Зошто е важно редовно следење на гликозата (шеќерот) во крвта?

Што е гликоза?

Гликозата е вид на шеќер што клетките на човечкото тело го користат како главен извор на енергија. Нашето тело ја разградува храната што ја јадеме на гликоза и други супстанции. Црниот дроб складира дополнителна гликоза и може да ја произведе во моменти кога не јадеме. Гликозата оди во нашиот крвоток, каде што хормонот наречен инсулин помага да се внесе гликозата во клетките на нашето тело.

За нормално функционирање на организмот потребно е концентрацијата на гликоза во крвотокот да не флуктуира.

Улогата на тестирањето на гликозата

Постојат неколку различни причини зошто лекарот може да препорача тест за гликоза.Тие вклучуваат скрининг, дијагноза и мониторинг.

Скрининг

Скринингот значи користење на тестови за да се пронајдат здравствени проблеми пред тие проблеми да предизвикаат какви било симптоми или знаци што вие или Вашиот лекар може да ги забележите.

Ако имате над 40 години, имате прекумерна тежина  или имате зголемен ризик од развој на дијабетес, Вашиот лекар може да препорача еден или повеќе скрининг тестови за гликоза за да открие преддијабетес или дијабетес. Луѓето со преддијабетес имаат нивоа на гликоза кои се повисоки од нормалното, но не доволно високи за да им биде дијагностициран дијабетес.

Дијагноза

Дијагнозата се заснова на тестови и процедури за да се утврди која е здравствената состојба која ги предизвикува симптомите.

Ако имате симптоми на дијабетес, висок шеќер во крвта или низок шеќер во крвта, лекарот може да препорача тест за гликоза. Тестирањето на гликоза може да биде придружено со други тестови на крвта или урина за да се постави точна дијагноза.

Мониторинг

Ако Ви е дијагностициран дијабетес или преддијабетес, Вашиот лекар можеби ќе сака да ги следите нивоата на гликоза во крвта со апарат за тестирање или следење на гликоза дома. Вашиот лекар може исто така да препорача периодични лабораториски тестови, за да има увид во Вашата состојба.

Премногу гликоза во крвта може да биде знак за дијабетес, сериозна здравствена состојба која може да предизвика оштетување на ткивата и органите доколку не се контролира. Дијабетесот може да се развие ако вашето тело не може да произведе доволно инсулин или ако клетките на вашето тело имаат проблем со прифаќање на инсулин.

Кој треба да направи тест за гликемија- шеќер во крвта?

Тестот за гликоза е еден од тестовите кои рутински се прават за време на редовен годишен преглед. Вашиот доктор можеби ќе сака да направи тест за покачена гликоза ако имате поголем ризик од дијабетес од просечниот. Фактори на ризик за дијабетес вклучуваат:

  • Возраст од 45 години или повеќе
  • Прекумерна тежина или дебелина
  • Срцеви заболувања, висок крвен притисок или висок холестерол
  • Преддијабетес
  • Членови на семејството со дијабетес
  • Недостаток на физичка активност
  • Синдром на полицистични јајници

Кај бремени жени, лекарот може да препорача тест за гликоза за проценка на гестациски дијабетес, тип на дијабетес поврзан со хормонските промени за време на бременоста. Гестациски дијабетес може да биде штетно за мајката и фетусот ако не се лекува и може да го зголеми ризикот од развој на дијабетес подоцна во животот.

Вашиот лекар може да препорача и тестирање на гликоза ако имате симптоми на дијабетес, вклучувајќи:

  • Често мокрење
  • Прекумерна глад или жед
  • Пецкање или губење на чувството во рацете или нозете
  • Заматен вид
  • Абнормален број на инфекции
  • Необјаснето губење на тежината
  • Замор
  • Сува кожа
  • Рани кои не зараснуваат брзо

Тестирањето на гликоза е исто така важен дел од следењето со преддијабетес и дијабетес откако ќе бидат дијагностицирани.

Видови тестови за гликоза

За скрининг и дијагноза најчесто се прават неколку различни тестови за гликоза

1.Тест за гликоза на гладно: Овој тест ја мери количината на гликоза во крвта откако ќе станете, без да јадете или пиете ништо освен вода најмалку 8 часа. Овој тест обично се изведува наутро.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

Цена: 100 денари

2. Тест за толеранција на гликоза ( ОГТТ): Овој тест мери колку гликоза има во вашиот крвоток откако не јадете преку ноќ,  а потоа ќе испиете пијалок со шеќер. Тестот за толеранција на гликоза обично бара повеќе од едно земање крв во текот на неколку часа.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

Цена: 450 денари

3. Тест за гликоза во урината: Тестирањето на гликоза во урината често е дел од рутинската анализа на урината.

