Светскиот ден за борба против ракот кој се одбележува секој 4 февруари е глобална иницијатива предводена од Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC). Со подигање на светската свест, подобрување на образованието и катализирање на лична, колективна и владина акција, сите ние работиме заедно за да изградиме свет каде што се спасуваат милиони смртни случаи од рак, а пристапот до третман и грижата кој спасува живот е еднаков за сите – без разлика кој си или каде живееш.
Така, темата на овогодинешниот Светски ден за борба против ракот, „Close the Care Gap“, е само подигање на свеста за овој јаз во нееднаквоста што ги погодува речиси сите, во земјите со високи и со низок и среден приход, и чини животи.
Моментално има 19,3 милиони нови случаи од рак за една година во светот. Сепак, 30-50% од сите видови на рак може да се спречат. Намалете ги ризиците од рак со здрави животни навики, редовен скрининг, порано откривање и навремено лекување.
Најдобра превенција е редовна контрола, вршење редовни проверки и посета/консултација со доктор.
Вашиот доктор може да препорача да направите повеќе видови крвни лабораториски анализи со цел да добие појасна слика што се случува во вашето тело. Тумор маркерите претставуваат супстанции (протеини, ензими, хормони и сл.) кои се лачат во организмот како последица на негов одговор при постоење на некоја бенигна или малигна појава. Нивното мерење и идентификација е корисно во помош при поставување на дијагнозата, како и за следење на прогресот/текот на болеста и успехот од терапијата.
На што укажуваат вредностите на туморските маркери?
При хемотерапија, хормонска и зрачна терапија, движењето на вредностите на маркерите во крвта може да се користи за проценка на делотворноста на терапијата. Доколку вредностите опаѓаат, тоа е показател дека постои одговор на терапијата. Во спротивно, покачените вредности на тумор маркерите при контролните прегледи сугерираат на повторно појавување на туморот или на создавање метастази (и тоа го прават дури шест месеци порано отколку рендгенскиот или ултразвучниот преглед), со тоа тераписката стратегија треба да се промени.
Во Авицена Лабораторија се достапни повеќе видови тумор маркери зависно за кој дел од телото е потребно да се направи скрининг:
AFP (Алфа – фетопротеин)
Нивото на алфа-фетопротеин во серумот служи како маркер за хепатоцелуларен карцином и метастатски тумор на црниот дроб. Освен тоа, овој маркер се користи и за проценка на ризикот од појава на дефекти кај плодот ( на пр. дефекти на неврална туба)
(CA 15-3) (“cancer antigen”- канцер антиген 15-3)
Овој маркер, има најголемо значење во контролата на текот на болеста кај пациентките со малигни неоплазми на дојки. Висината на вредностите на маркерот во голема мера е зависна од активноста на болеста и може да се користи во диференцијално-дијагностички цели при заболувања на дојките на жените. При заедничко одредување на СА 15-3 и СЕА со сигурност од 80% се открива метастазирање на ракот на дојката.
(CA 19 – 9)
Овој маркер има значење пред се кај туморите на панкреасот и жолчните патишта. Тумори кои зачестено можат да дадат покачени вредности на СА 19-9 се: малигнитети на панкреасот, карцином на жолчните патишта, карцином на желудникот и на дебелото црево.
CA 125
CA 125 во прв ред има значење како туморски маркер за детекција на малигни неоплазми на јајници. Останати заболувања кои можат да дадат покачени вредности на СА 125 се: цироза на црн дроб, акутен панкреатитис (воспаление на панкреасот), акутен холециститис (воспаление на жолчното ќесе) и други бенигни гинеколошки заболувања или воспаленија.
HE-4 (хуман епидидимис протеин 4) и НЕ-4 + СА-125 (ROMA INDEX)
HE-4 (хуман епидидимис протеин 4) е серумски биомаркер, чија концентрација значително се зголемува кај пациенти со епителијален оваријален карцином и има поголема сензитивност и специфичност од СА-125 маркерот. Се употребува како помош во дијагноза, како и следење на одговорот на терапија кај пациенти со оваријален карцином. Кога се комбинира заедно со СА-125 маркерот, во голема мера се зголемува сензитивноста и специфичноста на самиот СА-125 маркер.
Комбинацијата од НЕ-4 + СА-125 (ROMA INDEX) претставува нова алатка за диференцијална дијагноза во утврдувањето дали туморската маса во малата карлица е бенигна или малигна, како кај пременопаузалните така и кај постменопаузалните жени и овозможува стратификација на ризик и насока за понатамошен третман.
CA 72-4
Туморски маркер за повеќе аденокарциноми, меѓу кои и карцином на желудник. Вредностите на овој маркер во серумот се совпаѓаат со стадиумот на болеста. Колку е стадиумот на болеста понапреднат, толку и серумските вредности на CA 72-4 се повисоки.
S 100 протеин
S – 100 има прогностичко значење и дијагностичка вредност кај пациенти со малигнен меланом.
СЕА (carcino-embryonic antigen; карцино-ембрионален антиген)
Неспецифичен тумор-маркер кој се одредува во комбинација со специфични тумор-маркери за следење и прогноза кај заболените од различни видови на карциноми, како при колоректален карцином. Одредувањето на вредностите на СЕА игра важна улога кај рак на дебелото црево, каде висината на вредностите е директно зависна од стадиумот на туморот.
PAP (простатична кисела фосфатаза) и PSA (простата специфичен антиген)
ПАП, заедно со ПСА се маркери за следење на заболените од карцином на простата. За рано препознавање на карциномот на простатата покрај клиничкиот преглед важно е да се одредат маркерите кои ќе го докажат постоењето на болеста. Тоталниот/вкупен ПСА, киселата фосфатаза и ПАП (простатичната кисела фосфатаза) се најважни маркери за рано откривање на карциномот на простатата, во комбинација со лекарски преглед и други клинички испитувања.
Што значат резултатите?
Резултатите од тестот мора внимателно да се толкуваат бидејќи неколку фактори можат да влијаат на резултатите од тестот.
Дополнително, имајте на ум дека неканцерозните состојби понекогаш може да предизвикаат абнормални резултати од тестот.
Вашиот лекар задолжително мора да ги прегледа вашите резултати од направените тестови и да даде насоки за понатамошни испитувања и/или третман.
Превентивни мерки
– пушењето е докажана причина за рак. Заради тоа, ова е причина на која лесно може да се влијае
– консумацијата на алкохол исто така може да се спречи
– телесната тежина и дебелината – еден од најдобрите начини да се намали ризикот од рак, по откажувањето од пушењето, е да се задржи здравата телесна тежина
– физичката неактивност – да се биде неактивен го зголемува ризикот од голем број на случаи на рак
– исхраната – од сите нешта во нашиот начин на живот, кои се поврзани со ракот, нашата исхрана е можеби најмногу зборуваното. Балансирана исхрана богата со растителни влакна, овошје и зеленчук и ниско ниво на црвено и обработено месо, заситени масти и сол можат да го намалат ризикот од рак
– УВ зрачењето од сонцето и солариумите – иако ни е потребна мала количина на УВ за да создадеме витамин Д, прекумерни количини може да предизвикаат рак на кожата
– инфекциите – иако луѓето не можат да добијат рак едни од други, некои видови на рак се предизвикани од инфекции со вирусите и бактериите. Затоа, од големо значење е да се внимава на заштитени сексуални односи кои може да го спречат преносот на хепатитис Б и Ц, кои може да доведат до рак на црниот дроб; и ХПВ, кој предизвикува неколку видови на рак, вклучувајќи ги речиси сите случаи на рак на грло на матката.