Срцеви биомаркери

Модерната превентивна медицина цели кон тоа да прави скрининг во популацијата со цел да се откријат оние кои имаат ризик да развијат одредено заболување, однoсно да се откријат оние кај кој процесот е веќе одамна започнат, но сеуште не е проследен со симптоми. Така, денеска ризикот за настанување на кардиоваскуларните инциденти може да се толкува врз основа на многу лабораториски параметри како би се превземале навремени превентивни мерки.

Што се срцеви маркери?

Срцеви маркери се биомаркери (супстанци) кои се ослободуваат во крвта и чија концентрација се мери со цел да се оцени правилната функција на срцето.

Зошто се мерат?

Мерењето на срцевите маркери помага во проценка на ризикот, дијагностицирање, следење и справување со срцевите проблеми, овозможувајќи брзо започнување на превентивни и терапевтски мерки.

Авицена Лабораторија ви нуди најсовремени високосензитивни тестови на Siemens Healthcare Diagnоstics восогласност со препораките на ESC (European Society of Cardiology) и ACC (American College of Cardiology Foundation) за одредување на концентрацијата на сите важни срцеви маркери во крвта.

1.Високо сензитивен C – реактивен протеин (hsCRP)

Високо сензитивен C – реактивен протеин (hsCRP)

► hsCRP е индикатор за настанување некакво кардиоваскуларно пореметување кај возрасни лица, без претходна историја за постоење болест.

► hsCRP ја подобрува проценката на ризикот и одговорот на терапија во примарната превенција на кардиоваскуларни заболувања.

he hsCRP test hsCRP тестoт врши квантитативна анализа на многу ниски нивоа на CRP во крвта.

Класичните CRP тестови не можaт да го детектираат нивото на CRP кое е поврзано со развој на кардио‐васкуларни заболувања. Токму со тестот hsCRP може да се детектираат овие ниски концентрации. Се работи за тест кој се повеќе се користи како маркер за проценка на ризик за кардиоваскуларни заболувања,s, но и како прогностички маркер кај веќе постоечки срцеви заболувања.

Заедно со евалуацијата на липидниот статус и скор‐системите за одредување ризик, hsCRP тестот е неопходен во евалуацијата на ризикот за кардиоваскуларни заболувања кај една индивидуа.

2.Креатин киназа – CK (CK-MB)

Во клиничката практика квантитативното одредување на СК во серум служи како маркер за инфаркт на миокардот и болести на скелетните мускули.

Концентрацијата на CK-MB како маркер за рано оштетување на миокардот расте 2-6 часа по нападот, и може да се качува и до 2-3 дена по срцевиот удар.

Причини за покачени вредности:

1. Миокарден инфаркт

2. Миокардитис

3. Перикардитис

4. Мускулна дистрофија

5. Операција на срце

6. Напорни вежби – тренинг

7. Мешани болести на сврзното ткиво

8. Кардиомиопатија

9. Хипотермија

3.Тропонин

Квантитативното определување на тропонин I во серумот служи како маркер за миокардна некроза и акутен миокарден инфаркт, за идентификација на пациенти со висок ризик и следење на состојбата, потврда на потребата за поагресивен третман, да се направи разлика помеѓу ангина пекторис и миокарден инфаркт кај пациенти со болка во градите.

Срцевите тропонини при миокарден инфаркт остануваат зголемени 10-14 дена по кардијалното оштетување.

Нивоата на тропонин остануваат зголемени во крвта подолго од нивоата на CK-MB или MYO, овозможувајќи еден продолжен дијагностички период за миокардниот инфаркт.

Цените на срцевите биомаркери можете да ги разгледате на следниот линк: Ценовник

D-dimer – Што треба да знаеме?

Што е д-димер?

Д-димер  е еден од продуктите на разградба на фибринот, a претставува мал протеински фрагмент кој настанува кога крвниот коагулум (тромб) се разградува во организмот.

Згрутчувањето (коагулацијата) на крвта претставува природен и заштитен механизам на организмот од искрварување. Кога постои оштетување на ѕидот на крвните садови, настанува слепување на крвните плочки -тромбоцити, фибрин и активација на многу механизми, чија крајна цел е да е настане чеп кој ќе го запре крварењето. Овој процес се нарекува хемостаза и има за цел да го спречи крварењето и загубата на крв преку создавање на коагулум.

Откако раната ќе зарасне, овој коагулум повеќе не е потребен, и се активира ензим кој го разложува на фибрински фрагменти (FDP) кои потоа се елиминираат. Д-димер  е всушност дел од овие фрагменти.

Во процесот на хемостаза се вклучени неколку фактори. За да се постигне рамнотежа во телото помеѓу ризикот од крварење и ризикот од тромбозата, сите овие фактори кои учествуваат во формирањето и разградувањето на згрутчувањето на крвта се во динамична рамнотежа во телото.

Во човечкиот организам е присутен и систем спротивен на коагулациониот, тоа е антикоагулационен механизам. Меѓу коагулациониот и антикоагулациониот систем во организмот се одржува постојана рамнотежа. На тој начин организмот е заштитен од две крајни опасности од нарушената крвна циркулација-искрварување и згрутчување на крвта -тромбоза.