Примерок: урина

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

Цена: 100 денари

3. Хемоглобин A1c (HBA1c)

Иако тестот за хемоглобин A1c не ја мери гликозата директно, тој ги одразува просечните нивоа на гликоза во крвта во текот на изминатите три месеци со мерење на количината на хемоглобин што се врзал за гликозата.

Колку е поголема концентрацијата на гликоза (шеќер во крвта), толку е поголема концентрацијата на HbA1c.

Хемоглобинот A1c (HbA1c) се користи за да помогне во дијагностицирање и следење на третманот на дијабетес.

HbA1c се одредува за луѓе кои имаат симптоми или зголемен ризик за развој на дијабетес, како и за луѓе кои веќе имаат дијагноза на дијабетес, со цел периодично да се следи терапијата.

Примерок: полна крв (венска крв)

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

Цена: 650 денари

4. Одредување на концентрација на инсулин

Инсулинот е хормон кој се синтетизира во панкреасот и е еден од главните регулатори на концентрацијата на гликоза во крвотокот. Главната улога на инсулинот е да го намали нивото на шеќер во крвта.

Тестот за инсулин преку крв се користи за да се процени способноста на панкреасот да произведува инсулин, како помош во дијагнозата на тумори кои произведуваат инсулин (инсулиноми), во дијагнозата на хипогликемија (ниска гликоза во крвта), како помош во дијагнозата на отпорност на инсулин и при определување терапија за дијабетес тип 2.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: 4 часа

Цена: 850 денари

5. C-peptid

Оваа анализа исто така е позната и како маркер на дијабетес.

Се користи за проценка на производството на инсулин во панкреасот, како и за да помогне да се утврди причината за ниските нивоа на гликоза во крвта (хипогликемија).

Ц-пептидот се препорачува најчесто на лицата со дијабетес да проценат дали е време да се вклучи инсулин во терапијата, за луѓето на инсулинска терапија да проценат дали е време да се вклучи инсулинска пумпа во терапијата и за луѓе со знаци и симптоми-хипогликемија.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: 1 ден

Цена: 850 денари

Дали знаете дека Република Македонија е земја со 11.2 проценти заболени, односно влегува во групата држави со висока преваленца на дијабетес. Во 2020 година се дијагностцирани нови 7432 нови пациенти со дијабетес.*

Совети за превенција:

Јадете свежа храна

Изберете ја вистинската храна со низок гликемиски индекс, вклучувајќи свеж зеленчук, овошје, мешунки, житарки без глутен, јаткасти плодови, семки и висококвалитетни животински протеини.

Отстранете ги сите засладувачи

Вештачките засладувачи можат да го подигнат нивото на инсулин и да придонесат за отпорност на инсулин.Природни засладувачи кои можете да ги консумирате умерено се стевиа, ксилитол, еритритол.

Стевијата и еритритолот имаат гликемиски индекс еднаков на нула, што значи дека не го покачуваат шеќерот во крвта, т.е. нема ненадеен скок по консумирањето на овие засладувачи.

Од друга страна, ксилитолот, т.е. Шеќерот од бреза има гликемиски индекс помеѓу 7-13, така што малку ќе влијае на нивото на шеќер во крвта по варењето.

Зголемете ја храната богата со растителни влакна

Истражувањата покажуваат дека храната богата со влакна може да биде исто толку ефикасна како и антидијабетичните лекови за намалување на шеќерот во крвта без несакани ефекти.

Влакната ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот во крвотокот од цревата. Јадете широк спектар на растителна храна богата со растителни влакна, вклучувајќи јаткасти плодови, семиња, овошје, зеленчук и мешунки.

Имајте добар сон

Направете го спиењето главен приоритет за нормализирање на нивото на инсулин. Избегнувајте да јадете три часа пред спиење и уживајте во топла бања пред спиење за да ја зголемите телесната температура и да ги опуштите мускулите.

Вежбајте

Вежбањето може да биде најмоќниот лек за регулирање на шеќерот во крвта. Вежбањето ги прави клетките почувствителни на инсулин.  Комбинирањето на кардио тренингот со тренингот со тегови го обезбедува најефективниот начин за нормализирање на нивото на шеќер и инсулин во крвта.




*Извор: Државен завод за статистика http://www.stat.gov.mk/InfoGraphic/2021/WDD-mk.pdf