fbpx

Разговор со д-р Бранко Јагликовски – Важноста на лабораториските анализи во време на пандeмија со COVID-19

Кои се најчестите лабораториски анализи кои се изработуваат во Авицена лабораторија од почетокот на пандемијата па сè до денес?

Од почетокот на пандемијата до денес, како се менуваше сликата во светот и кај нас, така се менуваа и барањата на пациентите и лекарите, во однос на лабораториските анализи.

Уште од самиот почетокот на пандемијата во Авицена лабораторија се работат молекуларни PCR тестови, кои се уште се актуелни и секојдневно се изработуваат. Во прилог на овие тестови, на лекарите и пациентите им се потребни и ги бараат тестовите за концентрација на антитела во крвта на пациенти кои знаат (или не знаат) дека биле во контакт со вирусот. Секојдневно се изработуваат широк дијапазон на биохемиски и имунолошки анализи кои служат за следење на состојбата кај пациентите со COVID-19.

Иако пандемијата со COVID-19 трае, секако тука се и сите останати пациенти, кои ја посетуваат нашата лабораторија за секоја друга состојба, која не е поврзана со SARS-CoV-2. Да не ги заборавиме пациентите кои имаат различни хронични незаразни заболувања и на кои им е потребно е да ја следат својата состојба.

Потоа, тука се сите сите рутински и специфични анализи за деца и возрасни, трудници, сите видови микробиолошки анализи, останатата молекуларна дијагностика и друго.

Дали пациенти позитивни на COVID-19 може да дојдат во лабораторијата за други лабораториски анализи?

Во изминатите неколку месеци обезбедивме нов и целосно одвоен простор за прием на пациенти за COVID-19, комплетно физички одвоен од останатиот простор на лабораторијата, со површина од 260m², а остваривме и повеќе инвестиции во моќни системи за вентилација, дезинфекција, заштитна опрема, најнова технологија за обработка на материјали. Пациенти позитивни на COVID-19 кои имаат потреба од други лабораториски анализи, се примаат токму во овој дел. Постои и можноста нашите мобилни екипи да земат материјал за анализа во домашни услови без разлика дали се работи за пациенти позитивни на вирусот или редовни лабораториски испитувања.

Сите пациенти на кои им се потребни лабораторски анализи кои не се поврзани со COVID-19, се примаат редовно преку главниот влез на лабораторијата. Од неодамна, се прошири капацитетот за прием на поголем број пациенти и во овој дел, со што моментов имаме на располагање 9 простории за земање материјал за анализа, само во лабораторијата во Тафталиџе. Со ова се намалува времето на чекање, имајќи го предвид фактот дека во услови на пандемија, бројот на лица кои чекааат за услуга во затворен простор мора да се ограничи.

Кои други лабораториски анализи се потребни кај пациентите со COVID-19 и што ни кажуваат тие?

Биохемиското следење на пациентите со COVID-19 со помош на лабораториски тестови е клучно за проценка на сериозноста и прогресијата на болеста, како и за следење на третманот. Одредени лабораториски тестови се поврзани со неповолна прогресија на COVID-19 и даваат важни прогностички информации. Вообичаено, потребно е да се направи основната палета на лабораторски анализи, кои ни даваат увид во општата состојба на организмот, ни посочуваат дали се работи за бактериска или вирусна инфекција, но и даваат информација за степенот на тежина на болеста и евентуална прогноза во која насока се движи болеста, со цел лекарите навремено да интервенираат.

Најчесто, на пациентите им се прави крвна слика со седиментација, маркери на воспаление (CRP, Д-Димери, феритин), анализа на одредени ензими и анализи кои укажуваат на функцијата на црниот дроб, бубрезите, срцевиот мускул и друго. (АSAT, ALAT, LDH, CK-MB, Troponin).

Постојат и специфични анализи како што е Интерлеукин-6, кој дава информација за степенот на имунолошкиот одоговор и е предиктор на таканаречената „Цитокинска бура” , која всушност претставува прекумерен имунолошки одговор на организмот и е причина за голем број на неповолни исходи. Со следење на овој параметар, може да се следи кога состојбата кај пациентот се влошува и да се преземе соодветен третман навремено.

Кај пациентите кои се болни од COVID-19 или оздравеле, често се споменуваат Д-димерите како анализа. Што е важно да знаеме за Д-димерите?

Згрутчувањето (коагулацијата) на крвта претставува природен и заштитен механизам на организмот од искрварување. Кога постои оштетување на ѕидот на крвните садови, настанува слепување на крвните плочки (тромбоцити), фибрин (мрежа од фибрински нишки) и активација на многу механизми, чија крајна цел е да настане „чеп“ кој ќе го запре крварењето.

Д-димери претставуваат фрагменти, делови од деградација на фибринот и детекција на зголемени нивоа се знак дека се активира системот за коагулација (можеби и прекумерно).

Нормални нивоа на Д-димери кај здрави возрасни лица се 0,5 mg/L FEU.

Зголемени нивоа на Д-димери кај пациенти со COVID-19 најчесто е знак дека постои ризик за формирање на тромби, кои можат да се разнесат со циркулацијата и да предизвикаат зачепување на некој крвен сад. Затоа, по направен преглед од лекар-специјалист треба да се даде соодветна терапија и да се третира оваа состојба.

Многу е важно да се напомене дека различни лаборатории може да користат различни методи, инструменти, технологии, па затоа може да има различни референтни вредности и тестови за одредување на Д-димери и затоа не треба да се врши споредување на резултати од различни лаборатории и да се внимава во кои единици е изразена вредноста.

Зошто се важни тестовите за антитела за COVID-19?

Комбинацијата на двата типа на тестови (со брис – PCR и антитела) дава целосна и реална слика за случувањето во организмот на човекот, така што имунолошките и молекуларните тестови се комплементарни и се надополнуваат едни со други. Ако со молекуларните тестови се врши детекција на присуство на самиот вирус или дури и само секвенца од РНК на вирусот, со помош на мерењето на концентрацијата на антителата, се добива увид во тоа дали организмот бил во контакт со вирусот и каков е имунолошкиот одговор на организмот во борбата со овој вирус.

Имунолошките тестови кои се работат во Авицена Лабораторија се „CЕ“-сертифицирани и се работат на целосно автоматски имунолошки анализатор на производителот Siemens Healthineers.

Tестовите имаат исклучително висока клиничка сензитивност и специфичност.

Она што е од исклучителна важност да се напомене е дека  единствено во Авицена Лабораторија се работат тестови за мерење на концентрацијата на таканаречени неутрализирачки IgG антитела кон COVID-19 на производителот Siemens – како најнова генерација на тестови од овој тип.

COVID-19 обично стимулира имунолошки одговор со создавање многу антитела кои дејствуваат како армија за да помогнат во борбата против вирусот-сепак, само мала подгрупа од тие антитела се способни за неутрализација, односно, мал број од овие антитела можат да го блокираат вирусот и на тој начин да спречат да зарази дополнителни клетки.

IgG тестот за антитела на компанијата Siemens Healthineers, докажано ги мери токму овие неутрализирачки антитела и дава информација за нивната точна концентрација.

На крај, сакам да напоменам дека многу е важно пациентите да бидат во постојана комуникација со својот лекар и да ги почитуваат сите препораки и насоки од лекарите.

Да се грижат за своето здравје, да ги прават потребните контроли и проверки и да го чуваат своето здравје и здравјето на своите најблиски.