При патолошки состојби може да настане прекумерно натрупување на тромбоцити и фибрин на внатрешната страна на крвниот сад, што доведува до нарушување во крвната циркулација сè до нејзиниот прекин поради затнување на крвниот сад со тромб. Оваа состојба се нарекува тромбоза. Вакви тромби можат да настанат насекаде – од најмалите до најголемите крвни садови и да предизвикаат различен степен на оштетувања, па дури и смрт.

Тестот за Д-димер служи за мерење на концентрацијата на вкрстено поврзаните производи на деградација на фибрин.

Кога Вашиот доктор може да препорача да ја направите анализата Д-димер?

Откривањето на зголемени вредности на Д-димери е индикатор за активност на системот за коагулација.

Главната дијагностичка примена на тестирање на Д-димерите е во исклучувањето на тромбоемболички настан, како што се длабока венска тромбоза или белодробна емболија.

Длабока венска тромбоза (ДВТ) е формирање на тромб во подлабоките вени во телото, а најчесто на нозете.

Најчестите симптоми на длабока венска тромбоза се:

-болка во нозете

-оток на ногата

-црвенило или црвени линии на нозете.

Иако згрутчувањето на крвта најчесто се формира во длабоките вени на долните екстремитети, тие можат да се појават и во други делови од телото.

Ако дел од вакво згрутчување од кој било дел од телото, се одвои и стигне до белите дробови преку крвотокот, може да предизвика блокада на белодробната артерија и да доведе до белодробна емболија.

Одредувањето на Д-димер е важно ако пациентот има некој од следниве симптоми на белодробна емболија:

-тешко дишење

-кашлица

-искашлување крв

-болка во градите

-брзо отчукување на срцето

Употребата на тестовите за Д-димер во комбинација со добро потврдена клинички тест за веројатност (clinical pre-test probability score) претставува ефикасна и безбедна алатка за скрининг за исклучување на тромбоемболиски настани.

Освен тоа, зголемено ниво на Д-димер е забележано кај сите болести и состојби со зголемено активирање на коагулациониот систем, на пр. тромбоемболична болест, дисеминирана интраваскуларна коагулопатија (ДИК), акутна дисекција на аортата, миокарден инфаркт, малигни заболувања, акушерски компликации, трет триместар од бременоста, операција или политраума.

D-dimer и COVID-19

Иако не е невообичаено инфекциите да го зголемуваат ризикот од згрутчување, COVID-19 како болест е поврзана со невиден опсег на нарушувања поврзани со згрутчување на крвта кај заболени пациенти.  Пациентите со COVID-19 се соочуваат со сериозни, а понекогаш и фатални абнормалности на згрутчување на крвта.

Студиите покажуваат дека околу 25%  па дури и до 70% критично болни пациенти потврден е венски тромбоемболизам или белодробна емболија.

Многу е важно да се напомене дека различни лаборатории може да користат различни инструменти, технологии, референтни вредности и тестови за одредување на Д-димери и затоа не треба да се врши споредување на резултатати од различни лаборатории и да се внимава во кои едници е изразена вредноста.

Клучни факти

  1. ХИВ продолжува да биде главно глобално здравствено прашање, откако досега однесе 36.3 милиони животи.
  2. Не постои лек за ХИВ инфекцијата
  3. Најважно е да се има ефективна превенција, дијагноза и третман
  4. На крајот на 2020 година имало околу 37.7 милиони луѓе кои живееле со ХИВ, од кои над две третини (25.4 милиони) се во африканскиот регион.
  5. Во 2020 година, 680.000 луѓе починале од причини поврзани со ХИВ и 1.5 милиони луѓе се здобиле со ХИВ.

*Податоците од клучните факти се преземени од страна на Светската здравствена организација

Вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ) го таргетира имунолошкиот систем и ја ослабува одбраната на луѓето од многу инфекции и некои видови на рак со кои луѓето со здрав имунолошки систем можат да се борат. Како што вирусот ја уништува и ја нарушува функцијата на имуните клетки, заразените лица постепено стануваат имунодефицитарни.

Најнапредната фаза на ХИВ инфекцијата е синдромот на стекната имунодефициенција (СИДА), кој може да потрае многу години за да се развие доколку не се лекува, во зависност од поединецот.

Симптоми

Симптомите на ХИВ варираат во зависност од фазата на инфекција. Иако луѓето кои живеат со ХИВ имаат тенденција да бидат најзаразни во првите неколку месеци по заразувањето, многумина не се свесни за нивниот статус до подоцнежните фази. Во првите неколку недели по почетната инфекција, луѓето може да не почувствуваат никакви симптоми или болест слична на грип, вклучувајќи треска, главоболка, осип или болки во грлото.

Како што инфекцијата прогресивно го ослабува имунолошкиот систем, тие можат да развијат други знаци и симптоми, како што се отечени лимфни јазли, губење на тежината, треска, дијареа и кашлица. Без третман, тие исто така може да развијат тешки болести како што се туберкулоза, менингитис, тешки бактериски инфекции и карциноми како што се лимфоми и Капошиев сарком.

Преносливост

ХИВ може да се пренесе преку размена на различни телесни течности од заразени луѓе, како крв, мајчино млеко и полови течности. ХИВ може да се пренесе и од мајка на нејзиното дете за време на бременоста и породувањето. Поединци не можат да се заразат преку обичен секојдневен контакт како што се бакнување, гушкање, ракување или споделување лични предмети, храна или вода.

