Маратонката Миљана Ристиќ, беше победник на ланската  Авицена женска трка која се одржува традиционално секоја година во Скопје. Од вкупно 500 учеснички прва до целта стаса токму таа, која за само за 10 минути и 34 секунди ја заврши трката. По професија е психолог/психотерапевт, а нејзиното хоби е трчање, пливање и велосипедизам.

Дисциплини во кои настапува:

Tрчање на 1500м, 3000м, 5000м, 10.000м, 10км, полумаратон – 21км, крос-кантри и планинско  трчање.

Највисоки достигнувања:

  1. 1500м (Kуп на сениори 01.08.2020) пласман 1-во место
  2. 3000м (Kуп на Македонија за сениорки, Скопје 2020), пласман 2-ро место
  3. 10.000м ( Државно првенство на 10.000м, Скопје 20.04.2018), пласман 2-ро место
  4. 10км ( Скопје Трча 10км, Скопје 07.10.2018), пласман 2-ро место
  5. Полумаратон- 21км ( Виз аир Скопски маратон, Скопје 2020), пласман 1-во место
  6. Полумаратон- 21км ( Виз аир Скопски маратон, Скопје 2018), пласман 1-во место
  7. Авицена Женска трка 2018, 2км – пласман 1-во место
  8. Авицена женска трка 2020, 3км – пласман 1-во место
  9. 5км Трчај Бе – Битола 2019, пласман 1-во место
  10. 3000м и 1500м, Државно првенство на Македонија), пласман 1-во место

Раскажи ни за твојата пасија кон трчањето

Скоро целиот мој живот сум во спортот. Љубовта и можам да кажам „опсесијата“ со трчањето се роди уште во трета година факултет, кога во родното Врање решив рекреативно да правам вежби и да трчам на локалниот стадион. Сретнав мој добар другар и долгогодишен тркач кој се подготвуваше за маратонот „Трчаме кон целта“ во Скопје и одлучив да му се придружам во тренингот. Тој ме поттикна и охрабри да се пријавам со него и да почнам да се подготвувам, што во тој момент се чинеше како „луда идеја“. Се вратив во Скопје и почнав да трчам неколкупати неделно. Делумно подготвена, го паметам денот кога отидов на мојата прва трка која го смени мојот живот во целост. Паметам дека кога пристигнав, ништо не ми беше јасно. Голем број луѓе околу мене кои се загреваат, истегаат, подготвуваат… Не можев да верувам дека вакво нешто постои, ми беше чудно, бев воодушевена. Го паметам секој истрчан километар на таа трка. Ни сама не знам како ја завршив, ама тоа што го тогаш го почувствував го немав почувствувано никогаш во животот. Таа борба од километар до километар, борбa за време, жар и желба да стигнеш до крај, да ја оствариш целта и покрај силната болка која ја чувствуваш, продолжуваш понатаму, не си ги чувствуваш нозете, ама во глава си повторуваш – уште малку. Од тој ден започна сè. На тој ден го запознав и мојот прв тренер кој ме вовлече во оваа опсесија која не престанува, која од ден во ден станува сè поголема. Од тогаш се роди мојата љубов кон овој спорт.

Трчањето мe направи да станам посилна личност. Ментално станав посилна, станав на некој начин самостојна, борбена, истрајна, упорна за работи кои ги сакам, со став да не се предавам. Секоја нова цел ми е нов предизвик, за која во ниту еден момент во ниту една тешка ситуација, препрека, повреда не се откажувам. Трчањето стана дел од мене. Почнав да тренирам многу повеќе, многу повеќе да вложувам во трчањето, во сопственото тело, во исхраната и сето тоа ме прави еден добар посветен аматер. Почнав да навлегувам во овој спорт многу посериозно, тука почнаа и многу посериозни тренинзи и подготовки за трките. Почнав да се натпреварувам, со што го развив мојот борбен дух. Полека но сигурно навлегував во тајните и светот на трчањето. Веќе во првата година од тренирањето, станав државна шампионка во крос-кантри на 6000м под 23 години, државна шампионка на 3000м и 1500м. Во 2018 освоив второ место на државно првенство на 10.000м. Континуирано се рангирам меѓу првите три девојки на „пиедесталот“. За мене најголеми постигнувања се двете победи на Скопски полумаратон, како и истрчаното најдобро време 1:26:30, во 2020-та година. Потоа станав и државна шампионка во крос-кантри на 8000м над 23 години. Станав македонски репрезентативец. Ја претставував нашата земја на Европското првенство во планинско трчање во Камник и во Скопје, на тимско Европско првенство, трета лига, Скопје, Балканско првенство во полумаратон – Приштина, Косово, Балканско првенство во полумаратон – Загреб, Хрватска, тимско Европско првенство, трета лига, Кипар-Лимасол. Kако во секој спорт, така и во овој, кралицата на спортовите, има успеси и падови, но на патот кон успехот ништо не оди како подмачкано. Потребна е целосна фокусираност, посветеност и истрајност! Се случуваат повреди, разочарувања, тешки моменти но најважно од сè е да знаеш како да ги надминеш пречките, да бидеш истраен и да продолжиш во остварување на своите цели и да веруваш во себе дека можеш! Мотивацијата и поддршката кои ги имате од страна се навистина важни. Најголемата сила и во добри и во лоши моменти кои се случуваат во овој ниту малку лесен спорт ја црпам од моето семејство и моите пријатели. Покрај нив, за мојот физички и ментален прогрес круцијална улога има мојот тренер Димитар Петровски, без него можеби и не би имала вакви резултати.

