fbpx

Гaстроинтестинални инфекции- кои се најчестите причинители?

Инфекциите на гастроинтестиналниот систем се многу чести кај општата популација и може да се манифестираат на различен начин, во зависност од тоа кој е причинителот, возраста, општата состојба на организмот и други фактори.

Без оглед дали се работи за вирусна или бактериска инфекција, симптомите скоро секогаш вклучуваат гадење, мачнина, повраќање, проливи и различен степен на дехидратација.

Како и за секоја друга состојба, и кај гастроинтестиналните инфекации откривањето на причинителот е од клучно значење за правилен третман на состојбата и воспоставување котрола врз инфекцијата.

ВИРУСНИ ЦРЕВНИ ИНФЕКЦИИ:

Вирусните инфекции на гастроинтестиналниот тракт се јавуваат преку целата година, а особено се чести во летниот период, кога повисоките температури се погодни за нивно размножување. Подеднакво и децата и возрасните страдаат од вакви цревни инфекции, кои се манифестираат со висока температура, болки во стомакот, гадење, повраќање, течни столици, кои можат да доведат до дехидратација на организмот. Истите се пренесуваат преку феко-орален пат, преку недоволно измиено овошје и зеленчук, нечисти раце, загадена вода, контакт со болен и сл.

Вирусите се најчести причинители за акутен гастроентеритис кај деца, како во развиениот свет, така и во земјите во развој и се смета дека 50 до 70 отсто од акутната дијареја кај децата е предизвикана од вирусен предизвикувач.

ROTAVIRUS

Ротавирусот претставува најважниот вирусен патоген во светот кај деца помлади од 5 години. Ротавирусната инфекција се манифестира со сезонски варијации, со зголемена зачестеност во зима и намалена зачестеност во летните месеци. Ротавирусот се карактеризира со исклучително висока зараза, краток период на инкубација. Се јавува ненадејно, многу е агресивен и доведува до тешки дехидратации придружени со висока телесна температура. Скоро сите деца заболуваат пред да наполнат пет години. Првите симптоми обично се јавуваат меѓу 1 и 3 дена (често 2 дена) откако лицето било изложено на вирусот, во форма на стомачни болки,силно повраќање и температура. Потоа се јавуваат водени течни столици, кои може да траат од 3-7 дена. Болеста обично трае помалку од 5 дена по што вирусот продолжува да се излачува преку фецесот за околу една недела.  Инфекциите предизвикани од овој вирус се честа причина за хоспитализација на доенчињата, бидејќи предизвикуваат тешки проливи и повраќања, проследени со висока температура и дехидрација.

Ротавирусната болест најчесто се јавува во периодот од Декември-Јуни.

Начин на пренос: феко-орален пат, преку измет или повратени маси на заболено лице, преку личен контакт, загадени предмети и загадена храна. Вирусот се наоѓа и во плунката, затоа е возможен и пренос преку воздух, со говор или кашлање.

NOROVIRUS

Norovirus е најчеста причина на дијареa кај возрасните. Кај децата, тоа е втората најчеста причина за гастроентеритис, по ротавирусите.

Се работи за високовирулентен микроорганизам – заболен пациент може да исфрли билиони партикли од вирусот, а друг може да заболи од само неколку такви партикли.

Симптомите почнуваат нагло – гадење, повраќање, пролив и болка во стомакот – и се јавуваат 12-24 часа по изложеноста и се придружени со треска, главоболка и болки  по целото тело.

Иако симптoмите вообичаено траат 3 дена, кај деца и повозрасни лица може да доведе до дехидратација и сериозни здравствени проблеми. Екскрецијата на Norovirus во фецесот е најизразена 4-5 дена по почетокот на инфекцијата, но вирусната екскреција може да се открие и до околу еден месец. Имунитетот не е долготраен; истиот вирус може да предизвика нова инфекција по околу 6 месеци.

Начин на пренос: Потребна е многу мала инфективна доза, коja се пренесува преку контаминирана храна или вода, контаминирана површина, како и инхалација на партикли на вирусот при контакт со заболено лице. Вирусот е отпорен на ниски и високи темепература и на многу дезинфекциони средства. Многу често прави епидемии во полузатворени колективи (градинки, училишта, болници,домови за стари лица,бродови на крстарења и сл.)

