Нарушување на системот за коагулација кај пациенти со COVID-19

Згрутчувањето (коагулацијата) на крвта

Згрутчувањето (коагулацијата) на крвта претставува природен и заштитен механизам на организмот од искрварување. Кога постои оштетување на ѕидот на крвните садови, настанува слепување на крвните плочки (тромбоцити), фибрин и активација на многу механизми, чија крајна цел е да е настане чеп кој ќе го запре крварењето.

При патолошки состојби може да настане прекумерно натрупување на тромбоцити и фибрин на внатрешната страна на крвниот сад, што доведува до нарушување во крвната циркулација сè до нејзиниот прекин поради затнување на крвниот сад со тромб. Оваа состојба се нарекува тромбоза. Вакви тромби можат да настанат насекаде - од најмалите до најголемите крвни садови и да предизвикаат различен степен на оштетувања, па дури и смрт.

Во човечкиот организам е присутен и систем спротивен на коагулациониот, тоа е антикоагулационен механизам. Меѓу коагулациониот и антикоагулациониот систем во организмот се одржува постојана рамнотежа. На тој начин организмот е заштитен од две крајни опасности од нарушената крвна циркулација-искрварување и тромбоза.

Ризик фактори

Постојат одредени состојби кои го зголемуваат ризикот за настанување на тробоза, како што се: промени на sидот на крвните садови, кардиоваскуларни заболувања, ревматски заболувања, воспаленија, малигнитети, трауми, породување, земање одредени лекови, генетски наследни фактори и други состојби.

Лекување

Во зависнот од клиничката слика и тежината на болеста, лекувањето се врши во домашни или болнички услови, исклучиво по преглед и препорака од лекар специјалист

COVID-19 и системот на коагулација

Иако не е невообичаено инфекциите да го зголемуваат ризикот од згрутчување, COVID-19 е поврзан со невиден опсег на нарушувања поврзани со згрутчување на крвта кај заболени пациенти.  Пациентите со COVID-19 се соочуваат со сериозни, а понекогаш и фатални абнормалности на згрутчување на крвта.

Студиите покажуваат дека околу 25% - па дури и до 70% - критично болни пациенти потврден е венски тромбоемболизам или белодробна емболија.

Затоа од клучна важност е при рутинската лабораториска проценка, да се изврши и мерење на параметрите од системот за коагулација на крвта, како што се: крвна слика ( број на тромбоцити), Д-димер, PT-Протромбинско време, aPTT- Активирано парцијално тромбопластинско време и друго.

 

Д-димери

Д-димери претставуваат фрагменти, делови од деградација на фибринот и детекција на зголемени нивоа се знак дека се активира системот за коагулација.

Нормални нивоа на Д-димери кај здрави возрасни лица се 0,5 mg/L.

Зголемени нивоа на Д-димери кај пациенти со коагулација најчесто е знак дека постои ризик за формирање на тромби, кои можат да се разнесат со циркулацијата и да предизвикаат зачепување на некој крвен сад. Затоа, по направен преглед од лекар-специјалист треба да се даде соодветна терапија и да се третира оваа состојба.

Многу е важно да се напомене дека различни лаборатории може да користат различни инструменти, технологии, референтни вредности и тестови за одредување на Д-димери и затоа не треба да се врши споредување на резултатати од различни лаборатории и да се внимава во кои едници е изразена вредноста.

Секогаш консултирајте се со вашиот лекар во врска со вашата здравствена состојба.