fbpx

Кортизол – „хормон на стрес“

Кортизолот е гликокортикоиден хормон што го произведуваат и ослободуваат надбубрежните жлезди. Кортизолот е есенцијален хормон кој влијае на речиси секој орган и ткиво во човечкото тело. Тој игра многу важни улоги, вклучувајќи:

  • Регулирање на одговорот на организмот на стрес  
  • Помага во контрола на искористувањето на мастите, протеините и јаглените хидрати
  • Намалување на воспалението
  • Регулирање на крвниот притисок
  • Регулирање на шеќерот во крвта
  • Помага во контролирање на циклусот на спиење

Нашето тело постојано го следи нивото на кортизол за да одржува стабилни нивоа. Повисоко од нормалното или пониско од нормалното ниво на кортизол може да биде штетно за здравјето.

Што прави кортизолот во нашиот организам?

Речиси сите ткива во нашето тело имаат гликокортикоидни рецептори. Поради ова, кортизолот може да влијае на речиси секој органски систем ,вклучувајќи:

Регулирање на одговорот на стресот во нашето тело: за време на стрес, организмот може да ослободи кортизол откако ќе ослободи и други хормони (како што е адреналинот), така што организмот е во состојба на висока готовност. Покрај тоа, кортизолот предизвикува ослободување на гликоза (шеќер) од црниот дроб за брза енергија за време на стрес.

Регулирање на метаболизмот: Кортизолот помага да се контролира како организмот ги користи мастите, протеините и јаглехидратите за енергија.

Супресија на воспалението: Со кратки изливи, кортизолот може да го зајакне имунитет со ограничување на воспалението. Меѓутоа, доколку има постојано високи нивоа на кортизол, организмот може да се навикне да има премногу кортизол во крвта, што може да доведе до воспаление и ослабен имунолошки систем.

Регулирање на крвниот притисок: Покачените нивоа на кортизол може да предизвикаат висок крвен притисок, а пониските од нормалните нивоа на кортизол може да предизвикаат низок крвен притисок.

Зголемување и регулирање на шеќерот во крвта: Во нормални околности, кортизолот има спротивен ефект на инсулинот, хормон што го произведува панкреасот, за да го регулира шеќерот во крвта. Кортизолот го зголемува шеќерот во крвта со ослободување на складираната гликоза, додека инсулинот го намалува шеќерот во крвта. Имајќи хронично високи нивоа на кортизол може да доведе до постојано висок шеќер во крвта (хипергликемија). Ова може да предизвика дијабетес тип 2.

Помага да се контролира циклусот сон-будност: Во редовни околности, имаме пониски нивоа на кортизол навечер кога одиме на спиење и максимални нивоа наутро непосредно пред да се разбудиме. Ова сугерира дека кортизолот игра значајна улога во започнувањето на будноста и игра улога во деноноќниот ритам на вашето тело.

Оптималните нивоа на кортизол се неопходни за одржување на неколку телесни функции. Ако во организмот има постојано високи или ниски нивоа на кортизол, тоа може да има негативно влијание врз целокупно здравје.

За да постојат оптимални нивоа на кортизол во нашето тело, сите жлезди -хипоталамус, хипофизата и надбубрежните жлезди мора да функционираат правилно.

Дали кортизолот е хормон на стрес?

Кортизолот, покрај сите останати важни функции, е и широко познат како „хормон на стрес“. Биолошки гледано, постојат повеќе различни видови на стрес, вклучувајќи:

Акутен стрес: Акутен стрес се случува кога организмот се наоѓа во ненадејна опасност во краток временски период.

Хроничен стрес: Хроничниот (долгорочен) стрес се случува кога организмот доживува тековни ситуации кои предизвикуваат фрустрација или анксиозност. На пример, хриничен стрес е долготрајна хронична болест, но и секојдневна тешка или фрустрирачка работа.