За мене трчањето е двигател на многу работи, едноставно нешто што ме води напред во животот. Денот без трчање за мене не е ден. Секоја нова трка е нов предизвик, во која имам една цел – да се надминам себеси, да се унапредам и да станам подобра личност.

Што би препорачала на учесниците да носат од опрема на Авицена Женска Трка?

За разлика од некои други големи настани, за трките никогаш не избирам најубав пар патики и шорцеви, туку ги носам најудобните парчиња опрема коишто ги имам.  Соодветни и удобни патики се најважни!  Тие треба да бидат соодветни за вашиот стил на трчање и тип на нога, да ви помогнат да работите удобно и без повреда.

Нови патики можат да направат калуси, затоа клучот е – не трчајте во ништо што не сте го тестирале на тренинг пред трката. Без разлика дали се работи за патики за тренинг или трка, важно е да сте ги носеле неколку пати досега и да трчате во нив барем една должина. Јас имам посебни патики кои ги користам за лесни тренинзи, посебни за интервали и посeбени патики за трки, кои се претходно пробани.

Потоа изберете спортски градник дизајниран за трчање и спортски активности и носете го некое време на тренинзите, за да бидете сигурни дека нема да остави гребнатинки или да ве стега, бидејќи сето ова може да ве направи непријатно за време на трката. Избор на чорапи е исто така важен.

Чорапите ги штитат стапалата од калуси и ја апсорбираат потта. Некои претпочитаат потенки, некои подебели. Носете синтетички чорапи, а ако имате специјални чорапи за трчање, толку подобро. Повторно, не заборавајте да ги носите барем еднаш пред трката. Уште еден совет е да изберете опрема направена од технички ткаенини, а не памук, што ќе ја отфрла потта и ќе ја остави опремата сува и удобна.

Според тебе, која е најдобра исхрана која треба да се практикува пред трки како Авицена Женска Трка?

Горивото за нашите мускули е од витално значење за севкупните оптимални перформанси. Главен извор на гориво за мускулите се јаглехидратите, кои се складираат во мускулите и црниот дроб како гликоген, што телото ги користи за енергија. Секој тркач си има свои ритуали и навики пред трка. Бидејќи секое тело е различно, со тоа, не секоја храна одговара за секого. Она што треба секој тркач да го запомни е дека нема експериментирање со храната на ден на трка.

Исто како и со облеката, обувките, така е и со храната. Важно е да бидете сигурни дека сте го земале правилното „гориво“ пред трчање, кое ќе ви помогне да го извлечете својот максимум. Јас практикувам една до две недели пред трка тело да го „наполнам“ со сите потребни нутритивни намирници, кои би придонеле за подобар перфоманс.

На денот на трката, обично станувам 3 часа порано за да го разбудам телото. Појадувам и пијам кафе 2 часа пред самата трка. Мојот појадок вообиачаено е една банана со путер од кикирики или две кришки леб со мармалад,  зависно од трката и едно кафе. Можете да јадете голем оброк околу два до четири часа пред да трката и да му дозволите на вашето тело да ја свари храна, а ако имате помал оброк, тогаш доволно е да почекате 30 минути до два часа пред да започнете да трчате.

Рано наутро, ако се разбудите два часа пред трка, добра опција за оброк се овесните снегулки, тост со цели зрна и мармалад, мусли, мафини или смути. За закуски кои ќе ви ја зголемат енергијата пред трката, фокусирајте се на мали закуски со јаглехидрати, кои имаат висок гликемиски индекс, бидејќи тие се варат и апсорбираат побрзо. Многу е важна и хидратација пред за време и после трката, особено ако е трка во период кога се високи температури. Хидрирајте се добро!

Ацивена Женска Трка е брза и кратка трка, па не би препорачала некој обилен оброк пред самата трка, доволно е да се земе некоја мала закуска која изобилува со јаглихидрати и некое суво овошје.

Накратко за своето учество на Авицена Женска Трка и дали и дали ја препорачуваш?

Досега двапати имам учествувано на Авицена Женска Трка. Моето прво учество беше во 2018 година, кога освоив прво место. Таа трка ми остави посебен впечаток. Покрај добрата конкуренција, бев импресионирана со бројот на девојки кои земаа учество во неа. По ова искуство, се радував на следната женска трка во 2019, но за жал, заради повреда морав да ја пропуштам. Но потоа дојде и онаа во 2020, која навистина со нетрпение ја чекав. Тогаш ја одбранив титулата, односно повторно освоив прво место.

Можам да кажам дека оваа трка навистина се разликува од сите други. Делува мотивирачки за секоја девојка да стане активна, да спортува и да се грижи за своето здравје. Атмосферата е навистина посебна, а поддршката од сите учеснички голема.

Искрено ја препорачувам и сакам да ги охрабрам сите девојки да се пријават, да дојдат и да се уверат зошто Авицена Женска Трка е посебна!  

Секоја година, Светската здравствена организација (СЗО) го одбележува 28-ми јули како Светски ден на хепатитисот со цел  да ја зголеми свесноста за  значењето на вирусните хепатити, особено на хепатитот Б и Ц.

Што е светски ден на хепатитис?

Светскиот ден на хепатитис (WHD) се одржува секоја година на 28 јули, обединувајќи го светот со цел подигнување на свеста и унапредување на превентивните мерки за заштита од вирусот, подобрување на дијагностичките мерки, универзална вакцинација, како и подобрување на третманот на сите засегнати. Во 2021 година овој ден се одбележува под мотото „Хепатитисот не може да чека“. На Светскиот ден на хепатитис, се повикува на свесност за постоење на вирусот низ целиот свет, со цел да се преземе акција, бидејќи хепатитисот не може да чека.

