0%
Loading ...

Болното грло е еден од најчестите симптоми, особено во периоди кога циркулираат различни респираторни инфекции. Но, иако на почетокот може да изгледа како „обична настинка“, причината не секогаш е иста.

Две состојби кои можат да предизвикаат изразено болно грло се стрептококната инфекција на грлото и инфективната мононуклеоза. Бидејќи нивните симптоми можат да се преклопуваат, само врз основа на симптомите не секогаш може да се направи сигурна разлика.

Кога може да станува збор за стрептокока?

Стрептококната инфекција на грлото најчесто е предизвикана од бактеријата Streptococcus pyogenes. Може да се манифестира со:

  • силна болка во грлото;
  • отежнато голтање;
  • покачена температура;
  • црвенило или наслаги на крајниците;
  • зголемени и болни лимфни јазли на вратот.

За потврда на инфекцијата може да се направи брис од грло за детекција на Streptococcus, а во зависност од клиничката слика лекарот може да препорача и дополнителни лабораториски анализи. Лабораториското тестирање е важно бидејќи симптомите сами по себе не се доволни за сигурно утврдување на причинителот.

А што ако причината е мононуклеоза?

Инфективната мононуклеоза често се нарекува и „болест на бакнежот“, бидејќи најчесто се пренесува преку контакт со плунка. Најчест причинител е Epstein-Barr вирусот (EBV), а покрај болно грло може да предизвика температура, а може да се појават и:

  • изразен замор;
  • зголемени лимфни јазли, особено на вратот;
  • главоболка и чувство на слабост;
  • зголемени крајници;
  • промени во крвната слика.

Бидејќи вирусот може да се пренесува и преку други контакти со плунка, не е потребен исклучиво бакнеж за да дојде до инфекција. За проценка може да се направи комплетна крвна слика, а кога постои сомнеж за EBV инфекција, лекарот може да препорача серолошки тестови за Epstein-Barr вирус, со кои се утврдува дали се работи за неодамнешна или претходно прележана инфекција.

Кои анализи можат да помогнат?

Кога болката во грлото е поизразена, трае подолго или е проследена со температура, зголемени лимфни јазли или изразен замор, лекарот може да препорача:

Брис од грло - за проверка на присуство на бактериски причинители, особено Streptococcus pyogenes.

Комплетна крвна слика (Основен пакет - проширен) - дава информации за крвните клетки и може да помогне во проценката на инфекцијата.

CRP - показател кој може да помогне во проценката на воспалителниот процес, но сам по себе не може да ја одреди причината за болното грло.

Epstain Barr Virus IgG + IgM - кога постои сомнеж за инфективна мононуклеоза, специфичните антитела кон EBV можат да помогнат во утврдувањето на фазата на инфекцијата.

Mononucleosis (PB)

Овој тест детектира хетерофилни антитела кои може да се појават при инфективна мононуклеоза. Сепак, неговата точност е ограничена, особено кај помали деца, бидејќи хетерофилните антитела често не се создаваат во доволна количина. Поради тоа, тестот не се препорачува за деца под 3 години, а кога е потребна попрецизна проценка на Epstein-Barr вирусната инфекција, се препорачува Epstain Barr Virus IgG + IgM антитела, која овозможува подетална интерпретација на инфекцијата.

Не секое болно грло е исто

Вирусна инфекција, стрептокока и мононуклеоза можат да имаат слични симптоми, но бараат различна проценка и пристап. Затоа, наместо да претпоставуваме што стои зад болката во грлото, соодветната лабораториска анализа може да даде дополнителна информација за причината.

Ако болното грло е силно, трае или е придружено со висока температура, отежнато голтање/дишење, изразена слабост или други загрижувачки симптоми, потребна е консултација со лекар.