Трауматски стрес: Трауматскиот стрес се случува кога организмот ќе доживее настан опасен по живот кој предизвикува страв и чувство на беспомошност. Во некои случаи, овие настани може да доведат до посттрауматско стресно нарушување.

Нашето тело ослободува кортизол кога доживуваме некој од овие видови на стрес.

Како може да се провери нивото на кортизол ?

Кортизолот се мери со земање на примерок крв. Во нашите лаборатории е достапен тест кој го мери нивото на кортизолот во крвта. За да го направите тестот, потребно е да дојдете во нашите лаборатории рано наутро.

Што предизвикува ниско ниво на кортизол?

Пониско од нормалното ниво на кортизол се смета за адренална инсуфициенција. Постојат два вида на адренална инсуфициенција: примарна и секундарна. Причините за адренална инсуфициенција вклучуваат:

Примарна адренална инсуфициенција: Примарната адренална инсуфициенција најчесто е предизвикана од автоимуна реакција во која имунолошки систем ги напаѓа здравите клетки во надбубрежните жлезди без позната причина. Ова се нарекува Адисонова болест. Надбубрежни жлезди, исто така, може да се оштетат од инфекција или крварење. Сите овие ситуации го ограничуваат производството на кортизол.

Секундарна адренална инсуфициенција: Ако постои недоволно активна хипофиза (хипопитуитаризам) или тумор на хипофизата, тоа може да го ограничи производството на ACTH. ACTH им сигнализира на надбубрежни жлезди да создаваат кортизол, така што ограничениот ACTH резултира со ограничено производство на кортизол.

Може да се јават и пониски од нормалните нивоа на кортизол по прекинот на третманот со кортикостероидни лекови, особено по долг период на употреба.

Кои се симптомите на ниско ниво на кортизол?

Симптомите на пониски од нормалните нивоа на кортизол или адренална инсуфициенција вклучуваат:

  • Замор
  • Неволно губење на тежината
  • Слаб апетит
  • Низок крвен притисок (хипотензија)

Што предизвикува зголемени нивоа на кортизол?

Постоењето на абнормално високи нивоа на кортизол, за подолг временски период обично се смета за Кушингов синдром. Причините за повисоки од нормалните нивоа на кортизол и Кушингов синдром вклучуваат:

  • Земање големи количини на кортикостероидни лекови, како што се преднизон, преднизолон или дексаметазон, за третман на други состојби.
  • Тумори кои произведуваат адренокортикотропен хормон (ACTH). Тие обично се наоѓаат во хипофизата. Поретко, невроендокрините тумори во други делови од телото, како што се белите дробови, може да предизвикаат високи нивоа на кортизол.
  • Тумори на надбубрежните жлезди или прекумерен раст на надбубрежното ткиво (хиперплазија), кои предизвикуваат прекумерно производство на кортизол.

Студиите покажеле дека и долготрајната изложеност на стрес и хронична анксиозност може да предизвика зголемено ниво на кортизол, кој може да биде причина за некои од симптомите, како висок крвен притисок, замор, слабост, зголемена телесна тежина, гастроинтестиални проблеми, проблеми со спиење и многу други состојби.  

Кои се симптомите на високо ниво на кортизол?

Симптомите на Кушингов синдром зависат од тоа колку се покачени нивоата на кортизол. Вообичаени знаци и симптоми на повисоки од нормалните нивоа на кортизол вклучуваат:

  • Зголемување на телесната тежина, особено во лицето и стомакот
  • Масни наслаги на грбот
  • Широки, виолетови стрии на стомакот
  • Мускулна слабост
  • Висок крвен шеќер, кој често се претвора во дијабетес тип 2.
  • Висок крвен притисок (хипертензија)
  • Прекумерен раст на влакна (хирзутизам) кај жени
  • Слаби коски (остеопороза) и скршеници

Секогаш консултирајте се со вашиот лекар во врска со симптомите и вашата здравствена состојба.