Видови на хепатитис

Вирусниот хепатитис претставува акутно или хронично воспаление на црниот дроб предизвикано од пет вируси на хепатитис: А, Б, Ц, Д и Е,  кои  се разликуваат според начинот на пренесување, популацијата која најчесто ја зафаќаат и според исходот на заболувањето.

Хепатитис А е акутно инфективно заболување на црниот дроб предизвикано од вирусот на хепатитис А (HAV) кое се пренесува по фекално-орален пат. Најчесто поминува асимптоматски или има блага симптоматологија, посебно кај децата под петгодишна возраст, а сериозноста на заболувањето се зголемува со возраста. Хепатитис А не предизвикува хронично заболување на црниот дроб и има ниска стапката на смртност (0,1-0,3%). Хепатитис А може да се превенира преку подобрување на санитарно-хигиенските услови, обезбедување на безбедна храна и вода за пиење и со вакцинација. Достапна е безбедна и ефикасна вакцина. Прележување на болеста создава доживотен имунитет.

Хепатитис Б е заболување на црниот дроб, кое е резултат на инфекција со вирусот на хепатитис Б (HBV). Може да се пренесе преку контакт со инфицирана крв и други телесни течности, преку инјектирање дрога, користење на нестерилен медицински прибор и преку незаштитен сексуален контакт.

Инфицираната мајка може да ја пренесе инфекцијата на своето дете за време на породувањето.  Симптомите во голема мера може да варираат, а многу од оние кои се заразени никогаш не развиваат симптоми.

Достапни се ефикасни вакцини кои нудат високо ниво на заштита и претставуваат најефективен начин за спречување на хепатитис Б. СЗО препорачува сите новороденчиња да добијат вакцина против хепатитис Б што е можно поскоро по раѓањето, по што следат 2-3 дополнителни дози. Во многу делови од светот, широко распространетите програми за вакцинација на доенчињата доведоа до драматичен пад на нови случаи на хепатитис Б.

Хепатитис Ц се шири преку контакт со крв на заразено лице. Инфекцијата може да се настане преку инјектирање на дрога, употреба на нестерилна медицинска опрема други медицински процедури. Преносот на хепатит Ц од мајка на дете е исто така можен. Хепатит Ц може да предизвика акутни и хронични инфекции, но повеќето луѓе кои се заразени развиваат хронична инфекција. Значителен број на оние кои се хронично инфицирани ќе развијат цироза на црниот дроб или рак на црниот дроб. Со новите третмани, над 90% од луѓето со хепатитис Ц може да се излечат во рок од 2-3 месеци, со што се намалува ризикот од смрт од рак на црниот дроб и од цироза. Во моментов нема вакцина за хепатитис Ц, а истражувањата во оваа област се во тек.

Хепатитис Д се пренесува преку контакт со заразена крв. Од Хепатитис Д може да заболат само лица кои се веќе заразени со вирусот на хепатитис Б. Луѓето кои не се заразени со хепатитис Б, можат да го спречат заболувањето од хепатитис Д, со вакцинирање против хепатит Б.

Хепатитис Е претставува фекално-орална инфекција како и хепатитис А, и се шири главно преку контаминирана вода за пиење. Хепатитисот Е вообичаено поминува за 4-6 недели, па затоа нема специфичен третман. Сепак, бремените жени инфицирани со хепатитис Е имаат значаен ризик на смртност од оваа инфекција. Иако хепатитис Е е широко распространет во светот, бројот на инфекции е највисок во источна и јужна Азија. Подобрување на санитарно-хигиенските услови и безбедноста на храната може да помогнат во спречување на нови случаи на хепатитис Е. Постои вакцината за спречување на хепатит Е лиценцирана во Кина, но сè уште не е достапна на друго место.

Во Авицена Лабораторија се достапни ултрасензитивни и специфични тестови за различни типови хепатити, кои се работат на најсовремен, комплетно автоматизиран инструмент на производителот Siemens Healthineers.

Сите анализи со соодветните цени, можете да ги погледнете на следниот линк.

Интолеранција на фруктоза

Фруктозата е шеќер кој природно го има во овошјето, овошните сокови, медот и одредени зеленчуци. Фруктозата е исто така основна компонента на обичниот бел кристалниот шеќер (кој секојдневно се користи во исхраната). Освен тоа, пченкарниот сируп, кој се користи за засладување на преработена храна и пијалаци, има висока содржина на фруктоза.

Кога дигестивниот систем не ја апсорбира правилно фруктозата, тоа може да предизвика симптоми на интолеранција на фруктоза.

Наследна интолеранција на фруктоза

Наследна интолеранција на фруктоза е генетско нарушување. Доколку на организмот му недостасуваат потребните протеини или ензими важни за разградување на фруктозата, се работи за интолеранција на фруктоза. Тоа значи дека организмот не може да ја преработува фруктозата која се наоѓа во многу различни намирници.

Овој вид на интолеранција на фруктоза се случува кога ензимот алдолаза Б е нефункционален. Овој ензим се наоѓа во црниот дроб и помага да се претвори фруктозата во корисна енергија. Постои 25% шанса одредено лице да развие наследна интолеранција на фруктоза доколку двајцата родители имаат ген што предизвикува нефункционален алдолаза Б ензим.

Ако лицето со интолеранција на фруктоза јаде храна што има фруктоза или сахароза, телото не може да го претвори шеќерот во гликоза, и тој се акумулира во организмот и може да предизвика оштетувања на црбниот дроб и бубрезите.

Повеќето луѓе со оваа наследна форма на интолеранција на фруктоза почнуваат да покажуваат знаци во најрана возраст. Доенчињата често имаат симптоми на интолеранција веднаш штом ќе им се воведе храна што содржи фруктоза. Дел од симптомите кај овие деца се: жолтило, застој во растот, повраќање, подуеност, гадење, болки во стомакот, зголемување на фруктозата во урината и крвта и др.