Дијагностика

HIV Ag/Ab Combo (CHIV) лабораториска анализа

Американскиот Центар за превенција и контрола на болести (CDC) и европските упатства препорачуваат употреба на ХИВ скрининг тест од четврта генерација , за максимална чувствителност и специфичност.

Тестот за HIV , кој во Авицена лабораторија се работи на целосно автоматизиран инструмент од производителот Siemens – ADVIA Centaur Immunoassay Systems е лабораториска анализа од четврта генерација, која овозможува одлична чувствителност и специфичност. Дизајниран е со патентирана aкридиниум естер технологија, со цел да ги задоволи потребите за прецизно дијагностичко тестирање за ХИВ.

Со тестот истовремено се детектира присуство на ХИВ-1 p24 антиген и антитела на ХИВ-1 (вклучувајќи група О) и ХИВ-2 во серумот и плазмата.

Цената на тестот можете да ја погледнете на следниот линк.

Издавање резултати: истиот ден

Примерок: крв

Достапност: сите локации на Авицена Лабораторија

Извор: https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/hiv-aids

PRISCA® БРОШУРА

????На секој доктор неопходни му се сите важни информации, поврзани со ризикот на мајката и плодот, пред да дадe каква било препорака или совет при водење на една бременост????. Со помош на PRISCA® системот, употребувајќи моќни тест-алгоритми и ризик фактори, се генерираат различни калкулации на ризик, со цел добивање комплетен извештај за точна проценка на високоризични бремености.

Кога се прави PRISCA®?
-Рано, уште од 10-та гестациска недела од бременоста.

За кои нарушувања се прави PRISCA®?
-Даунов синдром (Tрисомија 21), Едвардсов синдром (Tрисомија 18), Патау синдром (Трисомија 13) и дефекти на затворање на неврална цевка.

Цена: 3950 денари
✅ Анализата е достапна без закажан термин во сите лаборатории на Авицена Лабораторија
✅Методата е 100% безбедна за идната мајка и нејзиното бебе
Прочитајте подетално за PRISCA® на брошурата.

За да се изработи анализата задолжително е да се приложи целосно пополнет формулар, од направениот ехо-преглед кај гинеколог, кој ги содржи неопходните мерки од плодот, за пресметка на ризикот.

Преземете го формуларот за доктори на следниот линк.

Што е гликоза?

Гликозата е вид на шеќер што клетките на човечкото тело го користат како главен извор на енергија. Нашето тело ја разградува храната што ја јадеме на гликоза и други супстанции. Црниот дроб складира дополнителна гликоза и може да ја произведе во моменти кога не јадеме. Гликозата оди во нашиот крвоток, каде што хормонот наречен инсулин помага да се внесе гликозата во клетките на нашето тело.

За нормално функционирање на организмот потребно е концентрацијата на гликоза во крвотокот да не флуктуира.

Улогата на тестирањето на гликозата

Постојат неколку различни причини зошто лекарот може да препорача тест за гликоза.Тие вклучуваат скрининг, дијагноза и мониторинг.

Скрининг

Скринингот значи користење на тестови за да се пронајдат здравствени проблеми пред тие проблеми да предизвикаат какви било симптоми или знаци што вие или Вашиот лекар може да ги забележите.

Ако имате над 40 години, имате прекумерна тежина  или имате зголемен ризик од развој на дијабетес, Вашиот лекар може да препорача еден или повеќе скрининг тестови за гликоза за да открие преддијабетес или дијабетес. Луѓето со преддијабетес имаат нивоа на гликоза кои се повисоки од нормалното, но не доволно високи за да им биде дијагностициран дијабетес.

Дијагноза

Дијагнозата се заснова на тестови и процедури за да се утврди која е здравствената состојба која ги предизвикува симптомите.

Ако имате симптоми на дијабетес, висок шеќер во крвта или низок шеќер во крвта, лекарот може да препорача тест за гликоза. Тестирањето на гликоза може да биде придружено со други тестови на крвта или урина за да се постави точна дијагноза.

Мониторинг

Ако Ви е дијагностициран дијабетес или преддијабетес, Вашиот лекар можеби ќе сака да ги следите нивоата на гликоза во крвта со апарат за тестирање или следење на гликоза дома. Вашиот лекар може исто така да препорача периодични лабораториски тестови, за да има увид во Вашата состојба.

Премногу гликоза во крвта може да биде знак за дијабетес, сериозна здравствена состојба која може да предизвика оштетување на ткивата и органите доколку не се контролира. Дијабетесот може да се развие ако вашето тело не може да произведе доволно инсулин или ако клетките на вашето тело имаат проблем со прифаќање на инсулин.

Кој треба да направи тест за гликемија- шеќер во крвта?

Тестот за гликоза е еден од тестовите кои рутински се прават за време на редовен годишен преглед. Вашиот доктор можеби ќе сака да направи тест за покачена гликоза ако имате поголем ризик од дијабетес од просечниот. Фактори на ризик за дијабетес вклучуваат:

  • Возраст од 45 години или повеќе
  • Прекумерна тежина или дебелина
  • Срцеви заболувања, висок крвен притисок или висок холестерол
  • Преддијабетес
  • Членови на семејството со дијабетес
  • Недостаток на физичка активност
  • Синдром на полицистични јајници

Кај бремени жени, лекарот може да препорача тест за гликоза за проценка на гестациски дијабетес, тип на дијабетес поврзан со хормонските промени за време на бременоста. Гестациски дијабетес може да биде штетно за мајката и фетусот ако не се лекува и може да го зголеми ризикот од развој на дијабетес подоцна во животот.

