fbpx

Значењето на Витаминот Д за здрав изглед на кожата и косата

Вообичено, улогата на витамин Д се поврзува со здравјето на коските и коскениот метаболизам. Сепак, улогата на Витамин Д е многу поширока, бидејќи тој учествува во многу сложени процеси во човечкото тело. Во претходните наши текстови, го истакнавме значењето и улогата на витаминот Д во повеќе сложени процеси во нашето тело, можете подетално да прочитате на следниот линк: https://avicenalab.com.mk/vitamin-d-e-vazhen-za-zdravjeto-na-koskite-no-i-za-celokupnoto-zdravje/. Во овој текст се посветуваме повеќе на улогата на Витаминот Д за одржување здрава кожа и коса.

Кои се главните извори на Витаминот Д во нашето тело?

Нашето тело добива витамин Д на два начина. Мала количина на активен витамин Д во форма на холекалциферол (витамин Д3) може да се добие од исхраната од животинско потекло: храна со значителни нивоа на витамин Д се жолчката од јајце и одредени сини риби. Ергокалциферол, друга форма на превитамин Д (витамин Д2), се наоѓа во мали количини во растителна храна, како што се некои видови печурки и квасци.

Друг начин на кој телото го добива витаминот Д е изложувањето на сончевото ултравиолетово зрачење. Затоа, витаминот Д се нарекува и „Сончев витамин“ бидејќи примарен извор е синтезата во кожата по изложување на сонце.

Бидејќи примарната врска помеѓу витаминот Д и кожата започнува со синтезата на витаминот Д во кожата, која е најголемиот орган на човечкото тело, механизмите со кои овој витамин влијае на здравјето на кожата на нашето лице, тело, но и скалпот, а со тоа и нашата коса ќе бидат тема на овој текст.

Сонцето, витаминот Д и кожата

Телото произведува витамин Д само кога кожата е директно изложена на сонце – кожата изложена на сонце преку прозорец во затворен простор нема да произведува витамин Д. Облачното време и темната боја на кожата исто така ја намалуваат количината на витамин Д која кожата ја произведува, додека светлaта кожа има подобра апсорпција. Така, на луѓето со посветла кожа им требаат околу 15 минути изложување на сонце, додека на луѓето со потемна кожа им требаат дури неколку часа за иста количина на витамин Д.

Сепак, исто како што може да ја зајакне нејзината отпорност и позитивно да влијае на одредени кожни болести, премногу време поминато на сонце може да ја оштети вашата кожа, да предизвика изгореници од сонце и да го зголеми ризикот од рак на кожата, затоа обидете се да ја ограничите изложеноста на сонце.

Витамин Д –  важна улога во биолошките процеси во кожата

Активната форма на витаминот Д, познат и како калцитриол, се синтетизира во кератиноцитите – тоа се специјализирани клетки на кожата кои произведуваат кератин, протеин кој се наоѓа во косата, ноктите и кожата. Тие постојано се делат за да произведат нови клетки кои ќе ги сочинуваат горните епидермални слоеви и ќе и дадат на нашата кожа стабилно снабдување со нови клетки, што е особено важно бидејќи кератиноцитите претставуваат околу 95% од вкупните клетки на кожата. Утврдено е дека стапката на обновување и делба на клетките е поврзана со количината и присуството на витамин Д во нашето тело. Затоа, недостатокот на витамин Д може да доведе до истенчување на кожата, која станува сува и почнува да се опушта. Покрај тоа, кога телото нема доволно витамин Д, кератиноцитите во фоликулите на косата имаат проблем со регулирање на растот и опаѓањето на косата.