Наследната интолеранција на фруктоза може да биде сериозна, доколку не се препознае навреме, бидејќи може да доведе до оштетувања на бубрезите и црниот дроб.

Постои и интолеранција на фруктоза, позната како малапсорпција на фруктоза. Оваа состојба не е предизвикана од недостаток на ензим. Клетките во цревата едноставно не можат да ја разложат фруктозата во храната што се јаде.

Нашиот организам има ограничување колку фруктоза можеме да внесеме и преработиме. Оваа граница е индивидуална кај секој човек. На способноста на нашето тело да апсорбира фруктоза, исто така, може да влијаат и одредени болести, како: целијакија, Кронова болест, воспаление и гастроентеритис, стрес, употреба на антибиотици и др.

Малапсорпција на фруктоза се развива кај возрасни. Ова е една од разликите помеѓу двата вида на интолеранција на фруктоза.

Симптомите од овој тип интолеранција се од фруктозата која не е преработена во целост. Таа ферментира во долниот дел на цревата и се чувствуваат симптоми слични на симптомите на нервозно дебело црево, кога се јаде храна со многу фруктоза, како што се: подуеност, гасови, болка во стомакот, пролив  и слично.

Лицата со интолеранција на фруктоза треба да го ограничат внесот на храната со висока содржина на фруктоза, како што се:

  • овошни сокови
  • овошја со висока содржина на фруктоза (јаболка, грозје, лубеница)
  • зеленчук со висока содржина на фруктоза (аспарагус, грашок, домати, тиквички, праз)
  • засладувачи (агаве сируп, јаворов сипур, мед, кокосов шеќер, високофруктозен пченкарен сируп и др.

Некои намирници кои имаат пониска содржина на фруктоза – како што се цитрусни овошја банани, боровинки, јагоди, моркови, авокадо, боранија и зелена салата – може да се толерираат,кога се земаат во ограничени количини.

Во Авицена Лабораторија е достапен молекуларен тест за детекција на генетска интолеранција на фруктоза. Тестот врши детекција на мутации на гени, одговорни за дефицит на ензимот Алдолаза Б, кој учествува во метаболизмот на фруктоза, сахароза и сорбитол.

Примерок: полна крв

Време на издавање резултат: 2 дена

Секогаш консултирајте се со Вашиот лекар во врска со симптомите и Вашата здравствена состојба.

TORCH е кратенка за збир на инфекции кои можат да се пренесат од заболена бремена жена на плодот и да влијаат на развојот на самиот плод. Причинителите на овие инфекции можат да поминат низ плацентата и да предизвикаат бројни компликации кај бебето, за време на бременоста или при раѓање.

Зборот TORCH е акроним составен од иницијали на следниве инфективни агенси:

• Т – Токсоплазмоза (Toxoplasma gondii)

• О – Останати инфекции – сифилис, варичела, вирус на хепатитис Б , парвовирус Б19 и сл.

• R – Rubella

• C – Citomegalovirus (CMV)

• H – Herpes Simplex Virus (HSV)

TORCH инфекциите може да предизвикаат сериозни последици и оштетувања за време на развоjoт на плодот, како што се:

  • Интраутерина инфекција на ембрионот / фетусот и нарушен развој на фетусот,
  • абортус,
  • предвремено породување,
  • инфекција на новореденчето за време или кратко време по раѓањето

Колку порано се појавуваат и развиваат некои од инфекциите на TORCH за време на бременоста, толку потешки се компликациите и прогнозата.

Toxoplasma gondii

Toxoplasma gondii е паразитоза предизвикана од едноклеточен паразит – наречена Toxoplasma gondii. Мачките се единствените вистински домаќини и во нив зрелите форми на токсоплазма паразитираат во цревата, а се исфрлаат во надворешната средина преку измет.

Од надворешната средина, заразни паразити достигнуваат до домаќинот (човек). Ако бремена жена се зарази со овој паразит, истиот може да помине низ плацентата до фетусот Токсоплазмозата, која се јавува во првиот триместар од бременоста, може да доведе до тешки форми на фетална болест и да резултира со спонтан абортус и губење на плодот. Класичната тријада на фетална инфекција, која се манифестира со сериозно оштетување како хидроцефалус (зголемен волумен на течност во черепот), хориоретинитис (оштетување на окото) и интрацеребрална калцификација (таложење на калциум во мозокот), најчесто се јавува во вториот триместар од бременоста .

Бебињата заразени во третиот триместар од бременоста се раѓаат со благи симптоми или без клинички симптоми. Треба да се нагласи дека релативно висок процент на заразени деца не покажуваат знаци на дефекти при раѓање. Оштетувањето може да се манифестира со месеци или години по раѓањето.

Рубеола

Рубеола е акутно заразно вирусно заболување и се манифестира со појава на осип што обично трае од 1 до 3 дена.По воведувањето на вакцината против рубеола, болеста ретко се развива.

Трансплаценталното пренесување од мајка на фетус може да доведе до сериозни компликации.

Рубеола во првиот триместар од бременоста може да предизвика благи, но и сериозни нарушувања во развојот на разни фетални органи што може да резултира со спонтан абортус. Ризикот од развој на нарушувања во развојот на фетусот постои со инфекцијата до 20-та недела од бременоста. Клиничките манифестации обично вклучуваат: срцеви мани, дефекти на очите, од кои најчеста е катаракта, ментална ретардација и губење на слухот, што понекогаш може да се манифестира само во првите години од животот.

