настанува кога крвниот коагулум (тромб) се разградува во организмот.

Згрутчувањето (коагулацијата) на крвта претставува природен и заштитен механизам на организмот од искрварување. Кога постои оштетување на ѕидот на крвните садови, настанува слепување на крвните плочки -тромбоцити, фибрин и активација на многу механизми, чија крајна цел е да е настане чеп кој ќе го запре крварењето. Овој процес се нарекува хемостаза и има за цел да го спречи крварењето и загубата на крв преку создавање на коагулум.

Откако раната ќе зарасне, овој коагулум повеќе не е потребен, и се активира ензим кој го разложува на фибрински фрагменти (FDP) кои потоа се елиминираат. Д-димер  е всушност дел од овие фрагменти.

Во процесот на хемостаза се вклучени неколку фактори. За да се постигне рамнотежа во телото помеѓу ризикот од крварење и ризикот од тромбозата, сите овие фактори кои учествуваат во формирањето и разградувањето на згрутчувањето на крвта се во динамична рамнотежа во телото.

Во човечкиот организам е присутен и систем спротивен на коагулациониот, тоа е антикоагулационен механизам. Меѓу коагулациониот и антикоагулациониот систем во организмот се одржува постојана рамнотежа. На тој начин организмот е заштитен од две крајни опасности од нарушената крвна циркулација-искрварување и згрутчување на крвта -тромбоза.

При патолошки состојби може да настане прекумерно натрупување на тромбоцити и фибрин на внатрешната страна на крвниот сад, што доведува до нарушување во крвната циркулација сè до нејзиниот прекин поради затнување на крвниот сад со тромб. Оваа состојба се нарекува тромбоза. Вакви тромби можат да настанат насекаде – од најмалите до најголемите крвни садови и да предизвикаат различен степен на оштетувања, па дури и смрт.

Тестот за Д-димер служи за мерење на концентрацијата на вкрстено поврзаните производи на деградација на фибрин.

Кога Вашиот доктор може да препорача да ја направите анализата Д-димер?

Откривањето на зголемени вредности на Д-димери е индикатор за активност на системот за коагулација.

Главната дијагностичка примена на тестирање на Д-димерите е во исклучувањето на тромбоемболички настан, како што се длабока венска тромбоза или белодробна емболија.

Длабока венска тромбоза (ДВТ) е формирање на тромб во подлабоките вени во телото, а најчесто на нозете.

Најчестите симптоми на длабока венска тромбоза се:

-болка во нозете

-оток на ногата

-црвенило или црвени линии на нозете.

Иако згрутчувањето на крвта најчесто се формира во длабоките вени на долните екстремитети, тие можат да се појават и во други делови од телото.

Ако дел од вакво згрутчување од кој било дел од телото, се одвои и стигне до белите дробови преку крвотокот, може да предизвика блокада на белодробната артерија и да доведе до белодробна емболија.

Одредувањето на Д-димер е важно ако пациентот има некој од следниве симптоми на белодробна емболија:

-тешко дишење

-кашлица

-искашлување крв

-болка во градите

-брзо отчукување на срцето

Употребата на тестовите за Д-димер во комбинација со добро потврдена клинички тест за веројатност (clinical pre-test probability score) претставува ефикасна и безбедна алатка за скрининг за исклучување на тромбоемболиски настани.

Освен тоа, зголемено ниво на Д-димер е забележано кај сите болести и состојби со зголемено активирање на коагулациониот систем, на пр. тромбоемболична болест, дисеминирана интраваскуларна коагулопатија (ДИК), акутна дисекција на аортата, миокарден инфаркт, малигни заболувања, акушерски компликации, трет триместар од бременоста, операција или политраума.

D-dimer и COVID-19

Иако не е невообичаено инфекциите да го зголемуваат ризикот од згрутчување, COVID-19 како болест е поврзана со невиден опсег на нарушувања поврзани со згрутчување на крвта кај заболени пациенти.  Пациентите со COVID-19 се соочуваат со сериозни, а понекогаш и фатални абнормалности на згрутчување на крвта.

Студиите покажуваат дека околу 25%  па дури и до 70% критично болни пациенти потврден е венски тромбоемболизам или белодробна емболија.

Многу е важно да се напомене дека различни лаборатории може да користат различни инструменти, технологии, референтни вредности и тестови за одредување на Д-димери и затоа не треба да се врши споредување на резултатати од различни лаборатории и да се внимава во кои едници е изразена вредноста.