Нашето тело произведува витамин Д во одредена количина, но како што старееме овие процеси се забавуваат. Откриено е дека луѓето постари од 50 години се помалку способни да синтетизираат витамин Д од сончевата светлина. Исто така, кај жените во менопауза, некаде околу педесеттата година, природното производство на овој витамин значително се намалува, а тоа се одразува и на кожата на лицето. Образите се релаксираат, а усните се спуштаат надолу. Дополнувањето на витаминот Д значително помага за обновување на кожата не само со зголемување на поделбата на кератиноцитите и со тоа зголемување на нивниот број, туку кога витаминот Д ќе стигне до подлабоките слоеви на кожата, го активира создавањето на дополнителни протеини. Се произведува поголемо количество на колаген и еластин, кои заедно даваат цврстина на кожата, создаваат штит и ја зајакнуваат заштитната бариера на кожата на лицето. Некои неодамнешни истражувања покажуваат дека витаминот Д може да го контролира и процесот на стареење на кожата преку неговата улога во регулирањето на воспалението, намалувањето на оксидативниот стрес/слободите радикали, генетските промени, нарушувањата на ДНК и промените во нивото на калциум. Затоа, примената на витамин Д, било со директно нанесување на кожата и/или како додаток на храна ( капсули, капки и сл,), го спречува стареењето на кожата и придонесува за подмладување на кожата.

Витамин Д – врска со акни, мозолчиња и мрсна/сува кожа

Симптомите кои најчесто се појавуваат на кожата како резултат на недостаток на витамин Д вклучуваат:

  • Појавата на акни и мали мозолчиња на лицето
  • Забрзано стареење на кожата (предвремено појавување на брчки и фини линии)
  • Опуштеност на кожата
  • Лупење на кожата
  • Егзема
  • Розацеа

Според дефиницијата, акните (лат. acne vulgaris) се воспалително заболување на кожата, предизвикано од промени во фоликулот на влакното и лојната жлезда. Промените во нивото на хормоните, бактериите, зголеменото лачење на себум и личната хигиена се примарните причини за појава на акни. Ако имате акни, недостатокот на витамин Д исто така може да биде дел од она што ги предизвикува или влошува вашите симптоми.

Кога заштитната бариера на кожата е оштетена, таа е  сува, клетките губат вода и процесите на регенерација се забавуваат. Потешка форма на сува кожа, која е придружена со лупење, се покажало дека е поврзана со ниско ниво на витамин Д. Од друга страна, недостатокот на витамин Д може да биде причина и за мрсна кожа и коса. Доволното внесување на витамин Д, било преку апликација, сончање, диета или суплементација ќе ја направи кожата хидрирана, мазна, еластична и што е најважно – здрава.

Улогата на витаминот Д во третманот на кожни болести

Дејството на витаминот Д во кожата е имуномодулаторно. Покрај тоа, витаминот Д делува на формирањето на заштитната бариера на кожата и игра важна улога во создавањето и регулирањето на антимикробните пептиди, што промовира локална отпорност на инфекции. Токму затоа недостатокот на витамин Д во организмот може да игра значајна улога во патогенезата и лекувањето на широк спектар на кожни болести.

Кожни болести поврзани со промени во нивото на витамин Д:

  • Псоријаза
  • Витилиго
  • Атопичен дерматитис
  • Акни и розацеа
  • Вродена ихтиоза (Ichthyosis congenita)
  • Воспаление на потните жлезди (Hidradenitis suppurativa)
  • Системски лупус еритематозус
  • Полиморфна светлосна ерупција, алергија на сонце
  • Алопеција ареата
  • Меланом
  • Рак на кожа

Една од најпознатите апликации на витаминот Д во однос на здравјето на кожата е третман на псоријаза (хронична воспалителна болест на кожата која погодува 2-3% од светската популација, состојба поврзана со ослабен имунолошки систем). Иако патогенезата на псоријазата не е целосно разбрана, постојат многу докази кои сугерираат дека дисрегулацијата на имуните клетки на кожата, особено Т-клетките, игра клучна улога во развојот на псоријазата и се истражува и можната улога на недостаток на витамин Д во развојот за болеста.

Витилиго е стекнато нарушување на пигментацијата кое се карактеризира со области на депигментација на кожата, косата и/или мукозните мембрани со различни големини и е предизвикано од уништување на функционалните меланоцити (клетки кои произведуваат пигмент на кожата – меланин) во епидермисот. Одредени студии докажале дека дури 70,5% од пациентите со витилиго имаат дефицит на витамин Д.

