fbpx

Интолеранција на фруктоза

Фруктозата е шеќер кој природно го има во овошјето, овошните сокови, медот и одредени зеленчуци. Фруктозата е исто така основна компонента на обичниот бел кристалниот шеќер (кој секојдневно се користи во исхраната). Освен тоа, пченкарниот сируп, кој се користи за засладување на преработена храна и пијалаци, има висока содржина на фруктоза.

Кога дигестивниот систем не ја апсорбира правилно фруктозата, тоа може да предизвика симптоми на интолеранција на фруктоза.

Наследна интолеранција на фруктоза

Наследна интолеранција на фруктоза е генетско нарушување. Доколку на организмот му недостасуваат потребните протеини или ензими важни за разградување на фруктозата, се работи за интолеранција на фруктоза. Тоа значи дека организмот не може да ја преработува фруктозата која се наоѓа во многу различни намирници.

Овој вид на интолеранција на фруктоза се случува кога ензимот алдолаза Б е нефункционален. Овој ензим се наоѓа во црниот дроб и помага да се претвори фруктозата во корисна енергија. Постои 25% шанса одредено лице да развие наследна интолеранција на фруктоза доколку двајцата родители имаат ген што предизвикува нефункционален алдолаза Б ензим.

Ако лицето со интолеранција на фруктоза јаде храна што има фруктоза или сахароза, телото не може да го претвори шеќерот во гликоза, и тој се акумулира во организмот и може да предизвика оштетувања на црбниот дроб и бубрезите.

Повеќето луѓе со оваа наследна форма на интолеранција на фруктоза почнуваат да покажуваат знаци во најрана возраст. Доенчињата често имаат симптоми на интолеранција веднаш штом ќе им се воведе храна што содржи фруктоза. Дел од симптомите кај овие деца се: жолтило, застој во растот, повраќање, подуеност, гадење, болки во стомакот, зголемување на фруктозата во урината и крвта и др.

Наследната интолеранција на фруктоза може да биде сериозна, доколку не се препознае навреме, бидејќи може да доведе до оштетувања на бубрезите и црниот дроб.

Постои и интолеранција на фруктоза, позната како малапсорпција на фруктоза. Оваа состојба не е предизвикана од недостаток на ензим. Клетките во цревата едноставно не можат да ја разложат фруктозата во храната што се јаде.

Нашиот организам има ограничување колку фруктоза можеме да внесеме и преработиме. Оваа граница е индивидуална кај секој човек. На способноста на нашето тело да апсорбира фруктоза, исто така, може да влијаат и одредени болести, како: целијакија, Кронова болест, воспаление и гастроентеритис, стрес, употреба на антибиотици и др.

Малапсорпција на фруктоза се развива кај возрасни. Ова е една од разликите помеѓу двата вида на интолеранција на фруктоза.

Симптомите од овој тип интолеранција се од фруктозата која не е преработена во целост. Таа ферментира во долниот дел на цревата и се чувствуваат симптоми слични на симптомите на нервозно дебело црево, кога се јаде храна со многу фруктоза, како што се: подуеност, гасови, болка во стомакот, пролив  и слично.

Лицата со интолеранција на фруктоза треба да го ограничат внесот на храната со висока содржина на фруктоза, како што се:

  • овошни сокови
  • овошја со висока содржина на фруктоза (јаболка, грозје, лубеница)
  • зеленчук со висока содржина на фруктоза (аспарагус, грашок, домати, тиквички, праз)
  • засладувачи (агаве сируп, јаворов сипур, мед, кокосов шеќер, високофруктозен пченкарен сируп и др.

Некои намирници кои имаат пониска содржина на фруктоза – како што се цитрусни овошја банани, боровинки, јагоди, моркови, авокадо, боранија и зелена салата – може да се толерираат,кога се земаат во ограничени количини.

Во Авицена Лабораторија е достапен молекуларен тест за детекција на генетска интолеранција на фруктоза. Тестот врши детекција на мутации на гени, одговорни за дефицит на ензимот Алдолаза Б, кој учествува во метаболизмот на фруктоза, сахароза и сорбитол.

Примерок: полна крв

Време на издавање резултат: 2 дена

Секогаш консултирајте се со Вашиот лекар во врска со симптомите и Вашата здравствена состојба.