fbpx

Што претставува TORCH, кога и како се прави?

TORCH е кратенка за збир на инфекции кои можат да се пренесат од заболена бремена жена на плодот и да влијаат на развојот на самиот плод. Причинителите на овие инфекции можат да поминат низ плацентата и да предизвикаат бројни компликации кај бебето, за време на бременоста или при раѓање.

Зборот TORCH е акроним составен од иницијали на следниве инфективни агенси:

• Т – Токсоплазмоза (Toxoplasma gondii)

• О – Останати инфекции – сифилис, варичела, вирус на хепатитис Б , парвовирус Б19 и сл.

• R – Rubella

• C – Citomegalovirus (CMV)

• H – Herpes Simplex Virus (HSV)

TORCH инфекциите може да предизвикаат сериозни последици и оштетувања за време на развоjoт на плодот, како што се:

  • Интраутерина инфекција на ембрионот / фетусот и нарушен развој на фетусот,
  • абортус,
  • предвремено породување,
  • инфекција на новореденчето за време или кратко време по раѓањето

Колку порано се појавуваат и развиваат некои од инфекциите на TORCH за време на бременоста, толку потешки се компликациите и прогнозата.

Toxoplasma gondii

Toxoplasma gondii е паразитоза предизвикана од едноклеточен паразит – наречена Toxoplasma gondii. Мачките се единствените вистински домаќини и во нив зрелите форми на токсоплазма паразитираат во цревата, а се исфрлаат во надворешната средина преку измет.

Од надворешната средина, заразни паразити достигнуваат до домаќинот (човек). Ако бремена жена се зарази со овој паразит, истиот може да помине низ плацентата до фетусот Токсоплазмозата, која се јавува во првиот триместар од бременоста, може да доведе до тешки форми на фетална болест и да резултира со спонтан абортус и губење на плодот. Класичната тријада на фетална инфекција, која се манифестира со сериозно оштетување како хидроцефалус (зголемен волумен на течност во черепот), хориоретинитис (оштетување на окото) и интрацеребрална калцификација (таложење на калциум во мозокот), најчесто се јавува во вториот триместар од бременоста .

Бебињата заразени во третиот триместар од бременоста се раѓаат со благи симптоми или без клинички симптоми. Треба да се нагласи дека релативно висок процент на заразени деца не покажуваат знаци на дефекти при раѓање. Оштетувањето може да се манифестира со месеци или години по раѓањето.

Рубеола

Рубеола е акутно заразно вирусно заболување и се манифестира со појава на осип што обично трае од 1 до 3 дена.По воведувањето на вакцината против рубеола, болеста ретко се развива.

Трансплаценталното пренесување од мајка на фетус може да доведе до сериозни компликации.

Рубеола во првиот триместар од бременоста може да предизвика благи, но и сериозни нарушувања во развојот на разни фетални органи што може да резултира со спонтан абортус. Ризикот од развој на нарушувања во развојот на фетусот постои со инфекцијата до 20-та недела од бременоста. Клиничките манифестации обично вклучуваат: срцеви мани, дефекти на очите, од кои најчеста е катаракта, ментална ретардација и губење на слухот, што понекогаш може да се манифестира само во првите години од животот.

Citomegalovirus (CMV)

Цитомегаловирусот е вирус од семејството на херпес вируси. Вирусот може да се пренесе од заразена мајка на фетус за време на бременоста, за време на породувањето (со поминување на новороденчето низ родилниот канал), како и по раѓањето, преку доење, бидејќи вирусот се излачува во мајчиното млеко.

Инфекцијата за време на бременоста е голем проблем, бидејќи инфекцијата на мајката е обично асимптоматска, а фетусот може да се оштети во сите фази од бременоста.

Последица на оваа инфекција може да биде смрт на фетусот, но и дефекти на централниот нервен систем, микроцефалија, ментална ретардација, глувост и оштетување на видот. Дел од новороденчињата немаат симптоми при раѓање, но знаците на болеста се појавуваат подоцна.

Herpes simplex virus (HSV)

Herpes simplex virus (HSV) е дел од семејството на херпес вируси. Вирусот ретко се пренесува на фетусот за време на бременоста. Инфекцијата најчесто се јавува при породување, со поминување на новороденчето преку родилниот канал на мајка со активна инфекција на гениталиите со вирус херпес симплекс, но инфекцијата на фетусот може да се појави во првите три месеци од бременоста, што може да доведе до спонтан абортус и губење на плодот. Неонаталниот херпес е тешка системска инфекција на новороденчето во која доминираат симптомите на инфекција на централниот нервен систем. Може да се развие менингоенцефалитис со треска и невролошки нарушувања. Исто така, пријавени се случаи на неонатална сепса во присуство на вирусот на херпес.

Кога и како се прави TORCH тестот?

Тестирањето за TORCH инфекција се прави со примерок од крв и овозможува откривање на присуство и мерење на нивото на одредени антитела. Овој тест влегува во групата скрининг тестови за сите трудници.

Со ова тестирање, можете да дојдете до информација дали во моментов има инфекција, како и дали инфекцијата некогаш била присутна. Во зависност од класата на антитела, може да се процени фазата на инфекција, присуството или отсуството на имунолошки одговор на одреден патоген.

Најдобро е да се изврши тестот пред зачнувањето, бидејќи откривањето на антитела во текот на првиот триместар од бременоста може да создаде конфузија, па дури и да доведе до неоправдано прекинување на бременоста. Раното откривање и лекување на TORCH инфекции е клучно за правилен развој на фетусот и здравјето на бебето за време на бременоста и по раѓањето. Бидејќи овие инфекции можат да имаат сериозни последици врз потомството, се препорачува секоја жена, пред зачнувањето, да направи TORCH тест.

Без закажување на термин достапен во сите лаборатории на Авицена Лабораторија