fbpx

Целијакија, интолеранција на глутен или алергија на глутен – Направете разлика!

Што е глутен и кои намирници го содржат?

Глутенот е комплексен растителен протеин кој се наоѓа во одредени житарици како пченица, јачмен, ‘рж и овес. Се состои од протеините глијадин и глутенин и ја дава еластичноста на тестото подготвено од брашната од овие житарици, односно, помага на храната да ја задржи својата форма, делувајќи како лепак. Поради ова негово својство, глутенот се додава во многу други намирници, за подобрување на текстурата, за згуснување, стабилизирање. Па така, покрај тестенините и печивата, глутенот е составен дел и може да се најде во многу други прехрабени производи како, пиво, сокови, кечап, преработки од месо, сладоледи, десерти, козметички производи за кожа и коса, лекови и др. Токму заради неговата застапеност во сите производи, глутенот во изминатите години стана тема од значителен интерес и истражување, поради различни медицински и немедицински причини, а интересот доведе до огромно количество литература и информации кои повремено се збунувачки и погрешни. Овој преглед ги категоризира болестите и состојбите поврзани со глутен врз основа на потврдени медицински факти и студии.

Целијакија, интолеранција на глутен и алергија на глутен се состојби на организмот кои директно се засегнати од глутенот и чиј што примарен третман е избегнување на глутенот. Иако се слични во однос на симптомите, сепак постои разлика помеѓу секоја од овие специфични состојби.

Што е целијакија (целијачна болест)?

Целијакија е вродено гастроентеролошко автоимуно заболување кое се карактеризира со осетливост на храна која содржи глутен. Доколку со храната се внесе глутен, дури и во минимални количини, имуниот систем на организмот има силна реакција на глутенот. Со тек на време, воспалителните процеси предизвикуваат оштетување на ресичките на тенкото црево, лигавицата на цревата станува рамна, се пореметува функцијата на цревата и ресорпцијата на хранливите материи преку храната е намалена или оневозможена. Храната едноставно не се задржува во организмот, па по пат на течни и обилни столици се исфрла, што дополнително го отежнува процесот на ресорпција на хранливи материи.

Симптоми: Знаците и симптомите на целијакија може многу да варираат и да се разликуваат кај децата и возрасните. Дигестивни знаци и симптоми кај возрасни вклучуваат дијареа, замор, губење на тежина, надуеност и гасови, абдоминална болка, гадење и повраќање, запек. Сепак, повеќе од половина од возрасните со целијачна болест имаат знаци и симптоми кои не се поврзани со дигестивниот систем, вклучувајќи анемија, остеопороза, главоболки, дерматолошки промени, болки во зглобовите и мускулите, невролошки промени вклучувајќи мозочна магла, вкочанетост, пецкање во стапалата и рацете, па до анксиозност и депресија.

Што е интолеранција на храна?

Нецелијачна чувствителност на глутен, попозната како интолеранција на глутен е најчесто одложена реакција на организмот на глутен, која не е од автоимуна природа како кај целијакија, ниту пак е вклучена појава имуноглобулин Е (IgE) како кај алергиите, односно, станува збор за реакција која е комплетно различна од алергиска реакција. Станува збор за низок степен на перзистентна (долготрајна) хронична воспалителна реакција која трае се додека во организмот се внесува глутенот.

Симптомите на интолеранција на глутен и целијакија се многу слични. Иако и двете состојби предизвикуваат негативен одговор на телото кон глутенот, двата типа на одговори се разликуваат по интензитетот, времетраењето и последиците кои ги оставаат на организмот.

Кај лицата со интолеранција, при внес на глутен се јавува краткотрајна надуеност и болки во стомакот и вообичаено не се предизвикува долготрајна штета на телото, односно, не доаѓа до оштетување на цревните ресички и ткивото на тенкото црево.

Симптомите на интолеранција се многу променливи. Тие вклучуваат надуеност, абдоминална болка и дијареа, симптоми кои имитираат синдром на нервозно дебело црево. Други цревни манифестации вклучуваат гадење, рефлукс на киселина, запек. Поединци може да имаат неинтестинални симптоми како што се општо лошо чувство, замор, главоболки, замаглен ум, вкочанетост, болки во зглобовите или хронични промени на кожата. Едно лице може да има еден или повеќе симптоми.

Клиничките симптоми на интолеранција на глутен и целијакија се преклопуваат што го отежнува разликувањето на двете состојби само врз основа на симптомите.