Citomegalovirus (CMV)

Цитомегаловирусот е вирус од семејството на херпес вируси. Вирусот може да се пренесе од заразена мајка на фетус за време на бременоста, за време на породувањето (со поминување на новороденчето низ родилниот канал), како и по раѓањето, преку доење, бидејќи вирусот се излачува во мајчиното млеко.

Инфекцијата за време на бременоста е голем проблем, бидејќи инфекцијата на мајката е обично асимптоматска, а фетусот може да се оштети во сите фази од бременоста.

Последица на оваа инфекција може да биде смрт на фетусот, но и дефекти на централниот нервен систем, микроцефалија, ментална ретардација, глувост и оштетување на видот. Дел од новороденчињата немаат симптоми при раѓање, но знаците на болеста се појавуваат подоцна.

Herpes simplex virus (HSV)

Herpes simplex virus (HSV) е дел од семејството на херпес вируси. Вирусот ретко се пренесува на фетусот за време на бременоста. Инфекцијата најчесто се јавува при породување, со поминување на новороденчето преку родилниот канал на мајка со активна инфекција на гениталиите со вирус херпес симплекс, но инфекцијата на фетусот може да се појави во првите три месеци од бременоста, што може да доведе до спонтан абортус и губење на плодот. Неонаталниот херпес е тешка системска инфекција на новороденчето во која доминираат симптомите на инфекција на централниот нервен систем. Може да се развие менингоенцефалитис со треска и невролошки нарушувања. Исто така, пријавени се случаи на неонатална сепса во присуство на вирусот на херпес.

Кога и како се прави TORCH тестот?

Тестирањето за TORCH инфекција се прави со примерок од крв и овозможува откривање на присуство и мерење на нивото на одредени антитела. Овој тест влегува во групата скрининг тестови за сите трудници.

Со ова тестирање, можете да дојдете до информација дали во моментов има инфекција, како и дали инфекцијата некогаш била присутна. Во зависност од класата на антитела, може да се процени фазата на инфекција, присуството или отсуството на имунолошки одговор на одреден патоген.

Најдобро е да се изврши тестот пред зачнувањето, бидејќи откривањето на антитела во текот на првиот триместар од бременоста може да создаде конфузија, па дури и да доведе до неоправдано прекинување на бременоста. Раното откривање и лекување на TORCH инфекции е клучно за правилен развој на фетусот и здравјето на бебето за време на бременоста и по раѓањето. Бидејќи овие инфекции можат да имаат сериозни последици врз потомството, се препорачува секоја жена, пред зачнувањето, да направи TORCH тест.

Без закажување на термин достапен во сите лаборатории на Авицена Лабораторија

CommonPass овозможува да го документирате вашиот COVID-19 статус со цел да може да патувате во други земји и да одговорите на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја вашата приватност.

Со CommonPass на едноставен начин може да ги преземете резултатите од направениот COVID-19 тест во Авицена Лабораторија, и да го покажете вашиот здравствен статус на влез во друга држава без да откривате други лични здравствени информации.

CommonPass потврдата е дигитален доказ дека едно лице има негативен резултат од направен тест.

CommonPass потврдата е:

  • во дигитална и/или печатена форма
  • со QR код
  • бесплатна
  • на англиски јазик
  • безбедна и сигурна

CommonPass е дизајниран да ја штити приватноста на податоците и да ги задоволува регулативите за приватност на податоците, придржувајќи се кон следниве принципи на приватност: Податоците се чуваат или споделуваат само со изречна согласност, се користи само минимален износ на лични податоци за каква било трансакција. Лични здравствени информации се зачувуваат само на изворот на податоци или на телефонот на корисникот. Податоците се чуваат само до оној степен што е неопходен и никогаш не се користат за друга намена. За повеќе информации прочитајте тука

Во моментот, резултатите од COVID-19 тестови често се презентираат на печатена хартија или фотографии од хартија од непознати лаборатории, напишани на странски јазици за оние кои ги проверуваат. Нема стандарден формат или систем за сертификација за резултатите од лабораторијата. Дополнително, евиденцијата за вакцинација генерално се споделува на хартиени картички кои можат лесно да се фалсификуваат. Бидејќи земјите работат на релаксирање на ограничувања на границите и барањата за карантин, им треба посигурен модел за потврдување на здравствениот статус на патниците што доаѓаат. The Commons Project Foundation и Светскиот економски форум соработуваат за создавање глобална мрежа на даватели на тестирања, даватели на вакцини и регистри на јавно здравје како дел од напорите за безбедно поврзување на светот.

*Содржината е преземена од https://commonpass.mk/mk

Почнувајќи од 22.6.2021 година Авицена Лабораторија стана дел од мрежата на доверливи партнери на CommonPass. Со ова дополнително се потврдува дека резултатите издадени од страна на Авицена Лабораторија, се меѓународно признати за патување во странство.

Резултатите за COVID-19 издадени од Авицена Лабораторија се добиваат со бесплатен превод на англиски јазик – во електронска или оригинална форма, со сертификат од Commonpass во оригинална форма и дополнително можат да се валидираат дигитално преку апликацијата на CommonPass.

Како да добиете дигитална верифицирана потврда преку CommonPass app:

1. Направете тест за COVID- 19 во Авицена Лабораторија
2. Преземете ја мобилната апликација CommonPass на вашиот мобилен телефон
3. Согласност со Услови на користење
  • Кликнete „Се согласувам“ за да продолжите понатаму. Доколку биде избрана опција „Не се согласувам“, не може да се креира CommonPass.
4. Иницирајте креирање на CommonPass потврда

По прифаќање на условите за користење, апликацијата те пренасочува на блокот „Дома“ (Home screen). Оттука, можеш да креираш нова CommonPass потврда или да ги користиш постојните потврди. За да иницираш процес на креирање CommonPass потврда, избери ја иконата со знакот „+“ (горен десен агол).