Вашиот лекар може да препорача и тестирање на гликоза ако имате симптоми на дијабетес, вклучувајќи:

  • Често мокрење
  • Прекумерна глад или жед
  • Пецкање или губење на чувството во рацете или нозете
  • Заматен вид
  • Абнормален број на инфекции
  • Необјаснето губење на тежината
  • Замор
  • Сува кожа
  • Рани кои не зараснуваат брзо

Тестирањето на гликоза е исто така важен дел од следењето со преддијабетес и дијабетес откако ќе бидат дијагностицирани.

Видови тестови за гликоза

За скрининг и дијагноза најчесто се прават неколку различни тестови за гликоза

1.Тест за гликоза на гладно: Овој тест ја мери количината на гликоза во крвта откако ќе станете, без да јадете или пиете ништо освен вода најмалку 8 часа. Овој тест обично се изведува наутро.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

2. Тест за толеранција на гликоза ( ОГТТ): Овој тест мери колку гликоза има во вашиот крвоток откако не јадете преку ноќ,  а потоа ќе испиете пијалок со шеќер. Тестот за толеранција на гликоза обично бара повеќе од едно земање крв во текот на неколку часа.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

3. Тест за гликоза во урината: Тестирањето на гликоза во урината често е дел од рутинската анализа на урината.

Примерок: урина

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

3. Хемоглобин A1c (HBA1c)

Иако тестот за хемоглобин A1c не ја мери гликозата директно, тој ги одразува просечните нивоа на гликоза во крвта во текот на изминатите три месеци со мерење на количината на хемоглобин што се врзал за гликозата.

Колку е поголема концентрацијата на гликоза (шеќер во крвта), толку е поголема концентрацијата на HbA1c.

Хемоглобинот A1c (HbA1c) се користи за да помогне во дијагностицирање и следење на третманот на дијабетес.

HbA1c се одредува за луѓе кои имаат симптоми или зголемен ризик за развој на дијабетес, како и за луѓе кои веќе имаат дијагноза на дијабетес, со цел периодично да се следи терапијата.

Примерок: полна крв (венска крв)

Време на издавање резултат: истиот ден за неколку часа

4. Одредување на концентрација на инсулин

Инсулинот е хормон кој се синтетизира во панкреасот и е еден од главните регулатори на концентрацијата на гликоза во крвотокот. Главната улога на инсулинот е да го намали нивото на шеќер во крвта.

Тестот за инсулин преку крв се користи за да се процени способноста на панкреасот да произведува инсулин, како помош во дијагнозата на тумори кои произведуваат инсулин (инсулиноми), во дијагнозата на хипогликемија (ниска гликоза во крвта), како помош во дијагнозата на отпорност на инсулин и при определување терапија за дијабетес тип 2.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: 4 часа

5. C-peptid

Оваа анализа исто така е позната и како маркер на дијабетес.

Се користи за проценка на производството на инсулин во панкреасот, како и за да помогне да се утврди причината за ниските нивоа на гликоза во крвта (хипогликемија).

Ц-пептидот се препорачува најчесто на лицата со дијабетес да проценат дали е време да се вклучи инсулин во терапијата, за луѓето на инсулинска терапија да проценат дали е време да се вклучи инсулинска пумпа во терапијата и за луѓе со знаци и симптоми-хипогликемија.

Примерок: венска крв

Време на издавање резултат: 1 ден

Цените на сите тестови можете да ги разгледате на следниот линк.

Дали знаете дека Република Македонија е земја со 11.2 проценти заболени, односно влегува во групата држави со висока преваленца на дијабетес. Во 2020 година се дијагностцирани нови 7432 нови пациенти со дијабетес.*

Совети за превенција:

Јадете свежа храна

Изберете ја вистинската храна со низок гликемиски индекс, вклучувајќи свеж зеленчук, овошје, мешунки, житарки без глутен, јаткасти плодови, семки и висококвалитетни животински протеини.

Отстранете ги сите засладувачи

Вештачките засладувачи можат да го подигнат нивото на инсулин и да придонесат за отпорност на инсулин.Природни засладувачи кои можете да ги консумирате умерено се стевиа, ксилитол, еритритол.

Стевијата и еритритолот имаат гликемиски индекс еднаков на нула, што значи дека не го покачуваат шеќерот во крвта, т.е. нема ненадеен скок по консумирањето на овие засладувачи.

Од друга страна, ксилитолот, т.е. Шеќерот од бреза има гликемиски индекс помеѓу 7-13, така што малку ќе влијае на нивото на шеќер во крвта по варењето.

Зголемете ја храната богата со растителни влакна

Истражувањата покажуваат дека храната богата со влакна може да биде исто толку ефикасна како и антидијабетичните лекови за намалување на шеќерот во крвта без несакани ефекти.

Влакната ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот во крвотокот од цревата. Јадете широк спектар на растителна храна богата со растителни влакна, вклучувајќи јаткасти плодови, семиња, овошје, зеленчук и мешунки.

Имајте добар сон

Направете го спиењето главен приоритет за нормализирање на нивото на инсулин. Избегнувајте да јадете три часа пред спиење и уживајте во топла бања пред спиење за да ја зголемите телесната температура и да ги опуштите мускулите.