Алергија на глутен

Алергијата на глутен е специфична имунолошка реакција на организмот кон глутенот при која одреден вид на бели крвни клетки, наречени Б-клетки, продуцираат имуноглобулин Е (IgE) антитела за напад на молекулите на глутенот. Во исто време, локалните ткива во телото испраќаат природни хемиски гласници за да го предупредат остатокот од телото дека има проблем. Оваа реакција се случува многу брзо (во рок од неколку минути до неколку часа) и може да вклучи низа симптоми од гадење, абдоминална болка, чешање, отекување на усните и јазикот, до проблеми со дишењето или анафилакса (реакција опасна по живот). Симптомите при алергија на глутен може да бидат многу слични на оние при интолеранција и не секогаш може јасно да се разликуваат, но разлики сепак постојат: алергиите се најчесто со акутен почеток (2 часа или помалку), додека интолеранцијата е побавна – со одложен и непрепознатлив почеток на манифестирање на проблемите (до 72 часа), алергиите може да бидат предизвикани и од присуство на трагови од алергените, додека кај интолерацијата е битна и количината на храната.

Дијагностицирање

Поради сличноста во симптомите, многу е тешко да се направи јасна диференцијација помеѓу овие 3 состојби и да се постави точна дијагноза, со оглед на тоа дека овие симптоми се преклопуваат и со други болести и состојби. Затоа, потребна е консултација со лекар кој во согласност со клиничката манифестација и анамнеза на пациентот, ќе препорача да се направат соодветни лабораториски анализи. Особено важно е лабораториските тестови кои се користат да бидат сигурни, сертифицирани и од докажан производител, како тестовите што се работат во Авицена Лабораторија, со кои брзо и едноставно може да се утврди причината за појавата на симптомите, односно, се прави јасна диференцијација помеѓу интолеранција, алергија на глутен и целијакија.

Во Авицена Лабораторија се изработуваат и најсовремени квантитативни алерготестови преку крв, единствени на пазарот со стандардна крива калибрирана согласно стандардот на Светската Здравствена Организација „2nd WHO IRP 75/502 for human IgE“.

Тестовите се организирани во вид на панели (нутритивни, педијатриски, инхалаторни, комбинирани и посебно прилагодени за нашето подрачје) и вклучуваат 20 поединечни алергени меѓу кои е и глутенот. Се изработуваат преку крв, а резултатите се готови за само неколку часа. Повеќе за алерготестовите на следниот линк.

Третман

Третманот за целијакија и алергија на глутен е придржување до строга безглутенска диета. Дури и најмала количина на глутен во траги, може да предизвика сериозна реакција на организмот.

При интолеранција на глутен, степенот до кој треба да се елиминира глутенот од животниот стил зависи од сериозноста на симптомите и нивото на толеранција на самата индивидуа.

Молекуларен тест за целијакија

Real-time PCR тест за одредување генетска склоност кон развој на целијакија (глутен- ентеропатија)

Целијачната болест е автоимуно заболување (наречена уште и ентеропатија), која се карактеризира со нетолеранција на глутен. Се дефинира и како мултифакторна болест со силна генетска компонента. Генетската подложност на целијачна болест вклучува присуство на HLA-DQ2 / HLA-DQ8 хетеродимери, кои играат клучна улога во патогенезата на болеста, за активација на имунолошкиот одговор. Кај 90-95% од пациентите со целијакија постои експресија на HLA-DQA1*05 / DQB1*02 хетеродимерот.

Во Авицена Лабораторија е достапен високо сензитивен молекуларен тест за одредување генетска склоност кон целијакија, со анализа на ДНК изолирана од крвта на пациентот.

Тестот се базира на RT PCR технологија за брза и прецизна идентификација на HLA алели од класа II – специфични за целијакија.

Генетската подложност на целијакија вклучува присуство на HLA-DQ2 / HLA-DQ8 хетеродимери, кои играат клучна улога во патогенезата на болеста преку нивната способност да го презентираат антигенот и да го активираат имунолошкиот одговор.

  • дијагностички тест кој помага во дијагнозата на целијачна болест.
  • oвој тест е особено важен во случаи кога има отстапувања помеѓу серолошките испитувања преку крв и/или цревната биопсија.
  • Генетското тестирање се применува и за идентификација на луѓе предиспонирани за целијачна болест, особено во високоризични групи, како што се роднините од прв степен на лица болни од целијакија.
  • Пациенти со други автоимуни (дијабетес тип I, тироидитис и мултиплекс склероза) или генетски болести (Даунов синдром, Тарнеров синдром или Вилијамс синдром).

Познавањето со генотипот HLA од класа II кај оние со ризик од целијачна болест може да ги подобри дијагностичките стратегии, прогнозата и клиничкото следење.

Примерок: венска или капиларна крв

Цената на генетскиот тест за Целијакија можете да ја разгледате на следниот линк.

Издавање резултати: за 1 работен ден