Иконите во долниот дел од екранот ги прикажуваат потврдите според тип (летови, тестови)

5. Избери причина за CommonPass

На прашањето „Зошто ти е потребна CommonPass потврда?“, треба да избереш опција во зависност од потребата (на пример, избор авионски лет).

6. Преземи ги резултатите од направениот тест во Авицена Лабораторија

Скенирај го твојот QR код од резултатите од тестот

7. Вашиот CommonPass е успешно креиран!

Доколку вашиот COVID-19 тест е негативен, се креира CommonPass дигиталната потврда.

8. Креирај CommonPass дигитални потврди за целото семејство

Мобилната апликација има опција за креирање дигитални потврди за повеќе лица.

Примерок на резултат од направен COVID-19 тест во лабораторија

LAB TEST

SARS-CoV-2 во својата структура содржи четири видови протеини:

  • Membrane protein – М,
  • Envelope protein – Е,
  • Spike protein – S,
  • Nucleocapsid protein –N.

Spike protein –S  се состои од две подединици, S1 и S2. SARS-CoV-2 вирусот се врзува за рецепторите на човечките клетки со помош на (се наоѓа на) S1 под-единицата на протеинот.

Истражувањата покажуваат дека телото најчесто произведува IgG антитела кон Spike protein- S и Nucleocapsid protein –N како дел од борбата против вирусот SARS-CoV-2, но во одредена мера произведува и антитела на Membrane protein – М, и Envelope protein – Е.

Со оглед на фактот дека улогата на Spike proteinot-S е да дозволи да се поврзе со површината на клетката како и да дозволи вирусот да навлезе во клетката, антителата кои ја таргетираат S1 под-единицата на Spike protein-от имаат најважна улога во борбата на организмот против вирус, бидејќи оневозможуваат вирусот да навлезе и да ја инфицира клетката. Затоа, овие антитела затоа се нарекуваат неутрализирачки антитела.

Авицена Лабораторија во периотот од 17.6.2021 до 4.7.2021 година овозможува бесплатна проверка на токму овие IgG (Spike protein) антитела со секој направен PCR тест во нашата лабораторија. Тестот за неутрализирачки SARS-CoV-2 IgG антитела во Авицена Лабораторија докажано ги мери токму овие неутрализирачки антитела (кон „S-RBD” фрагментот oд вирусот) и дава информација за нивната точна концентрација (тестот е квантитативен).

Тестот се работи со комплетно автоматски имунолошки анализатор, има исклучително висока специфичност и сензитивност и има докажана силна корелација со класичните тестови за неутрализација на вирусот.

Ова е високосензитивен тест што дава информација за имунолошкиот одговор на организмот по контакт со вирусот, односно по спроведена вакцинација.

Напомена:

Резултати од лабораториски анализи, направени во различни лаборатории не треба да се споредуваат, бидејќи референтните вредности во секоја лабораторија зависат од инструментите, методот и тестовите кои се користат.

Секогаш консултирајте се со Вашиот лекар во врска со Вашата здравствена состојба.

Chlamydia trachomatis

Инфекцијата со хламидија е предизвикана од патогената бактерија Chlamydia trachomatis, која предизвикува инфекции на урогениталниот тракт , очите и зглобовите кај возрасните, како и инфекции кај новороденчињата.

Болеста најчесто се пренесува сексуално. Едно лице може да се зарази кога бактериите доаѓаат во контакт со мукозните мембрани на устата, грлото, анусот, уретрата или вагината. Инфекција со хламидија – Chlamydia trachomatis е една од најчесто дијагностицираните сексуално преносливи болести во светот.

Се проценува дека приближно 700 милиони луѓе се заразени со хламидија, приближно 50 милиони новоинфицирани годишно. Стапката на инфекција е највисока кај луѓе под 25-годишна возраст.

Симптоми на инфекција со хламидија

Симптомите на инфекција со хламидија може да бидат лесни или тешки, додека кај некои луѓе тие се целосно отсутни. Присуството на асимптоматска инфекција доведува до пренесување на инфекцијата од едно на друго лице пред да се дијагностицира. Хронична инфекција може да доведе до сериозни компликации и воспаление на карличните органи кај жените, како и неможност за зачнување и стерилитет.

Кај мажите, бактеријата главно живее во клетките на уретрата (уринарен тракт), простатата и семенските везикули, предизвикувајќи уретритис, епидидимитис и простатитис. Инфекциите со хламидија кај мажите се често асимптоматски, но има студии кои укажуваат дека предизвикуваат секундарна неплодност.

Кај жените, бактеријата претежно живее во грлото на матката или јајцеводите, предизвикувајќи воспаление на овие органи. Симптомите кај жените вклучуваат слузно-гноен вагинален секрет, отежнето мокрење, непријатен и болен полов однос, вагинално крварење, болка во долните делови на абдоменот. Ширејќи се од грлото на матката, бактеријата може да дојде до јајцеводите и да предизвика затворање на каналите што може да манифестира со ризична бременост или неплодност. Освен тоа, постои јасна врска помеѓу инфекциите со хламидија за време на првиот триместар од бременоста и раните абортуси.

Како до прецизна дијагностика за навремено спречување на ширење на инфекцијата?

1.Tест за детекција на C.trachomatis со директна имунофлуоресценција

Високоспецифичен и сензитивен тест во рутинска детекција на хламидии, кој се работи од генито-уринарни примероци и брис од конјунктива.