Вежбајте

Вежбањето може да биде најмоќниот лек за регулирање на шеќерот во крвта. Вежбањето ги прави клетките почувствителни на инсулин.  Комбинирањето на кардио тренингот со тренингот со тегови го обезбедува најефективниот начин за нормализирање на нивото на шеќер и инсулин во крвта.




*Извор: Државен завод за статистика http://www.stat.gov.mk/InfoGraphic/2021/WDD-mk.pdf

Во месецот ноември посветен на машкото здравје, во целиот свет се спроведува „Movember“ – движење кое има цел зголемување на свесноста кај машката популација за нивното здравје и  превенција на одредени заболувања, како што се ракот на простата, ракот на тестиси и слично.

Авицена Лабораторија е институција која се стреми кон унапредување на здравјето и секогаш ги поддржува настаните од овој тип.  За таа цел, д-р Бранко Јагликовски, специјалист по медицинска биохемија од Авицена Лабораторија ќе ви одговори на најчестите прашања поврзани со значењето и важноста на лабораториските анализи во интерес на машкото здравје.

Што е скрининг и зошто се важни редовните контроли на крвта?

Скрининг подразбира примена на лабораториски тестови за рана детекција на болести, во момент кога не се присутни симптомите на болеста.

Важноста за редовни контроли на крвта треба да се сфати сериозно и да се стави на врвот на листата на приоритети. Само на тој начин заедно со лекарскиот преглед може да се добие јасна слика за здравјето.

Раната детекција на потенцијални здравствени проблеми овозможува полесно, побрзо и поефикасно решавање на проблемот, а во некои случаи и спасување на живот.

Кои  задолжителни прегледи/анализи кои треба да ги направи секој маж?

Потребата од лабораториски анализи и нивната динамика/фреквенција зависи од повеќе фактори како моменталната здравствена состојба, возраста, медицинската историја на пациентот итн. Согласно тоа се менува и типот на анализи кои треба да се направат.

Рутинската крвна анализа и анализа на урина се основна дијагностичка алатка за брза и јасна слика на моменталното здравје и се препорачува да се прават најмалку 2 пати годишно. Патолошки отстапувања на референтите вредности индицираат почести контроли и наметнуваат потреба од дополнителни анализи.

Заболувањата на кардиоваскуларниот систем сеуште остануваат водечка причина за смртност, како во целиот свет, така и кај нас. Истражувањата покажуваат дека кај мажите, за разлика од жените, овој тип заболувања започнуваат порано, а кога се работи за превентивни прегледи, бројките велат дека жените имаат 33% поголема веројатност да го посетат својот лекар, за разлика од мажите.

Во Авицена Лабораторија се достапни сите маркери за ран скрининг, утврдување на ризик за кардиоваскуларни болести или следење на веќе започната терапија. Освен рутинскиот липиден статус во крвта, со проверка на „добриот” и „лошиот холестерол”, постојат и маркери кои го покажуваат статусот на мастите кој не зависи од исхраната и е поврзан со генетската предиспозиција на организмот, како и маркери кои може да предвидат иден развој на кардиоваскуларни болести, во комбинација со клинички преглед од лекар.

Малигните заболувања се втора причина за смртност низ целиот свет, а карциномот на простата е едно од најчестите малигни заболувања кај мажите. Почнувајќи од денес во Авицена Лабораторија е достапен попуст на анализата PSA во текот на цел месец ноември.

Препораките се дека секој маж над 50 години, би требало да направи скрининг со преглед и одредување на PSA во крвта. Оваа граница се намалува на 45 или 40 години, доколку пациентите имаат висок ризик, како на пример болеста да ја има близок член од семејството.

Во Авицена Лабораторија постојат современи лабораториски тестови, кои во комплет со клиничкиот преглед, овозможуваат ран скрининг на карциномот на простата, како и други туморски маркери, кои им служат на лекарите за проценка на состојбата кај одредени групи на пациенти.

Сексуално-преносливите заболувања се голема група на болести кои ги зафаќаат и мажите и жените и многу е важно истите да бидат препознаени и откриени на време, за да немаат посериозни последици и за репродуктивното и за општото здравје кај секоја индивидуа.

Во Авицена Лабораторија се прават високосензитивни тестови за сексуално-преносливи болести, од различни типови примероци, за детекција на различни причинители на заболувања, кај пациенти со и без симптоми на некоја болест: хламидија, гонореја, генитален херпес, сифилис, генитални брадавици-ХПВ, ХИВ-сида и мн.др.

Точниот и прецизен лабораториски резултат има витална улога во скринингот на различни заболувања, точна дијагноза, проценка на ризик, мониторинг на терапија, прогноза и многу други аспекти кога е потребно донесување на важни медицински одлуки и решенија.

За сeкакви прашања и дополнителни информации, контактирајте нѐ на 02 3179 001 или посетете ги нашите лаборатории.

ШТО Е ОСТЕОПОРОЗА?

Во светот, една од три жени и еден од пет мажи на возраст од 50 години и повеќе ќе доживеат остеопоротична фрактура. Остеопорозата предизвикува коските да станат слаби и кревки, така што лесно се кршат – дури и како резултат на помал пад, удар или ненадејно движење. Скршеници предизвикани од остеопороза може да бидат опасни по живот и главна причина за болка и долгорочна попреченост.

