Западнонилската треска е вирусна инфекција предизвикана од западнонилскиот вирус (West Nile virus – WNV), кој припаѓа на семејството Flaviviridae. Вирусот најчесто се пренесува преку убод од заразени комарци, особено од родот Culex.
Инфекцијата најчесто поминува без симптоми или со блага клиничка слика, но во ретки случаи може да доведе до сериозни компликации и да го зафати нервниот систем.
Како се пренесува западнонилскиот вирус?
Главниот начин на пренесување на вирусот е преку убод од заразен комарец. Комарците се инфицираат кога се хранат со крв од заразени птици, а потоа вирусот можат да го пренесат на луѓето.
Западнонилскиотвирус циркулира во различни делови од светот, вклучително и Европа, Северна Америка, Африка, Блискиот Исток и Западна Азија. Во текот на летните месеци, кога активноста на комарците е зголемена, ризикот од инфекција е поголем.
Кои се симптомите на западнонилската треска?
Поголемиот дел од луѓето немаат никакви симптоми. Се проценува дека приближно 70–80% од инфицираните лица нема да развијат симптоми.
Кај лицата кај кои ќе се појават симптоми, тие најчесто се развиваат 2–14 дена по инфекцијата, а најчесто во период од 2 до 6 дена по убодот од заразен комарец.
Најчести симптоми се:
- треска;
- главоболка;
- замор и малаксаност;
- болки во мускулите и телото;
- гадење и повраќање;
- отечени лимфни јазли;
- осип.
Во најголем број случаи симптомите се благи и инфекцијата поминува сама. Сепак, заморот и слабоста може да потраат и подолг период кај дел од пациентите.
Кога инфекцијата може да биде сериозна?
Иако најголемиот број инфекции се благи, кај мал процент од заразените може да се развие невроинвазивна форма на болеста, при која вирусот го зафаќа централниот нервен систем.
Тешката форма може да се манифестира како:
- менингитис;
- енцефалитис;
- акутна флакцидна парализа.
Предупредувачки симптоми и знаци се висока температура, вкочанетост на вратот, конфузија или дезориентација, тремор, конвулзии, мускулна слабост, парализа или нарушување на свеста.
При појава на вакви симптоми потребно е веднаш да се побара медицинска помош.
Како се дијагностицира инфекцијата со западнонилски вирус?
Симптомите на западнонилската треска не се специфични само за оваа инфекција и можат да личат на други вирусни заболувања. Затоа лабораториското тестирање има важна улога во потврдувањето на инфекцијата.
Изборот на тест зависи од тоа колку време поминало од почетокот на симптомите.
Серолошко тестирање, IgM и IgG антитела – што ни кажуваат резултатите?
При инфекција со западнонилскиот вирус, организмот создава специфични антитела IgM и IgG, кои имаат различно значење во различните фази на инфекцијата.
IgM антителата се појавуваат рано по инфекцијата. Најчесто стануваат детектабилни околу 3–8 дена по почетокот на симптомите и најчесто се присутни во првите недели и месеци. Сепак, кај одредени лица IgM антителата може да останат детектабилни и подолго време, па позитивниот резултат треба да се толкува во контекст на симптомите и времето на изложеност. Најдобро е тестирањето да се направи 8 дена по почеток на симптомите. Доколку се направи под 8 дена можно е резултатот да е лажно негативен.
IgG антителата се појавуваат нешто подоцна и остануваат присутни долго време по инфекцијата. Тие укажуваат дека организмот претходно бил во контакт со вирусот. Кај повеќето лица кои ја прележале инфекцијата, се смета дека имунитетот е долготраен, односно обезбедува заштита од повторно заболување.
Токму затоа, тестирањето на IgM и IgG антителата може да даде важни информации за изложеноста на западнонилскиот вирус.
Зошто е важно кога ќе се направи тестот?
Времето на тестирање е особено важно.
Ако примерокот се земе многу рано по почетокот на симптомите, IgM антителата можеби сè уште не се присутни во доволна концентрација за да бидат детектирани. Затоа, негативен резултат во раната фаза не секогаш ја исклучува инфекцијата, а лекарот може да препорача повторно тестирање на подоцнежен примерок.
Од друга страна, IgG антителата може да останат присутни со години по прележана инфекција, па позитивен IgG резултат сам по себе не значи дека инфекцијата е активна во моментот.
Бидејќи значителен дел од инфекциите поминуваат без симптоми, можно е лице да било во контакт со вирусот без воопшто да знае.
Со лабораториско тестирање на IgM и IgG антителата може да се добијат важни информации за изложеноста на организмот на западнонилскиот вирус.
Дали постои лек или вакцина?
Во моментов не постои вакцина за превенција на западнонилска треска кај луѓето, ниту специфичен антивирусен третман.
Кај полесните форми третманот е насочен кон ублажување на симптомите, одмор и внесување доволно течности.
Кај пациентите со тешка форма на инфекцијата може да биде потребно болничко лекување и супортивна терапија.
Како да се заштитите?
Бидејќи инфекцијата најчесто се пренесува преку комарци, најважна е заштитата од убоди.
Се препорачува:
- носење облека со долги ракави и долги панталони;
- користење средства против комарци со одобрени активни состојки;
- поставување мрежи на прозорците и вратите;
- користење клима-уред или вентилатори;
- користење мрежи против комарци;
- избегнување подолг престој на отворено во периоди кога комарците се најактивни;
- отстранување на застоена вода околу домот, бидејќи таа претставува место за размножување на комарците;
- редовно празнење и чистење на саксии, садови и други места каде што може да се задржува вода.
Кога треба да се обратите кај лекар?
Ако по убод од комарец развиете треска, главоболка, изразен замор, болки во мускулите, гадење или осип, особено доколку сте престојувале во област каде што циркулира западнонилскиот вирус, консултирајте се со лекар.
Итна медицинска помош е потребна при висока температура, вкочанетост на вратот, конфузија, тремор, конвулзии, мускулна слабост или парализа.
Лабораториското тестирање е важно за потврда на инфекцијата
Бидејќи инфекцијата со овој вирус често поминува без симптоми или истите се неспецифични, лабораториската дијагностика е важен дел од проценката на инфекцијата.
Во Авицена Лабораторија се достапни серолошки анализи за детекција на антитела кон западнонилскиот вирус (West Nile virus – WNV), со CLIA метод, и тоа:
- Серолошко тестирање за западнонилски вирус – West Nile virus (WNV), IgM
- Серолошко тестирање за западнонилски вирус – West Nile virus (WNV), IgG
- Пакет серолошки анализи за West Nile virus IgM + IgG
Тестирањето на IgM и IgG антителата овозможува добивање информации за имунолошкиот одговор на организмот кон вирусот и, во зависност од времето на тестирање и клиничката слика, може да помогне во проценката на неодамнешна или претходна изложеност на западнонилскиот вирус.
Доколку сте имале симптоми кои можат да упатуваат на западнонилска треска или сакате да проверите дали претходно сте биле во контакт со вирусот, консултирајте се со лекар за соодветно лабораториско тестирање.
