fbpx

Проверка на здравствената состојба пред зачнување

Прегледот и разговорот со вашиот лекар пред бременоста е првиот чекор во планирањето на здрава бременост. Здравјето пред зачнувањето е здравјето на жената пред да забремени. Тоа значи да се познаваат здравствените состојби и факторите на ризик кои можат да влијаат на жената или на нејзиното бебе, доколку таа забремени.

Целта на разговорот со лекарот е да се дискутира за нештата кои би можеле да влијаат на вашата бременост. Идентификувањето на некои ризик фактори е важно бидејќи првите недели од бременоста е времето кога се развиваат главните органи кај фетусот. На пример, некои видови храна, навики и лекови можат да му наштетат на вашето бебе – дури и пред да биде зачнато. Некои здравствени состојби, како што е дијабетесот, исто така може да влијаат на бременоста.

ХЕМАТОЛОШКИ АНАЛИЗИ

Вообичаената крвна слика е добар показател за општата здравствена состојба, вклучувајќи го нивото на хемоглобин и тромбоцитите. Нивото на хемоглобин е важно за време на бременоста бидејќи хемоглобинот обезбедува кислород на нероденото бебе.

Маркери за железо: Анализа на серумското железо, феритин и трансферин се користат како лабораториски анализи пред и за време на бременоста. Важно е да се провери нивото на железо кај пациентите пред бременоста, бидејќи недостатокот на железо е чест проблем кај бремените жени и може да доведе до замор и анемија доколку не се лекува.

БИОХЕМИСКИ АНАЛИЗИ

Витамин Д: Да се ​​провери дали нивото на витамин Д е доволно. Ако пациентката има дефицит на витамин Д, нејзиниот организам може да не го апсорбира правилно калциумот, што ќе влијае и на здравјето на коските и на коските на бебето кое е во развој.

Лабораториски анализи на функција на црниот дроб и бубрезите: Хепаталните ензими и анализа на деградационите продукти (уреа, креатинин) и електролите (натриум,калиум) се ​​користат како основна линија за следење на здравјето за време на бременоста. Абнормалните резултати за време на бременоста може да бидат резултат на нарушувања специфични за бременоста, како што е прееклампсија.

АНАЛИЗА НА ХОРМОНИ

TSH (тироидно-стимулирачки хормон): Нерамнотежата на тироидните хормони може да влијае на репродуктивните процеси кај жената (на пр.на овулацијата), а со тоа и на нејзината плодност. Добрата функција на тироидната жлезда на мајката е од клучно значење за развојот на мозокот на бебето, особено во текот на првиот триместар кога бебето е зависно од снабдувањето на мајката со тироидни хормони.

FSH (фоликуло-стимулирачки хормон) и LH (лутеинизирачки хормон): Овие репродуктивни хормони помагаат во одржување на здрав менструален циклус и овулација.

AMH (анти-Müllerian хормон): Оваа лабораториска анализа служи за проверка на резервите на јајниците на пациентот (тест за оваријална резерва).

МИКРОБИОЛОШКИ ТЕСТОВИ ЗА СЕКСУАЛНО-ПРЕНОСЛИВИ ИНФЕКЦИИ И ДРУГИ ИНФЕКТИВНИ ЗАБОЛУВАЊА

Голем број на инфективни патогени можат да влијаат на здравјето на мајката и плодот и да имаат сериозни последици кои резултираат со прекин на бременоста.

Тест за хламидија и гонореја: ова се бактериски и често асимптоматски инфекции, кои може да доведат до тешки компликации, вклучително и неплодност доколку не се лекуваат.

ТОRCH анализи (Токсоплазма, рубеола, цитомегаловирус и херпес). Присуството на некој од овие инфективни причинители може драматично да влије на текот на бременоста и да предизвика спонтан абортус, или да предизвика оштетување на нервниот систем и различни развојни нарушувања кај бебето.

Хепатитис Б и ХИВ

Сифилис: Идентификацијата и лекувањето на сифилисот пред бременоста е важно, бидејќи вродениот сифилис може да доведе до спонтан абортус, раѓање на мртво дете или здравствени проблеми кај бебето.

Парвовирус: Ако пациентката ја зарази оваа инфекција додека е бремена, веројатноста за спонтан абортус драстично се зголемува.

ТЕСТОВИ ЗА ГЕНЕТСКИ СКРИНИНГ

Со овој тип на тестови, може да се детектира дали идните родители се носители на носители на одредени мутации на гени, кои можат да доведат до појава на болест кај идните поколенија.

Овој текст е од информативен карактер, а наведените анализи се прават со претходна консултација со матичниот лекар или гинеколог. Во зависност од здравствената состојба, лекарот/гинекологот може да побара да се направат и дополнителни анализи.

Може да ве интересира…