Извор: https://www.worldosteoporosisday.org/about-osteoporosis

Дали може да се спречи остеопороза и фрактурите? Да, доколку се дијагностицира навремено!

Скршеници (фрактури) поради остеопороза имаат катастрофално влијание врз милиони луѓе ширум светот. Сепак, и покрај ефективниот медицински напредок за намалување на скршениците, мала група на мажи и жени примаат соодветен третман.

Само 20% од пациентите со остеопоротични фрактури се всушност дијагностицирани или третирани за остеопороза.

5 ЧЕКОРИ ДО ЗДРАВИ КОСКИ:

Дијагностички тестови:

Покрај преглед од лекар и „имиџинг” методи со кои се добива слика за коскеното ткиво, од огромно значење се и лабораториските тестови.

Во Авицена Лабораторија се достапни повеќе лабораториски тестови кои даваат комплетен увид во метаболизмот на Витамин Д, кој има клучна улога за состојбата на коскеното ткиво.

  • Одредување концентрација на Vitamin D
  • Intact PTH (Parathormon)
  • Електролити (од кои најважен за коскеното ткиво е Калциум)
  • Ензими (Алкална фосфатаза како маркер за коскениот метаболизам)
  • Calcitonin ( хормон кој учествува во метаболизам во калциум)
  • Хормонален статус за проценка на менопауза/андропауза, како ризик фактор за остеопороза

НОВО! Пакет Витамин Д+ PTH +Joнизиран калциум

Во пресрет на светскиот ден на остеопороза, во Авицена Лабораторија е достапен нов пакет за метаболизмот на Витамин Д.

Прочитајте подетално на следниот линк.

PNEUMOSLIDE

PNEUMOSLIDE – тест преку крв за истовремено откривање на 9 видови бактерии и вируси, причинители на најчестите инфекции на дишните патишта кои не се откриваат со класични методи

ЗОШТО PNEUMOSLIDE?

1.       Точно и брзо откривање на причинители на невообичаени инфекции

2.       Можност за најсоодветно лекување

3.       Се скратува времетраењето на болеста

4.       Без ризик од резистенција кон дадените лекови

5.       Штеди време и средства

6.       Спречува развој на компликации

7.       Идентификација на 9 респираторни атипични патогени одеднаш

8.       Со само еден тест, резултати истиот ден

ШТО Е PNEUMOSLIDE?

PNEUMOSLIDE претставува индиректен имунофуоресцентен тест кој овозможува детекција на IgG и IgM антитела од серум на пациент, за 9 поединечни атипични патогени одеднаш.

–          Mycoplasma pneumoniae

–          Legionella pneumophila

–          Chlamydia Pneumoniae

–          Coxiella burnetii

–          Adenovirus

–          Respiratoren Sinicijalen Virus

–          Influenza A

–          Influenza B

–          Parainfluenza (serotipovi 1,2,3)

Запомнете! Голем број од респираторните инфекции се предизвикани од горенаведените атипични патогени и истите се виновни за исклучително висок морбидитет и морталитет.

КОГА PNEUMOSLIDE?

Индициран е кај сите респираторни инфекции!

□        Најголем број од респираторните инфекции се етиолошки недокажани

□        Многу често се вклучени повеќе патогени

□        Уште почесто се среќава мешана инфекција

Особенo кај:

►     Пролонгирани и повторувачки респираторни инфекции

►     ХОББ (хронична Опструктивна Белодробна Болест)

►     Мали деца

►     Стари луѓе

►     Кардиопулмонални, хронични неподвижни болни

►     Луѓе со компромитиран имун систем

►     Екстрапулмонални манифестации

Примерок: Венска или капиларна крв

Издавање резултати: Истиот ден за прием на пациенти до 13 часот

Инфекциите на гастроинтестиналниот систем се многу чести кај општата популација и може да се манифестираат на различен начин, во зависност од тоа кој е причинителот, возраста, општата состојба на организмот и други фактори.

Без оглед дали се работи за вирусна или бактериска инфекција, симптомите скоро секогаш вклучуваат гадење, мачнина, повраќање, проливи и различен степен на дехидратација.

Како и за секоја друга состојба, и кај гастроинтестиналните инфекации откривањето на причинителот е од клучно значење за правилен третман на состојбата и воспоставување котрола врз инфекцијата.

ВИРУСНИ ЦРЕВНИ ИНФЕКЦИИ:

Вирусните инфекции на гастроинтестиналниот тракт се јавуваат преку целата година, а особено се чести во летниот период, кога повисоките температури се погодни за нивно размножување. Подеднакво и децата и возрасните страдаат од вакви цревни инфекции, кои се манифестираат со висока температура, болки во стомакот, гадење, повраќање, течни столици, кои можат да доведат до дехидратација на организмот. Истите се пренесуваат преку феко-орален пат, преку недоволно измиено овошје и зеленчук, нечисти раце, загадена вода, контакт со болен и сл.

Вирусите се најчести причинители за акутен гастроентеритис кај деца, како во развиениот свет, така и во земјите во развој и се смета дека 50 до 70 отсто од акутната дијареја кај децата е предизвикана од вирусен предизвикувач.