ADENOVIRUS

Освен тоа што предизвикуваат респираторни инфекции, Аденовирусите за причинители и за гастроентерити. Вообичаено се јавуваат кај деца и имаат лесен или средно-тежок облик на пролив, повраќање и температура. Потешка форма на заболување се јавува кај лица со компромитиран имун систем и други придружни заболувања.

Начин на пренос: близок контакт со заболено лице или контаминирана површина, предмет или вода. Вирусот е високовирулентен и може да остане на одредена површина подолго време и поради тоа лесно се пренесува и може да прави мали епидемии.

ASTROVIRUS, SAPOVIRUS

Двата типа вируси предизвикуваат гастроентерити кај деца и возрасни, со различна форма на  клиничка слика.

Саповирусот, заедно со норовирусот, е еден од најчестите предизвикувачи на гастроентерити, посебно кај деца. Заболено лице може да исфрли до 109 партикли на вирус во 1 грам фецес или повратена маса, а само 10-тина  вирусни честички може да предизвикаат заболување.

Симптомите наликуваат на оние на норовирус, инкубацијата е од 1-4 дена и поретко се јавува температура.  

Начин на пренос: бидејќи се пренесуваат преку феко-орален пат, многу е важна строга хигиенска контрола и избегнување на контакт со заболен.

БАКТЕРИСКИ ПРИЧИНИТЕЛИ:

Гастроинтестиналните инфекции предизвикани од бактерии и/или нивни токсини, може да предизвикаат различни симптоми, кои може да се манифестираат со лесна форма па се до тешка форма на заболување.

CLOSTRIDIUM DIFFICILE, ТОКСИН А И Б

Clostridium difficile е еден од најзначајните патогени кои се поврзуваат со инфекции стекнати во болничката средина, како резултат на антибиотска терапија.

Микроорганизмот има способност да лачи токсини, способност за спорулација и  е многу отпорен на  надворешни влијанија.

Водени и понекогаш крвави, профузни течни столици започнуваат 4-9 дена по стартот со антимикробната терапија. Дијарејата може, исто така, да започне по завршувањето на антибиотскиот третман. Во многу ретки случаи, ентеритис предизвикан од  C. difficile може да се јави без претходен антибиотски третман. Се јавуваат абдоминални болки, грчеви и покачена температура, а тешките форми доведуваат до псевдомембранозен колит или хеморагичен колит, како животозагрозувачка состојба. Кај полесни случаи, вообичаено е потребно да се прекине антибиотскиот третман кој ја предизвикал состојбата.

ЕНТЕРОТОКСИЧНА ESCHERICHIA COLI (ETEC) И ЕНТЕРОХЕМОРАГИЧНА ESCHERICHIA COLI (EHEC)

E. coli бактериите секогаш потекнуваат или од човечки или од животински фецес.

Ентеротоксичната Escherichia coli (ETEC) е најчеста причина за патнички пролив. Повеќето случаи се самоограничувачки и се решаваат брзо, без лекување. За разлика од неа, ентерохеморагична Еscherichia coli (EHEC) може да предизвика хемолитично-уремичен синдром (HUS) кој може може да биде фатална состојба. Главниот резервоар на овој патоген е добитокот, бактериите се присутни во фекалии од добиток, а изолирани се и од говедско месо. Не се препорачува состојбата да се третира со антибиотици, бидејќи уништувањето на бактериите предизвикува нагло обемно ослободување на токсини.

SALMONELLA TYPHI И PARATYPHI

Овие бактерии предизвикуваат системски инфекции предизвикани од серотипови кои се специфични за луѓето. Инфекција предизвикана од S. typhi се карактеризира со тифус синдром кој започнува по период на инкубација од 1-2 недели: главоболка проследена со висока температура, малаксаност, болки во стомакот, гадење и релативна брадикардија (т.е. срцевата фрекфенција е под 100 па дури и при температура повисока од 39°C). Дијареата често е доцен симптом.

Salmonella paratyphi може да предизвика поблаги системски инфекции или само ентеритис.