2. Серолoшки тестови за антитела кон C.trachmatis

Серолошките тестови за антитела кон хламидија, укажуваат на имунолошки одговор на организмот, при акутна или мината инфекција.

3. PCR молекуларен метод на детекција на  C.trachmatis

Молекуларните тестови се високоспецифични и високосензитивни тестови за детекција на генетскиот материјал (ДНК) на самиот микроорганизам, при што резултатот се добива за само 2 часа.

Во Авицена Лабораторија е достапен нов молекуларен тест, CE-IVD сертифициран и супериорен по својата сензитивност и специфичност.

Консултирајте се со Вашиот лекар / гинеколог во врска со Вашата здравствена состојба.

Кои се најчестите лабораториски анализи кои се изработуваат во Авицена лабораторија од почетокот на пандемијата па сè до денес?

Од почетокот на пандемијата до денес, како се менуваше сликата во светот и кај нас, така се менуваа и барањата на пациентите и лекарите, во однос на лабораториските анализи.

Уште од самиот почетокот на пандемијата во Авицена лабораторија се работат молекуларни PCR тестови, кои се уште се актуелни и секојдневно се изработуваат. Во прилог на овие тестови, на лекарите и пациентите им се потребни и ги бараат тестовите за концентрација на антитела во крвта на пациенти кои знаат (или не знаат) дека биле во контакт со вирусот. Секојдневно се изработуваат широк дијапазон на биохемиски и имунолошки анализи кои служат за следење на состојбата кај пациентите со COVID-19.

Иако пандемијата со COVID-19 трае, секако тука се и сите останати пациенти, кои ја посетуваат нашата лабораторија за секоја друга состојба, која не е поврзана со SARS-CoV-2. Да не ги заборавиме пациентите кои имаат различни хронични незаразни заболувања и на кои им е потребно е да ја следат својата состојба.

Потоа, тука се сите сите рутински и специфични анализи за деца и возрасни, трудници, сите видови микробиолошки анализи, останатата молекуларна дијагностика и друго.

Дали пациенти позитивни на COVID-19 може да дојдат во лабораторијата за други лабораториски анализи?

Во изминатите неколку месеци обезбедивме нов и целосно одвоен простор за прием на пациенти за COVID-19, комплетно физички одвоен од останатиот простор на лабораторијата, со површина од 260m², а остваривме и повеќе инвестиции во моќни системи за вентилација, дезинфекција, заштитна опрема, најнова технологија за обработка на материјали. Пациенти позитивни на COVID-19 кои имаат потреба од други лабораториски анализи, се примаат токму во овој дел. Постои и можноста нашите мобилни екипи да земат материјал за анализа во домашни услови без разлика дали се работи за пациенти позитивни на вирусот или редовни лабораториски испитувања.

Сите пациенти на кои им се потребни лабораторски анализи кои не се поврзани со COVID-19, се примаат редовно преку главниот влез на лабораторијата. Од неодамна, се прошири капацитетот за прием на поголем број пациенти и во овој дел, со што моментов имаме на располагање 9 простории за земање материјал за анализа, само во лабораторијата во Тафталиџе. Со ова се намалува времето на чекање, имајќи го предвид фактот дека во услови на пандемија, бројот на лица кои чекааат за услуга во затворен простор мора да се ограничи.

Кои други лабораториски анализи се потребни кај пациентите со COVID-19 и што ни кажуваат тие?

Биохемиското следење на пациентите со COVID-19 со помош на лабораториски тестови е клучно за проценка на сериозноста и прогресијата на болеста, како и за следење на третманот. Одредени лабораториски тестови се поврзани со неповолна прогресија на COVID-19 и даваат важни прогностички информации. Вообичаено, потребно е да се направи основната палета на лабораторски анализи, кои ни даваат увид во општата состојба на организмот, ни посочуваат дали се работи за бактериска или вирусна инфекција, но и даваат информација за степенот на тежина на болеста и евентуална прогноза во која насока се движи болеста, со цел лекарите навремено да интервенираат.

Најчесто, на пациентите им се прави крвна слика со седиментација, маркери на воспаление (CRP, Д-Димери, феритин), анализа на одредени ензими и анализи кои укажуваат на функцијата на црниот дроб, бубрезите, срцевиот мускул и друго. (АSAT, ALAT, LDH, CK-MB, Troponin).

Постојат и специфични анализи како што е Интерлеукин-6, кој дава информација за степенот на имунолошкиот одоговор и е предиктор на таканаречената „Цитокинска бура” , која всушност претставува прекумерен имунолошки одговор на организмот и е причина за голем број на неповолни исходи. Со следење на овој параметар, може да се следи кога состојбата кај пациентот се влошува и да се преземе соодветен третман навремено.

Кај пациентите кои се болни од COVID-19 или оздравеле, често се споменуваат Д-димерите како анализа. Што е важно да знаеме за Д-димерите?

Згрутчувањето (коагулацијата) на крвта претставува природен и заштитен механизам на организмот од искрварување. Кога постои оштетување на ѕидот на крвните садови, настанува слепување на крвните плочки (тромбоцити), фибрин (мрежа од фибрински нишки) и активација на многу механизми, чија крајна цел е да настане „чеп“ кој ќе го запре крварењето.

Д-димери претставуваат фрагменти, делови од деградација на фибринот и детекција на зголемени нивоа се знак дека се активира системот за коагулација (можеби и прекумерно).

Нормални нивоа на Д-димери кај здрави возрасни лица се 0,5 mg/L FEU.

Зголемени нивоа на Д-димери кај пациенти со COVID-19 најчесто е знак дека постои ризик за формирање на тромби, кои можат да се разнесат со циркулацијата и да предизвикаат зачепување на некој крвен сад. Затоа, по направен преглед од лекар-специјалист треба да се даде соодветна терапија и да се третира оваа состојба.