ROTAVIRUS

Ротавирусот претставува најважниот вирусен патоген во светот кај деца помлади од 5 години. Ротавирусната инфекција се манифестира со сезонски варијации, со зголемена зачестеност во зима и намалена зачестеност во летните месеци. Ротавирусот се карактеризира со исклучително висока зараза, краток период на инкубација. Се јавува ненадејно, многу е агресивен и доведува до тешки дехидратации придружени со висока телесна температура. Скоро сите деца заболуваат пред да наполнат пет години. Првите симптоми обично се јавуваат меѓу 1 и 3 дена (често 2 дена) откако лицето било изложено на вирусот, во форма на стомачни болки,силно повраќање и температура. Потоа се јавуваат водени течни столици, кои може да траат од 3-7 дена. Болеста обично трае помалку од 5 дена по што вирусот продолжува да се излачува преку фецесот за околу една недела.  Инфекциите предизвикани од овој вирус се честа причина за хоспитализација на доенчињата, бидејќи предизвикуваат тешки проливи и повраќања, проследени со висока температура и дехидрација.

Ротавирусната болест најчесто се јавува во периодот од Декември-Јуни.

Начин на пренос: феко-орален пат, преку измет или повратени маси на заболено лице, преку личен контакт, загадени предмети и загадена храна. Вирусот се наоѓа и во плунката, затоа е возможен и пренос преку воздух, со говор или кашлање.

NOROVIRUS

Norovirus е најчеста причина на дијареa кај возрасните. Кај децата, тоа е втората најчеста причина за гастроентеритис, по ротавирусите.

Се работи за високовирулентен микроорганизам – заболен пациент може да исфрли билиони партикли од вирусот, а друг може да заболи од само неколку такви партикли.

Симптомите почнуваат нагло – гадење, повраќање, пролив и болка во стомакот – и се јавуваат 12-24 часа по изложеноста и се придружени со треска, главоболка и болки  по целото тело.

Иако симптoмите вообичаено траат 3 дена, кај деца и повозрасни лица може да доведе до дехидратација и сериозни здравствени проблеми. Екскрецијата на Norovirus во фецесот е најизразена 4-5 дена по почетокот на инфекцијата, но вирусната екскреција може да се открие и до околу еден месец. Имунитетот не е долготраен; истиот вирус може да предизвика нова инфекција по околу 6 месеци.

Начин на пренос: Потребна е многу мала инфективна доза, коja се пренесува преку контаминирана храна или вода, контаминирана површина, како и инхалација на партикли на вирусот при контакт со заболено лице. Вирусот е отпорен на ниски и високи темепература и на многу дезинфекциони средства. Многу често прави епидемии во полузатворени колективи (градинки, училишта, болници,домови за стари лица,бродови на крстарења и сл.)

ADENOVIRUS

Освен тоа што предизвикуваат респираторни инфекции, Аденовирусите за причинители и за гастроентерити. Вообичаено се јавуваат кај деца и имаат лесен или средно-тежок облик на пролив, повраќање и температура. Потешка форма на заболување се јавува кај лица со компромитиран имун систем и други придружни заболувања.

Начин на пренос: близок контакт со заболено лице или контаминирана површина, предмет или вода. Вирусот е високовирулентен и може да остане на одредена површина подолго време и поради тоа лесно се пренесува и може да прави мали епидемии.

ASTROVIRUS, SAPOVIRUS

Двата типа вируси предизвикуваат гастроентерити кај деца и возрасни, со различна форма на  клиничка слика.

Саповирусот, заедно со норовирусот, е еден од најчестите предизвикувачи на гастроентерити, посебно кај деца. Заболено лице може да исфрли до 109 партикли на вирус во 1 грам фецес или повратена маса, а само 10-тина  вирусни честички може да предизвикаат заболување.

Симптомите наликуваат на оние на норовирус, инкубацијата е од 1-4 дена и поретко се јавува температура.  

Начин на пренос: бидејќи се пренесуваат преку феко-орален пат, многу е важна строга хигиенска контрола и избегнување на контакт со заболен.

БАКТЕРИСКИ ПРИЧИНИТЕЛИ:

Гастроинтестиналните инфекции предизвикани од бактерии и/или нивни токсини, може да предизвикаат различни симптоми, кои може да се манифестираат со лесна форма па се до тешка форма на заболување.

CLOSTRIDIUM DIFFICILE, ТОКСИН А И Б

Clostridium difficile е еден од најзначајните патогени кои се поврзуваат со инфекции стекнати во болничката средина, како резултат на антибиотска терапија.

Микроорганизмот има способност да лачи токсини, способност за спорулација и  е многу отпорен на  надворешни влијанија.

Водени и понекогаш крвави, профузни течни столици започнуваат 4-9 дена по стартот со антимикробната терапија. Дијарејата може, исто така, да започне по завршувањето на антибиотскиот третман. Во многу ретки случаи, ентеритис предизвикан од  C. difficile може да се јави без претходен антибиотски третман. Се јавуваат абдоминални болки, грчеви и покачена температура, а тешките форми доведуваат до псевдомембранозен колит или хеморагичен колит, како животозагрозувачка состојба. Кај полесни случаи, вообичаено е потребно да се прекине антибиотскиот третман кој ја предизвикал состојбата.