Недостаток на витамин Д и губење на косата

Губењето на косата кај жените и мажите е нормална појава. Секое влакно има свој животен век и сосема е нормално да паѓаат до 100 влакна во текот на денот. Сепак, многу луѓе се соочуваат со проблемот на прекумерно опаѓање на косата. Ова може да доведе до ќелавост или алопеција. Губење на косата настанува кога фоликулот е зафатен од некоја штетна супстанција однадвор или одвнатре. Најчести причини се бременост, психолошка траума, болест, хоспитализација, операција, неухранетост и лекови.

Витаминот Д го стимулира растот на фоликулите и затоа неговиот недостаток доведува до опаѓање на косата и други недостатоци како кршлива и крута коса која често не може да расте до одредена должина.

Опаѓањето на косата кај жените поради недостаток на витамин Д е многу честа појава, а особено е изразена кај жените во менопауза (по 50-та година од животот), кога има пад на производството на витамин Д во кожата. Утврдено е дека дури 95% од жените со опаѓање на косата имаат намалено ниво на витамин Д.

Губењето на косата и COVID-19

Губењето на косата по болест и стрес не е невообичаена. Еден од симптомите што се јавуваат како резултат на продолжен COVID-19 е губење на косата. Околу 20% од пациентите откако ќе се заразат со овој вирус имаат проблем со опаѓање на косата. Според најновата студија објавена во 2022 година во Irish Journal of Medical Science, инфекцијата со СОВИД-19 влијае на циклусот на раст на косата и е главната причина за акутно прекумерно опаѓање на косата. Ова губење на косата  е дифузно губење на косата кое обично се јавува 2-3 месеци по вирусна инфекција и трае до 6 месеци. Имајќи предвид дека постои директна корелација помеѓу недостатокот на витамин Д во крвта и сериозноста на клиничката слика по COVID-19, може да се заклучи дека ова е една од причините за опаѓање на косата по закрепнувањето од СОVID-19. Треба да се нагласи дека зголеменото опаѓање на косата не е специфично само за СОВИД-19, туку може да се појави после било каква вирусна или друга инфекција.

Извори:

Sharquie KE, Jabbar RI. COVID-19 infection is a major cause of acute telogen effluvium. Ir J Med Sci. 2022 Aug;191(4):1677-1681. doi: 10.1007/s11845-021-02754-5.

Gašparini, D. i Kaštelan, M. (2021). Vitamin D i koža. Medicina Fluminensis, 57 (4), 356-364. https://doi.org/10.21860/medflum2021_264890

Saini K, Mysore V. Role of vitamin D in hair loss: A short review. J Cosmet Dermatol. 2021 Nov;20(11):3407-3414. doi: 10.1111/jocd.14421.

Zubair Z, Kantamaneni K, Jalla K, Renzu M, Jena R, Jain R, Muralidharan S, Yanamala VL, Alfonso M. Prevalence of Low Serum Vitamin D Levels in Patients Presenting With Androgenetic Alopecia: A Review. Cureus. 2021 Dec 15;13(12):e20431. doi: 10.7759/cureus.20431.

Sanke S, Samudrala S, Yadav A, Chander R, Goyal R. Study of serum vitamin D levels in men with premature androgenetic alopecia. Int J Dermatol. 2020 Sep;59(9):1113-1116. doi: 10.1111/ijd.14982.

F.J. Navarro-Triviño, S. Arias-Santiago, Y. Gilaberte-Calzada, Vitamin D and the Skin: A Review for Dermatologists, Actas Dermo-Sifiliográficas (English Edition), Volume 110, Issue 4, 2019, Pages 262-272, ISSN 1578-2190,  https://doi.org/10.1016/j.adengl.2019.04.001. (https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S157821901930112X)

Lin, X., Meng, X., & Song, Z. (2019). Vitamin D and alopecia areata: possible roles in pathogenesis and potential implications for therapy. American Journal of Translational Research, 11(9), 5285–5300.

Daroach M, Narang T, Saikia UN, Sachdeva N, Sendhil Kumaran M. Correlation of vitamin D and vitamin D receptor expression in patients with alopecia areata: a clinical paradigm. Int J Dermatol. 2018 Feb;57(2):217-222. doi: 10.1111/ijd.13851.