Многу е важно да се напомене дека различни лаборатории може да користат различни методи, инструменти, технологии, па затоа може да има различни референтни вредности и тестови за одредување на Д-димери и затоа не треба да се врши споредување на резултати од различни лаборатории и да се внимава во кои единици е изразена вредноста.

Зошто се важни тестовите за антитела за COVID-19?

Комбинацијата на двата типа на тестови (со брис – PCR и антитела) дава целосна и реална слика за случувањето во организмот на човекот, така што имунолошките и молекуларните тестови се комплементарни и се надополнуваат едни со други. Ако со молекуларните тестови се врши детекција на присуство на самиот вирус или дури и само секвенца од РНК на вирусот, со помош на мерењето на концентрацијата на антителата, се добива увид во тоа дали организмот бил во контакт со вирусот и каков е имунолошкиот одговор на организмот во борбата со овој вирус.

Имунолошките тестови кои се работат во Авицена Лабораторија се „CЕ“-сертифицирани и се работат на целосно автоматски имунолошки анализатор на производителот Siemens Healthineers.

Tестовите имаат исклучително висока клиничка сензитивност и специфичност.

Она што е од исклучителна важност да се напомене е дека  единствено во Авицена Лабораторија се работат тестови за мерење на концентрацијата на таканаречени неутрализирачки IgG антитела кон COVID-19 на производителот Siemens – како најнова генерација на тестови од овој тип.

COVID-19 обично стимулира имунолошки одговор со создавање многу антитела кои дејствуваат како армија за да помогнат во борбата против вирусот-сепак, само мала подгрупа од тие антитела се способни за неутрализација, односно, мал број од овие антитела можат да го блокираат вирусот и на тој начин да спречат да зарази дополнителни клетки.

IgG тестот за антитела на компанијата Siemens Healthineers, докажано ги мери токму овие неутрализирачки антитела и дава информација за нивната точна концентрација.

На крај, сакам да напоменам дека многу е важно пациентите да бидат во постојана комуникација со својот лекар и да ги почитуваат сите препораки и насоки од лекарите.

Да се грижат за своето здравје, да ги прават потребните контроли и проверки и да го чуваат своето здравје и здравјето на своите најблиски.

Лабораториски анализи кај COVID-19

Суштинската улога на клиничките лаборатории во оваа пандемија не е само во тестовите за детекција на самиот вирус, туку и во следење на пациентите во секоја фаза на заболувањето.

Биохемиското следење на пациентите со COVID-19 со помош на лабораториски тестови е клучно за проценка на сериозноста и прогресијата на болеста, како и за следење на третманот. Одредени лабораториски тестови се поврзани со неповолна прогресија на COVID-19 и даваат важни прогностички информации.

Подолу е вклучена препорачана листа за лабораториски тестирања заснована на тековната литература (International Federation of Clinical laboratories IFCC) заедно со главните лабораториски абнормалности, кај возрасни пациенти со COVID-19.

Посебно е важно да се истакне дека покрај најчестите рутински лабораториски тестови, новите докази сугерираат дека пациентите со тежок COVID-19 може да бидат изложени на ризик од синдром на цитокинска бура.

Тестовите за цитокини, особено тестот IL-6, треба да се користат каде што е можно за да се процени состојбата кај тешко болните пациенти со COVID-19.

ЛАБОРАТОРИСКА АНАЛИЗАНајчести ОТСТАПУВАЊА кај COVID-19
Комплетна крвна сликаЗголемен број на неутрофили (леукоцитоза со неутрофилија)Намален број на лимфоцитиНамален хемоглобинНамален број на тромбоцити
CRP ( Ц-реактивен протеин)Зголемување – маркер за воспаление
ASAT, ALATЗголемување –ензими за функција на црниот дроб
LDHЗголемување – маркер за црниот дроб или мултиорганско зафаќање
Уреа, КреатининЗголемување- маркери за бубрежна функција
Вкупен билирубинЗголемување –зафаќање на функција на црн дроб
АлбуминНамалување – зафаќање на функција на црн дроб
Д-димерЗголемување – знак за активација на системот за коагулација
PT, aPTTЗголемување – знак за активација на системот за коагулација
ПрокалцитонинЗголемување – маркер на бактериска инфекција (суперинфекција), диференцијација помеѓу вирусна или бактериска инфекција
ФеритинЗголемување – маркер на воспаление
Интерлеукин 6 (IL-6)Зголемување – маркер за воспаление, предиктор на цитокинска бура
Срцев Тропонин, CK-MBЗголемување – маркер за оштетување на срцевиот мускул
Гасни анализиЗа проценка на оксигенација и прилагодување на вентилација

Важна напомена: Секој лабораториски резултат треба да се толкува во склоп со клиничката слика и наоди од други дијагностички методи.

Задолжително консултирајте се со Вашиот лекар во врска со Вашата здравствена состојба, толкување на резултатите, симптомите и третманот.

Пациентите со COVID-19 можат да ги направат сите потребни лабораториски анализи во текот на лекувањето, во делот за COVID-19 кој е одвоен од останатиот дел на лабораторијата. Анализите се прават само со претходно закажан термин на:

 ? 071/278-529 078/218-731 ? 071/269-623 ? 072/319-850

Оваа услуга е достапна во следните лаборатории:

– Населба Тафталиџе во Скопје (локација 1), секој работен ден и сабота од 07.00 до 19.00 часот

– Тетово (локација 3), од понеделник до петок од 08.00-14.00 часот, во сабота од 08.00-13.00 часот