ЕНТЕРОТОКСИЧНА ESCHERICHIA COLI (ETEC) И ЕНТЕРОХЕМОРАГИЧНА ESCHERICHIA COLI (EHEC)

E. coli бактериите секогаш потекнуваат или од човечки или од животински фецес.

Ентеротоксичната Escherichia coli (ETEC) е најчеста причина за патнички пролив. Повеќето случаи се самоограничувачки и се решаваат брзо, без лекување. За разлика од неа, ентерохеморагична Еscherichia coli (EHEC) може да предизвика хемолитично-уремичен синдром (HUS) кој може може да биде фатална состојба. Главниот резервоар на овој патоген е добитокот, бактериите се присутни во фекалии од добиток, а изолирани се и од говедско месо. Не се препорачува состојбата да се третира со антибиотици, бидејќи уништувањето на бактериите предизвикува нагло обемно ослободување на токсини.

SALMONELLA TYPHI И PARATYPHI

Овие бактерии предизвикуваат системски инфекции предизвикани од серотипови кои се специфични за луѓето. Инфекција предизвикана од S. typhi се карактеризира со тифус синдром кој започнува по период на инкубација од 1-2 недели: главоболка проследена со висока температура, малаксаност, болки во стомакот, гадење и релативна брадикардија (т.е. срцевата фрекфенција е под 100 па дури и при температура повисока од 39°C). Дијареата често е доцен симптом.

Salmonella paratyphi може да предизвика поблаги системски инфекции или само ентеритис.

НЕТИФОИДНИ САЛМОНЕЛИ

Се работи за алиментарна инфекција. Вообичеано е потребен голем инокулум за да предизвика инфекција, и затоа бактеријата мора да биде способна да се размножи во храната пред да биде способна да предизвика инфекција. Чести патогени видови се Salmonella typhimurium и Salmonella enteritidis. Тие обично предизвикуваат ентеритис со ненадејна појава на дијареа, абдоминална болка и покачена температура. Кај постарите и имунокомпромитирани пациенти, инфекцијата може да биде сериозна поради дехидрација и сепса.

SHIGELLA

За разлика од салмонелозата, само мала количина на бактерии се потребни за да предизвикаат инфекција, и најчест пренос е преку директен контакт. Најтешката клиничката слика е предизвикана од серотипот S. dysenteriae. Други серотипови се S.boydii, S.flexneri и S. sonnei.

Клиничката слика личи на ентеритис предизвикан од салмонела, но дијареата често станува крвава затоа што шигела бактериите го напаѓаат цревниот ѕид полесно од салмонелите.

CAMPYLOBACTER

Во развиенитите земји, Campylobacter инфекциите се најчеста причина за бактериска дијареа. Животните служат како извор на инфекција, најчесто поради неправилно приготвено месо. Campylobacter е широко распространет и во живината.

Campylobacter jejuni е предизвикувач во повеќето случаи (90-95%), а практично сите останати случаи се предизвикани од C. coli. Инфективна доза е само неколку стотини бактерии.

Периодот на инкубација е 1-7 дена и дијареата трае 3-5 дена, но чувството на нелагодност може да трае значително подолго.

YERSINIA

Yersinia се ентеробактерии кои живеат во животни. Пренос кај луѓето се случува преку консумација на храна контаминирана со Yersinia. Најчест извор на инфекција се свињите. Најчестит вид е Y. enterocolitica, друг патоген е Y. pseudotuberculosis. Периодот на инкубација обично е 4-6 дена. Некои од инфекциите поминуваат како благ или фебрилен ентеритис, други како мезентеричен лимфаденитис, кој може да имитира воспаление на слепо црево.

Yersinia ентеритис обично завршува спонтано. Сепак, може да се јави реактивен артритис како пост-инфективна компликација, особено кај пациенти кои се позитивни на ХЛА-Б27 антиген.

VIBRIO CHOLERAE

Трансмисијата настанува преку контаминирана вода или храна  Самите вибриони не се инвазивни; токсинот кој се излачува од бактериите е одговорен за симптомите.

Периодот на инкубација варира од неколку часа до неколку дена. Симптомите вклучуваат ненадеен почеток на безболна дијареа и бројни обилни водени столици.

Класичната болест, која брзо доведува до дехидрација, шок и често смрт ако не се лекува, сега е ретка. Поголемиот дел од случаите се јавуваат како релативно благи и само-ограничувачки дијареални болести.  Колерата е заразна болест која задолжително се пријавува и при сомнителни случаи.

ВО АВИЦЕНА ЛАБОРАТОРИЈА Е ДОСТАПЕН ЦЕЛОСЕН ГАСТРОИНТЕСТИНАЛЕН ПАКЕТ-ДЕТЕКЦИЈА НА 17 ПРИЧИНИТЕЛИ НА ГАСТРОИНТЕСТИНАЛНИ ИНФЕКЦИИ (6 ВИРУСИ,9 БАКТЕРИИ И 2 ГАБИЧКИ), со МУЛТИПЛЕКС REAL-TIME PCR метода

►           ТЕСТИРАЊЕ ОД ЕДЕН ПРИМЕРОК, ЗА РАЗЛИЧНИ ВИДОВИ ПРИЧИНИТЕЛИ

►           БРЗАТА ЕТИОЛОШКА ДИЈАГНОЗА ОВОЗМОЖУВА СООДВЕТЕН ТРЕТМАН И НАСОЧЕНА ТЕРАПИЈА

►           ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ ЗА КОНТРОЛА НА ИНФЕКЦИЈАТА

►           ЗАШТЕДА НА ВРЕМЕ И СРЕДСТВА