НЕТИФОИДНИ САЛМОНЕЛИ

Се работи за алиментарна инфекција. Вообичеано е потребен голем инокулум за да предизвика инфекција, и затоа бактеријата мора да биде способна да се размножи во храната пред да биде способна да предизвика инфекција. Чести патогени видови се Salmonella typhimurium и Salmonella enteritidis. Тие обично предизвикуваат ентеритис со ненадејна појава на дијареа, абдоминална болка и покачена температура. Кај постарите и имунокомпромитирани пациенти, инфекцијата може да биде сериозна поради дехидрација и сепса.

SHIGELLA

За разлика од салмонелозата, само мала количина на бактерии се потребни за да предизвикаат инфекција, и најчест пренос е преку директен контакт. Најтешката клиничката слика е предизвикана од серотипот S. dysenteriae. Други серотипови се S.boydii, S.flexneri и S. sonnei.

Клиничката слика личи на ентеритис предизвикан од салмонела, но дијареата често станува крвава затоа што шигела бактериите го напаѓаат цревниот ѕид полесно од салмонелите.

CAMPYLOBACTER

Во развиенитите земји, Campylobacter инфекциите се најчеста причина за бактериска дијареа. Животните служат како извор на инфекција, најчесто поради неправилно приготвено месо. Campylobacter е широко распространет и во живината.

Campylobacter jejuni е предизвикувач во повеќето случаи (90-95%), а практично сите останати случаи се предизвикани од C. coli. Инфективна доза е само неколку стотини бактерии.

Периодот на инкубација е 1-7 дена и дијареата трае 3-5 дена, но чувството на нелагодност може да трае значително подолго.

YERSINIA

Yersinia се ентеробактерии кои живеат во животни. Пренос кај луѓето се случува преку консумација на храна контаминирана со Yersinia. Најчест извор на инфекција се свињите. Најчестит вид е Y. enterocolitica, друг патоген е Y. pseudotuberculosis. Периодот на инкубација обично е 4-6 дена. Некои од инфекциите поминуваат како благ или фебрилен ентеритис, други како мезентеричен лимфаденитис, кој може да имитира воспаление на слепо црево.

Yersinia ентеритис обично завршува спонтано. Сепак, може да се јави реактивен артритис како пост-инфективна компликација, особено кај пациенти кои се позитивни на ХЛА-Б27 антиген.

VIBRIO CHOLERAE

Трансмисијата настанува преку контаминирана вода или храна  Самите вибриони не се инвазивни; токсинот кој се излачува од бактериите е одговорен за симптомите.

Периодот на инкубација варира од неколку часа до неколку дена. Симптомите вклучуваат ненадеен почеток на безболна дијареа и бројни обилни водени столици.

Класичната болест, која брзо доведува до дехидрација, шок и често смрт ако не се лекува, сега е ретка. Поголемиот дел од случаите се јавуваат како релативно благи и само-ограничувачки дијареални болести.  Колерата е заразна болест која задолжително се пријавува и при сомнителни случаи.

ВО АВИЦЕНА ЛАБОРАТОРИЈА Е ДОСТАПЕН ЦЕЛОСЕН ГАСТРОИНТЕСТИНАЛЕН ПАКЕТ-ДЕТЕКЦИЈА НА 17 ПРИЧИНИТЕЛИ НА ГАСТРОИНТЕСТИНАЛНИ ИНФЕКЦИИ (6 ВИРУСИ,9 БАКТЕРИИ И 2 ГАБИЧКИ), со МУЛТИПЛЕКС REAL-TIME PCR метода

►           ТЕСТИРАЊЕ ОД ЕДЕН ПРИМЕРОК, ЗА РАЗЛИЧНИ ВИДОВИ ПРИЧИНИТЕЛИ

►           БРЗАТА ЕТИОЛОШКА ДИЈАГНОЗА ОВОЗМОЖУВА СООДВЕТЕН ТРЕТМАН И НАСОЧЕНА ТЕРАПИЈА

►           ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ ЗА КОНТРОЛА НА ИНФЕКЦИЈАТА

►           ЗАШТЕДА НА ВРЕМЕ И СРЕДСТВА